Соопштение по повод НАТО самитот во Брисел

levica

Loading

Тагови:

Донирај онлајн

С О О П Ш Т Е Н И Е

ПО ПОВОД НАТО САМИТОТ ВО БРИСЕЛ

има ли крај на понижувањата кои ни ги приредува македонската дипломатија

Уште една изгубена година за Република Македонија. На НАТО самитот кој во моментов се одржува во Брисел (11-12 Јули), македонската дипломатија наместо јасна и недвосмислена покана – доби само „аплауз“ и ултиматум следната година да затропа пак на вратата на НАТО како северномакедонска диполоматија. Ова не е пораз само за Планот 3-6-9, туку е пораз за народот кој остана повторно прелажан од страна на СДСМ. Наместо Владата да започне да се справува со наталожените внатрешните проблеми и да започне да го извлекува народот од живата песок на социјалната мизерија, македонската дипломатија на двоецот СДСМ-ДУИ социјално го дозакопа народот, и во ситуација на опасно нарушени меѓуетнички односи, дополнително ќе го малтретира гол и бос, масовно да излезе на на најавениот референдум за себепреименување.

Такво е и барањето на Генералниот секретат на НАТО, Јенс Столтенберг кој порача: “Ако (Преспанскиот) договор биде финализиран и инплементиран во целост, тогаш ќе бидеме во можност да го поканиме Скопје да стартува со пристапните преговори да стане 30-та членка на НАТО, под новото име: Република Северна Македонија“.

Главните сили во НАТО, нашите сегашни сојузници САД и Велика Британија, за време на Граѓанската војна во Грција фрлаа напалм бомби врз македонските борци на ДАГ. Сега нифрлаат договор кој им го подрива достоинството на македонските жители и постепено им ја подрива и државата. Во 1945-та Македонците, заедно со Албанците, Турците, Ромите, Власите и Србите како комунисти го победија фашизмот. Таа славна историја сега се брише. Затоа мора нов идентитет- „граѓани на Северна Македонија“ кои почнуваат да пишуваат нова евро-атланска историја и чии највисоки идеали се 500 евра просечна плата во недогледна иднина или перманентно иселување странство

Но државата е и територијата, не само луѓето. Таа мора да стане дел од проширувањето на НАТО поради незаситната потреба на западните сили за експанзија до секој агол на планетата. Народна/Социјалистичка Република Македонија е Република Македонија. Отпаднувањето на префиксот со политичко или идеолошко значење, го проследи и менување на општествно-економскиот систем. Но државниот ентитет и идентитет, остана непроменет. Вметнувањето на географската одредница Северна, и тоа помеѓу Република и Македонија, е создавање нова држава, нов ентитет – заокружување на процесот за преименување. Да не заборавиме дека, според Преспанскиот договор, ние сме „Втората договорна страна“ примена во ОН во 1993 година. Затоа додека не го реализираме до крај зацртаното, ние остануваме држава без име или со привремено име.

Овој хорор и понижување кој ни го приредува македонската дипломатија мора да запре. Ја потсетуваме јавноста дека Левица е единствена партија во Република Македонија која уште од своето основање е јасно и недвосмислено против зачленувањето на Р. Македонија во НАТО. Активисти на Левица уште од 2008 година водат кампања против зачленувањето на Македонија во НАТО, политика која Левица ја презеде со денот на своето основање. Затоа уште во предизборната кампања за парламентарните избори 2016 јасно повикавме на итен прекин на преговорите за влез во НАТО Пактот. Нашите ставови остануваат исти и непроменети, а нашите аргументи остануваат непобиени. Имено:

1. НАТО не интервенира во внатрешните конфликти на земјите-членки и не постои реална закана Македонија да биде нападната од соседите.

2. НАТО не е поврзан со интеграциите на Македонија во ЕУ и не е услов, ниту гаранција за економски просперитет.

3. НАТО не е заштитник на слободата и демократијата. НАТО е закана за светскиот мир. Членството во НАТО значи жртвување на македонските војници за остварување на империјалистичките интереси.

4. НАТО е агресивна милитаристичка организација која постојано го крши меѓународното право.

Неконзистентноста на НАТО во однос на меѓународното право и себедекларираните принципи најјасно се гледа преку односот кон Република Македонија, каде НАТО бара од нас, спротивно на меѓународното јавно право, да го промениме своето уставно име за да станеме земја-членка.

Левица ги застапува левичарските принципи од политичкиот спектар, и оттаму повикува на прекин на преговорите за интеграција во НАТО. Левица ја иницираше и ќе ја предводи кампањата за БОЈКОТ на референдумот, чија цел е преименување на државата како чин на конечно рушење на преостанатите асномски столбови и нејзиниот асномски карактер.

С к о п ј е

12.VII.2018

Президиум на ЛЕВИЦА

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ