После милиони народни пари доделени на приватниот сектор на стопанството, алчноста за профит не стивнува, неодржливоста на цената за живот ги прави пакетите за „спас“ на економијата – неоправдани. Трошоците за живот во март годинава, споредбено со претходните месеци, но и со истиот месец во 2020 година, бележат пораст. Според официјалните податоци објавени на почетокот на овој месец, индексот на трошоците за живот во март 2021 година, во однос на претходниот месец, изнесува 100.5, а индексот на цените на мало изнесува 100.6.
Малопродажните цени на прехранбените и безалкохолните пијалоци во првиот квартал годинава со првиот квартал минатата година се зголемија за 2,0%, а високи 6,7% изнесува зголемувањето на цените на алкохолните пијалоци и тутунот.
По поединечни ставки, најголемо зголемување во минатиот месец е забележано кај цените на маслата и мастите. Така во март, цените се зголемиле за 14,0% во однос на март минатата година, односно за 13,7% на квартално ниво.
Цената на електричната енергија во првите три месеци годинава е зголемена за 7,4%, а значително зголемување има и кај здравствените услуги и медицинските производи. Така, вонболничките цени на здравствени услуги се зголемиле за 3,4% во споредба со првиот квартал минатата година, фармацевтските производи за 3,0%, а кај другите медицински производи забележан е пораст од 2,3%. Индексот на трошоците на животот во март 2021 година, во однос на март 2020 година, бележи зголемување од 2.1 %, а индексот на цените на мало бележи зголемување од 2.6 %. Се ова се случува додека Македонија се наоѓа на дното во просечна плата во регионот.
Сликата за економското секојдневние на обичниот работен народ е повеќе од загрижувачка и е резултат на деценискиот брак помеѓу политичката и економската елита во Македонија.
ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА – СЕКТОР ЕКОНОМИЈА
16 април, 2021