Партизираното претпријатие „Национални Шуми” 40 години нема спроведено попис на шумите

Национални Шуми Македонија

Државното јавно претпријатие „Национални шуми“, наместо да биде во функција на заштита на шумскиот фонд, претставува биро за вработување на нестручни партиски кадри, поради што претпријатието работи неефикасно и со огромни загуби. Почнувајќи од самото раководство, во претпријатието доминира партиски кадар, додека шумарски инженери речиси и да нема.

Самите ревизори неколку години континуирано алармираат дека постојат голем број неправилности во работењето, меѓу кои немањето веродостојна методологија за утврдување на објективната вредност на шумите, како и фактот дека последен попис на шумите е направен пред 40 години. Дополнително, и покрај законската обврска ЈП „Национални шуми” да издвојува три проценти од вредноста на исеченото дрво и сумата да ја уплаќа во Фонд за проширена репродукција на шумите, тоа никогаш не е направено.

Според државната статистика, легалното произведено дрво постојано се намалува, па во 2019 година се спушти на 900.000 м3, што е најниско ниво во последните 20 години. Ваквиот простор го пополнуваат криминалните групи, за кои одредени анализи покажуваат дека криминалниот бизнис со нелегална сеча им носи приход од речиси 70 милиони евра.

Дека ваквите претпријатија намерно и планирано се доведуваат до раб на неодржливост, покажува и фактот дека истото има големи трошоци за производство поради превработеност и дрвото било продавано по цена пониска од производната. На овој начин, додека се пренатрупуваат партиски кадри, претпријатието вештачки се прави нерентабилно и се прогласува за загубар, што е главен изговор на властите за приватизација на ваквите јавни услуги.

ЈП „Национални шуми” има 1.800 редовно вработени работници, а во текот на минатата година, која беше година на здравствена криза, беа ангажирани дополнително 446 лица. Иако производството на ова претпријатие и неговите приходи постојано се намалуваат, нерационалните расходи за стимулирање партиски вработувања континуирано се зголемуваат. Изминатата година, претпријатието за прв пат по подолго време ја заврши со загуба од 83,4 милиони денари, за разлика од една година претходно, кога добивката изнесувала 24,7 милиони денари.

Левица се залага за:
1. Итна измена на член 66 од Законот за шуми поради несоодветна контрола на сечата од страна на физички лица;

2. Целосна трансформација на ЈП „Национални шуми”, изготвување на нова систематизација на работните места поради несоодветниот стручен кадар – наместо партиски војници со несоодветно образование да се вработуваат шумарски инженери;

3. Внатрешна и надворешна контрола/ревизија на доделување тендери на приватни фирми за сеча, превоз и достава на дрвна маса. На овој начин ќе се спречи досегашната масовна злоупотреба на тендерите и секојдневната бесправна сеча;

4. Забрана за сечење на дрвореди во урбани градски средини;

5. Трајна забрана за т.н. гола сеча (чиста сеча) на шуми и кории;

6. Целосна ревизија и утврдување на фактичката со­стојба со шумскиот фонд, со цел утврдување на загуби­те и преземање итни мерки за пошумување;

7. Зголемени инвестиции во капацитетите за борба против шумската мафија која делува како организи­ран криминал;

8. Зголемување на површини покриени со високосте­блести шуми, особено околу урбанизираните подрачја – преку организирани редовни акции за планско пошу­мување.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА – ЗЕЛЕН СЕКТОР
21 јуни, 2021

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ