Жители на Општина Босилово, гласајте ПРОТИВ рудникот на смртта Иловица!

ilovica_aktivistite-pocnaa-so-kampanja-megu-naselenieto

Loading

Тагови:

Донирај онлајн

Македонија е земјоделска земја, со извонредни услови за одгледување на квалитетни и најразновидни култури, но и со огромен број на сончеви денови, изобилува со водни ресурси – накусо, ова мало парче земја е совршено за сите видови одржлив и паметен развој. На Македонија единствено ѝ недостасува политичка опција која има јасна визија за иднината. А иднината е во заштитата и економичното искористување на природните ресурси со максимизирање на придобивките од нив.

Рудниците на смртта не се новина во светот. Постојат некаде од деветнаесеттиот век, а тенденцијата е да се отвораат во „неразвиени и помалку развиени“ земји во светот. Еколошките катастрофи т.е. хаварии кои ги предизвикуваат се честа појава, а во некои од „недоволно развиените“ земји знаат да бидат и со далеку пострашни последици кои може, но и не мора да бидат ограничени на територијата на конкретната земја. Токму поради ваквата реална опасност Грција и Бугарија имаат испратено соодветни протестни реакции до македонската влада да не се дозволи отворањето на рудниците на смртта на македонска територија.

Отворањето на ваквиот тип на рудници, како и нивното функционирање во речиси сите земји се чува како врвна државна тајна, а причините за тоа се многубројни и подетално образложени во пасусите што следуваат.

Во околината на Иловица и Штука има премногу водни тела што ќе се загадат и ќе направат голема штета на животната средина. Локалните жители може да ја изгубат водата за пиење, водата која им е основна за живот и која по отворањето на рудникот може (и според искуствата од други земји со слични или исти рудници, сигурно) ќе ги разболува од неизлечливи болести. Нема никаква мерка што може да ја надомести таа загуба и што може на жителите да им го „плати“ таквиот ризик по нивниот и по животот на нивните најблиски. Освен тоа, локалните жители истата таа канцерогена вода ќе ја користат за наводнување на културите кои потоа ги купува цела Македонија што е индиректна и високопотенцијална опасност за сите жители на РМ, а не само за оние што живеат во околината на рудникот.

Не е само водата изложена на ризик од загадување, туку и почвите со директното таложење и разнесување на токсичната прашина, со киселите дождови, а постои и потенцијалната опасност од истекување на цијанидот. Вакви случаи на еколошки катастрофи со човечки жртви се познати на повеќе места во светот.

Се проценува да има бучава од 93-95 dB што е многу високо ниво, а не може да се гарантира нивото на бучава произведена од експлозиите. Колку за споредба познато е дека долготрајно или повторливо изложување на секој звук над 85 децибели предизвикува губење на слухот. Секојдневното минирање ќе претставува интензивно континуирано присуство на бучава создадена од антропогени извори и активности. Исто така ќе има бучава и од огромниот број на камиони што ќе одат од и до рудникот 24 часа на ден.

Во студијата на Еуромакс има тенденциозно манипулирање со податоци во однос на миграцијата на населението во струмичкиот регион. Таму е претставено дека многу луѓе се иселуваат од тие краишта, но е изоставен фактот дека уште повеќе луѓе се доселуваат. Тоа може да се види од приложената табела преземена од „Програма за развој на Југоисточниот плански регион 2015-2019“.

slika

Во студијата на Еуромакс рисорсис се наведени економски придобивки за локалното население и Македонија, но исто така многу значаен е фактот што државата ќе биде оштетена поради евентуалната забрана или намалување на извозот, а дополнително ќе се загрози животниот стандард на населението во регионот ако падне продажбата на земјоделските култури во рамки на РМ. Потоа, државниот буџет ќе биде, исто така, оштетен поради сите лица кои ќе се лекуваат од „професионалните“ болести неизбежни со отворањето на рудникот.

Изјавите за социо-економско оправданост за отворањето на рудникот се целосно неиздржани затоа што: (а) бруто домашниот производ за 2007 година на Југоисточниот плански регион изнесува 92% од националниот просек и се наоѓа меѓу првите три највисоки просеци на бруто домашен производ во РМ;[1] (б) според степенот на развиеноста за периодот 2008 – 2012 година, Југоисточниот регион има степен на развиеност 0.89 со што се наоѓал на второ место после Скопскиот плански регион. Треба да се спомене дека регионот има исклучително висок економско социјален индекс од 1,38 и заедно со Скопскиот регион се единствени региони кои имаат ниво на развој поголем од националниот просек;[2] (в) миграцијата за годините за кои има податоци е незначителна; (г) се предвидуваат 400 директни вработувања, што е занемарливо малку во однос на бројот на жители од општините што се во опфат на проектот и кои најдиректно би ги поднесувале сите негативни последици – несразмерно е поголем бројот на жители кои би се разболеле или починале како последица од болестите предизвикани со отворањето на рудникот.

Флотациските хидројаловишта ако не се градат и управуваат по сите норми и стандарди, предвидени за таа намена, може да претставуваат еколошки бомби. Тие во одредени услови и периоди може да бидат големи загадувачи на непосредната околина, на површинските и подземните води и на воздухот. Значи, преку земјиштето, водата и воздухот, флотациските јаловишта влијаат врз животната средина и на целокупниот растителен и животински свет. Флотациските реагенси кои се употребуваат во технолошкиот процес, како и растворените соли на тешките метали, обично се присутни во водите кои се испуштаат од јаловиштата. Овие води, покрај остатоци од флотациските реагенси (ксантати, феноли, цијанидни соединенија, висока базичност или киселост), содржат и јони на тешки метали (Pb, Zn, Cu, Cd, Fe и др.), како и ниска содржина на кислород и други нечистотии.[3]

Во Македонија годишното вкупно производство на отпад од рударство се проценува на 17.300.000 тони, додека вкупниот отпад за време на 20-годишниот век на рудникот ќе изнесува 178 милиони тони токсичен отпад. Ова значи дека само еден рудник за само една година ќе произведува најмалку половина од досегашното вкупно познато производство на отпад (и тоа токсичен!) на ниво на целата територија на РМ.

Искористувањето на енергетските ресурси претставува дополнително загадување за регионот од согорување на дизел гориво од 67.000.000 литри годишно. А, исто така, и дополнително загадување на битолскиот крај (бидејќи Рек Битола на јаглен произведува околу 70% од македонската струја) со оглед на тоа што потребите на рудникот се проценети на 670 GWh/годишно струја. Битола веќе се соочува со изразени негативни последици по локалното население. Стапката на заболени од рак и смртноста се на извонредно високо ниво. Во Пелагонискиот Регион од малигни заболувања во 2014 година починале 498 лица, а Македонија е трета земја во Европа според бројот на смртни случаи како последица од рак.

Науката не познава такво нешто како збир од проекти кои немаат кумулативен ефект, а се реализираат на штета на животната средина. Подземните води се случува да го сменат течението и вистинските последици од ваквите потфати никогаш не може докрај да се предвидат и проценат. Кога би се дознало или ако би се дознало дека подземните води се загадени ќе биде многу доцна.

Има контрадикторни податоци во оцената  на животна средина на Рудплан и Еуромакс во однос на хидројаловиштето. Во Еуромакс стои дека тоа ќе има површина од 191 ha. а во Рудплан: Реализацијата на проектот со изградбата на депонијата за рудничка јаловина, хидројаловиштето и постројките во индустрискиот круг е поврзано со одземање на земјиште, главно од шумскиот фонд. Се очекува хидројаловиштето да зафаќа површина од околу 330 хектари, а депонијата за рудничка јаловина да зафаќа површина од околу 338 хектари.

Освен потенцијалното губење на природните вредности и биодиверзитетот, како и изгубената вредност на екосистемските услуги, сечењето на шумите предизвикува ерозија на земјиштето што може да доведе до низа катастрофи за жителите во регионот – почнувајќи од свлечишта/затрупувања на населени области, до поплави со многубројни човечки жртви и огромни материјални штети, а кога ќе се додадат и отровите што би можеле да се излеат станува збор за екоцид и хаварија од невидени размери.

Трајното уништување на пејзажните и естетските вредности на регионот е ненадоместливо. А тоа што е особено значајно е што подрачјето во наредните стотици години нема да може да се рехабилитира и да се употребува за земјоделие или слична дејност. Во рамките на рудникот сè ќе биде уништено, а дополнително на тоа, не може да се исклучи уништување на соседните парцели, што е и нормално, бидејќи досега во практиката не е познато „стриктно“ почитување на предвидените технологии во проектот. Последиците, секако, ќе ги трпи населението на РМ, а исто така и на соседна Бугарија. Неспорно е дека природата, за голем дел од жителите во регионот, единствениот извор на приход за семејството, ќе биде трајно и неповратно уништена не само за оваа, туку и за десетици генерации во иднината.

Постојат археолошки локалитети во близина на локацијата предвидена за рудникот Иловица, чијшто интегритет не може да се гарантира поради секојдневните експлозии и земјотреси. Во самата студија на Еуромакс пишува дека 4 локалитети кои се културно наследство ќе имаат големо нарушување, а 4 локалитети умерено (стр. 317). Интегритетот на локалитетите во непосредна близина на рудникот кои се културно наследство не може да им се гарантира поради секојдневните експлозии и земјотреси.

Со самото ископување и експлоатирање на рудникот што претставува агресивна активност (експлозив, бушење, камиони) животинските видови ќе бидат избркани на километри, ќе бидат разнесувани, газени и распарчувани.

Треба да се преземат многу мерки за да нема опасни последици, за намалување на штетните гасови, прашина, и опасност од хемиски хаварии. Последните неколку извештаи на ЕУ за напредокот на РМ покажуваат целосна дисфункција на системот и на владеењето на правото. Доколку постои непочитување/прекршување на договорот од страна на компанијата која ветува ублажувачки мерки, Македонија нема механизам за санкционирање, а судејќи според реакцијата за време на поплавите во Стајковци и околината, нема ни механизам за управување и справување со штетите од елементарни непогоди ни од мали размери.

Во светот не постои рудник со отворен коп кој не ја уништил животната средина и кој не ги уништил животите на оние кои работеле и живееле во и околу него. Светот оди напред и се ориентира кон чисти извори на енергија, кон животен стил кој гарантира заштита на природните ресурси. Левица силно се залага Македонија да стане современа и напредна земја која ќе ги следи светските текови за доброто на нејзините жители и нивната иднина.

Во таа насока уште еднаш апелираме до жителите на Општина Босилово да излезат во голем број на референдумот на 3 септември 2017 г. и да гласаат ПРОТИВ рудникот на смртта Иловица!

Подобро општество е можно, подобро општество е нужно!

Зелен сектор на Левица

Гласот ЗА рудниците на смртта е глас ЗА сопствената смрт


[1] Стратегија за регионалниот развој на РМ 2009-2019, стр. 21.

[2] Програма за развој на Југоисточниот плански регион 2015-2019, стр. 17.

[3] Флотациски јаловишта во РМ, стр. 1.

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ