Владата нема политичка волја за решавање на проблемите на матичните лекари

zdravstvo

Loading

Тагови:

Донирај онлајн

Матичните лекари се револтирани поради неисполнетото предизборно ветување на СДСМ и Зоран Заев, а тоа е покачување на капитациониот бод од 63 на 90 денари. Капитацијата е единствениот приход на примарните здравствени установи, и од истата треба да се издвојат финансиски средства за плати, придонеси и останати расходи, потребни за нормално функционирање на оваа дејност.

Најзасегнати се амбулантите во помалите населени места, што имаат околу 600-700 пациенти. Токму тие се на работ на егзистенција, бидејќи со капитација од околу 60.000 денари, не можат да се подмират сите сметки, а уште помалку матичните лекари и медицинските сестри да земат пристојни плати. Токму поради тоа постои опасност од затворање на тие ординации.

Во време кога цените на прехрамбените производи и нафтените деривати се покачија, Владата мора да си го исполни предизборното ветување и да обезбеди соодветен модел за финансирање на приватните здравствени установи, со цел матичните лекари да можат да се фокусираат на прегледите и третманот на пациентите, а не на тоа како ќе го поминат месецот и дали ќе имаат пари да ги подмират сите сметки.

Втор проблем, со кој се соочуваат матичните лекари, е издавањето на непотребни упати и препраќање на пациентите кај специјалистите поради препишување на лекови со препорака. На тој начин пациентите, незадоволни се шетаат по препораки, а се создава неред пред специјалистичките амбуланти, бидејќи пола од пациентите чекаат за препорака, и го заземаат местото на некој пациент на кој навистина му е потребен преглед.

Доколку еднаш пациентот добие препорака за лекови за хроничната болест, таа препорака треба да трае подолго од досегашното дозволено време. Министерството за здравство треба да ги укине препораките за некои од лековите, на тој начин пациентите нема да се шетат од врата на врата, матичните лекари ќе бидат ослободени од чекање на термин за специјалист, а специјалистите ќе бидат растеретени од непотребни гужви.

Дополнително, пациентите се водат на матичен лекар, па така, во ситуација кога истиот оди во пензија, или даде отказ, пациентите нема кој да ги прегледa и да им даде терапија за хроничната болест. При вработување лекар во ПЗУ, се чека околу еден месец за анекс на договор од Министерството за здравство, дури после тоа може да се запишуваат пациенти и да се издаваат рецепти и упати. Најголемиот проблем е тоа што голем дел од пациентите примаат хронична терапија и имаат здравствени проблеми и за решавање на истите треба да бидат прегледани и да им биде ординирана соодветна терапија.

Најдоброто решение е пациентите да се водат на приватната здравствена установа, со цел при заминување на матичен лекар од ординациите да не страдаат пациентите, туку да си ги добијат потребните здравствени услуги.

Не изостануваат и проблемите со системот „Мој термин“ и закажување на термини кај специјалистите, а посебно со термините за конзилијарно мислење за туѓа нега. Наместо да се посветат на лечење на пациентите, матичните лекари се претворија во административци кои постојано чекаат термини и по цел месец.

Термините за доделување туѓа нега не се доволни за да може да им се закаже на сите пациенти кои до одреден датум треба да достават документи за продолжување на истата, и на тој начин голем дел од нив го губат правото на паричен надоместок за туѓа нега. Па последователно, кај пациентите се јавува револт и вината ја наоѓаат кај матичниот лекар, кој не успеал да им закаже термин.

На овој начин и матичните лекари се под постојана тензија околу закажувањето на термини, дообјаснувањето со пациентите зошто нема термин и најчесто неразбирање од страна на пациентите.

Сите овие лоцирани недостатоци придонесуваат за нискиот квалитет на здравствени услуги и наместо празни предизборни ветувања, власта има одговорност да преземе реални и системски мерки, со цел пристапот до квалитетна здравствена нега, како фундаментално човеково право, да биде подеднакво достапно за секој граѓанин.

ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА-Здравстен сектор

19 април, 2022

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ