Со прекршочните казни за фирмите кои работат со мазут само се замајува јавноста

Љупчо Монгол

Скандалот со увоз на токсично масло ја откри системската неправилност кога е во прашање заштитата на здравјето на граѓаните, наспроти бизнис – интересите на поединци. Уште ниту еден раководител на државна институција не понесе одговорност за организираното труење на граѓаните, кое очигледно се спроведувало со дозвола од највисоките еншалони на власта.

Катстрофално менаџирање со институциите покажува и фактот што Пазарната инспекција немала воопшто финансиски ресурси, односно имала пари да тестира околу десетина мостри годишно. Само во 2019 година биле увезени вкупно 1,2 милони тони нафтени деривати, од кои што 80,000 тони биле мазут. Тоа што државната лабораторија е ставена на располагање на Бирото за метрологија, наместо на Пазарниот инспекторат, открива дека ваквата нефункционалност во системот е намерно и свесно предизвикана.

Прекршочни казни беа изречени против седум комапнии и тоа „РКМ ДООЕЛ“, „Супертрејд“, „Евротим“, „Пертинакс-Скопје“, „Ли-оил ДБ Кавадарци“, „Блу технолоџи“ и „Ка-оил Енерџи Кавадарци“, во вкупен износ од 55.510 евра. Ваквите казни, за фирми кои остваруваат годишно милионски профити, се смешни и потценувачки спрема јавноста.

Само фирмата „Супертрејд” остварила добивка во 2019 година од 81.613.933 денари или над 1.300.000 евра! Оваа компанија, која е во сопственост на Владимир Стајиќ, својот пробив го доживува со доаѓањето на власт на СДСМ, па само во првата година, од владата на СДСМ,добила 5,6 милиони евра од државата, како добитник на дури 38 тендери.

Ваквата спрега на естаблишментот со крупниот капитал покажува зошто повторно ќе изостане реална одговорност за компаниите кои учествувале во труењето на граѓаните. Покажува дека загаденоста на воздухот и бројот на изгубени животи, како директна последица од овој проблем, е предизвикана од корумпираноста и алчноста на бизнис – властите. Влада која е предводена од олигарси единствено ги застапува интересите на неколку моќници, чие богатство е акумулирано врз пазарната логика за што пониска цена на ресурси, дури и на штета на здравјето и животот на самите граѓани.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА
11 јуни, 2021

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ