Во врска со спроведениот илегален инспекциски надзор од страна на Државниот инспекторат за локална самоуправа во македонските општини каде заклетвите, т.е. свечените изјави на новите советници, се потпишани со името „Република Македонија“ го истакнуваме следното:
– Согласно член 5 од Законот за Државниот инспекторат за локална самоуправа, Инспекторатот е надлежен да врши надзор над законитоста на прописите на општините и постапката за нивно донесување. Под прописи на општината законот подразбира: „статут, програми, планови, одлуки, решенија, заклучоци и други општи акти што ги донесува Советот на општината и актите со кои се воспоставува меѓуопштинска соработка, како и конкретните акти што ги донесува градоначалникот на општината за извршување на актите на советот“. Од наведениот законски текст произлегува дека заклетвата дадена од страна на советниците не претставува пропис донесен од општината, туку еднострана и деклараторна изјава на волја зад чија форма и содржина, пропишани со закон, стои со свој потпис советникот. Оттука, de iure и de facto, Инспекторатот воопшто не е надлежен да врши инспекциски надзор и да ја оценува содржината на заклетвата! Значи, со конкретното постапување инспекторите излегуваат надвор од своите законски овластувања и должности и истите, по промената на власта, ќе сносат соодветни правни последици.
– Согласно воспоставена пракса во законодавниот дом на Републиката – да не се користи придавката „Северна“ во официјалните називи на правните акти каде сè уште не е извршена соодветна промена, и согласно уставниот принцип дека секој е должен да ги почитува законите – сите општини, градоначалници и советници се должни да го почитуваат системскиот Закон за локална самоуправа, кој се носи со 2/3 мнозинство, а во чиј член 38 сè уште изрично стои името „Република Македонија“. Тоа значи дека, со ниту една одлука или решение на институциите на извршната власт не може и не смее да се натераат општинските советници да постапат спротивно на текстот на законот!
– Дополнително, во официјалниот одговор од Министерството за локална самоуправа, постапувањето на Инспекторатот малициозно го правдаат со веќе донесено Решение на Уставниот суд на РМ – У. бр. 115/2006. Наведеното уставносудско решение во никој случај не може да претставува репрезентативен доказ по аналогија, бидејќи истото се однесува на ситуација во која советник воопшто не ја потпишал свечената заклетва која ја бара законот. Во сегашните случаи не станува збор за непотпишување на свечена заклетва, туку напротив – станува збор за потпишување на истата со целосно и доследно применет законски текст! Оттука, ваквиот конкретен одговор од ресорното Министерство и самото постапување на Инспекторатот може да се квалификуваат единствено како тотално непознавање на позитивните законски прописи во државата и како обид, со дрска закана и присилба, користејќи ја позицијата на власт, да ги принудат општинските советници на постапување спротивно на законот.
– Напоменуваме дека мандатот на советниците го даваат единствено граѓаните, на локални избори, а со самото тоа што на советниците веќе им е издадено правовалидно Уверение од Општинските изборни комисии и мандатот им е веќе верификуван – тие се сметаат за полноправно избрани, со целосни ингеренции и јавни овластувања да ги вршат своите законски права и обврски, меѓу кои и правото на глас!
Од горенаведеното произлегува дека доколку Инсепкторатот, Министерството и Владата на РМ сметаат дека текстот на Законот за локална самоуправа не е во согласност со Уставот тогаш тие може да го оспорат пред Уставниот суд. Исто така, Владата има и легитимно право, во собраниска законодавна процедура, да поднесе предлог за измена на истиот, а не насилно да се обидува да спроведува свои штетни погубни идентитетски политики, со кои ќе ги присили општинските советници да работат противзаконито и спротивно на задолжителната референдумска волја на народот.
ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА
17ноември, 2021