Украинскиот политичар, Александр Онишченко кој фигурира на листата на санкции на САД и се бара со потерница од Украина за перење пари, во Македонија добил државјанство како истакнат спортист кој се натпреварува како македонски репрезентативец во коњички скокови.
Онишченко аплицирал за македонско државјанство и петнаесет месеци АНБ вршела безбедносна проверка, но не нашла ништо спорно, иако е доволно само да му го напишете името на интернет пребарувач и ќе ги прочитате контроверзиите коишто го следат. Оттука, директорот на АНБ, Виктор Димовски нема изговори за тоа, како овие лесно достапни информации биле невидливи за нив.
Другото објаснување, е дека системот е длабоко корумпиран. Од АНБ, на чело со Димовски знаеле точно кој е Онишченко, но корупцијата одиграла главна улога.
Иницијативата за државјанство ја поведува Федерацијата за коњички спортови преку Ристо Јосифовски, претседател на федерацијата. Во мислењето испратено до владата, АНБ се повикува на коњичката федерација.
Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Наумче Мојсовски вели дека тие не дале позитивен одговор за стекнување државјанство, ниту доставиле докази за успесите на барателот на државјанство. Но, од друга страна, владата во својата одлука за државјанство ги потенцира токму позитивното мислење на АМС, што е контрадикторно.
Претседателот на МОК, Даниел Димевски, вели дека комитетот дал позитивна оцена дека овој човек може да се пласира на Олимпијада под македонското знаме, иако немале потврда од АМС за успесите на спортистот, па е нејасно на која основа е дадена позитивната оцена.
Министерот Спасовски контроверзно вели МВР не е надлежно, одговорноста да се бара кај четирите спортски и разузнавачки институции, а дека немало ниту меѓународна потерница – иако тој е баран со потерница од Украина за перење пари.
Директорот на АНБ, Виктор Димовски кој многу скоро треба да стане амбасадор во Франција мора да ги расчисти дилемите. Од четири институции, од кои е добиено позитивно мислење, главната одговорност е врз АНБ.
17.11.2022г.