Случајот „Бехтел и Енка“ илустрација на коруптивната испреплетеност помеѓу домашните и странски функционери

335610566_196624226329164_2579082964127020706_n

Loading

Тагови:

Донирај онлајн

Владата, предводена од ДУИ и СДСМ, неодамна потпиша меморандум со американско-турскиот конзорциум „Бехтел и Енка“ за изградба на автопатски делници од Коридорот 8, како и од Коридорот 10.

Низ процесот на развивањето на овој случај се отсликува целокупната испреплетена мрежа на корупцијата и криминалот на сите нивоа на власта и институциите. Дополнително, низ овој случај се оцртуваат и истакнуваат интимните врски помеѓу домашната внатрешна политичка сцена и глобалната политика – врска илустирана низ енормна корупција како директна последица од учеството на САД во субверзија на судството, политичкиот систем, највисоките институции на државата и поддршката на коруптивните политички сојузи и мрежи помеѓу владејачките партнери ДУИ и СДСМ.

Се разбира, крајната цел на ваквите маневри на американските дипломати се нивните политички и комерцијални интереси на штета на Македонија и македонскиот народ.

Се почна со т.н. Специјален закон во Собранието, преку кој, Владата на СДСМ и ДУИ, заобиколувајќи го Законот за јавни набавки, му овозможи на контракторот „Бехтел и Енка“ директно, без распишување на тендер да го добие договорот за изградба на автопатите. Државната комисија за спречување на корупција, летоска пред Уставниот суд го оспори специјалниот закон. Знаејќи ја состојбата во нашето судство, особено искуството со Уставниот суд, сосема очекувано, Судот не виде ништо спорно во планот на СДС и ДУИ да градат автопати со државни пари без тендер.

Кога сме кај „европските практики“, со кои редовно е полна устата на владините функционери, да посочиме дека ваквата практика на директно договарање е и анти-европска. Пример за тоа е случајот во Хрватска, каде токму оваа компанија, Бехтел, во 1998 година, гради еден пат, со директен договор и без наддавање, и кога хрватскиот шеф на дипломатијата лобира за втор договор со Бехтел по урнек на првиот, се открива дека тој претходно работел за вашингтонската правна фирма „Патон Богс“, која имала договор за лобирање со Бехтел. Под притисок на ЕУ, Хрватска се откажува од планот за директно договарање и распишува меѓународен тендер.

Се поставува прашање и за економската исплатливост на овој проект. Имено, не само што не се знае како ќе се гради, државата не знае ниту колку точно ќе чини изградбата на 110 километри автопатишта. Проектот првично е оценет на 1,3 милијарди евра. Притоа, во оваа сума не се пресметани дополнителните 300 милиони евра кои државата треба да ги одвои за експропријација на имотите на кои ќе се градат автопатиштата.

Капак на бурето полно со корупција и криминал во овј случај се чини е надзорот. Имено, „Евро консалтинг“, заедно со домашната „Електра Солушн“ и шпанската „Ептиса“ се дел од конзорциумот на италијанската ИРД кој го доби тендерот за надзор на автопатиштата што ќе ги гради „Бехтел и Енка“.

За две лица, како дел од оваа фирма за надзор, се водат кривични пријави. Едната е за газдата на „Евро консалтинг“, Бранислав Димитријевиќ, кој е баран во Ерменија поради измама од голем обем при изградбата на коридорот Север – југ, направена кога тој бил тим лидер на конзорциумот за надзор „Савеж – Ептиса“. Додека пак, другиот случај е за поранешниот управител на истата фирма, Марјан Иванов, кој во Македонија се води како осомничен во истрага за барокната фасада на Владата.

Поради сето ова, предупредуваме дека целиот проект ќе нанесе голема штета на јавниот интерес за сметка на приватните бизнис интереси. Оттука, посочуваме на потребата од суспендирање и поништување на сите одлуки во врска со овој план на Владата на СДСМ и ДУИ.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА

14.03.2023

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ