Две години по вклучување на Македонија во воената алијанса, штетата по државниот буџет е веќе очевидна.
Минатата година, прва од верификацијата на членството на Македонија во НАТО, во екот на здравствената криза и при буџетен дефицит од една милијарда и триста илјади евра, Владата одлучи да купува воена опрема од САД во вредност од над 210 милиони евра!
На промената на името на државата следеше блокирање, понижување и уцени од Бугарија, на кои се надоврзува потценувачкиот однос на ЕУ, за на годишнината од членувањето во НАТО, Македонија се „награди“ со притисок и принуда за купување на оружје со народни пари, од стратешкиот партнер САД.
Вториот дел од „цехот“ кој треба да го подмируваме стигна и оваа година. Имено, на 36-та седница на Владата, по предлог на Министерството за одбрана, донесен е годишен план кој содржи 8 проекти преку кои ќе се купува воена опрема и оружје од земји членки на алијансата. Притоа, Владата одбива да ја информира јавноста за износот на парични средства кои ќе бидат потрошени за поддршка на воено-индустриските комплекси на водечките држави од НАТО, кои впрочем воената организација ја користат за исполнување на своите интереси за профит и извоз на империјалистичко влијание.
Неприфатливо е трошењето на државни средства за снабдување со оружје, додека граѓаните се соочуваат со енормни социјални проблеми и недостиг од основни средства за живот. Додека Владата одлучува вака да ги троши народните пари на воена опрема, се повеќе групи работници и работнички организации се огласуваат со протестни ноти во најразлични контексти на незадоволство, а се однесуваат на исполнување на минималните услови за работа и работен надоместок, со кој тие ќе можат да го пребродат овој кризен период.
Иако властодршците го лажеа народот за гаранцијата за безбедност која ја имаме при членство во НАТО, сепак се предвидува трошок од над една милијарда евра за набавка на оружје и воена опрема во следните 5 до 6 години, под уцена на земјите членки на алијансата.
Ние, како анти-империјалистичка и анти-милитаристичка партија, предупредувавме на тоа дека членството на Македонија во воената алијанса НАТО ќе има многу штетни последици по државата и иднината на нејзиниот народ.
Политичкиот естаблишмент, занемарувајќи ја волјата на народот – кој на референдум го одби срамниот и понижувачки договор со Грција, насилно ја втурна државата во НАТО. Оттогаш, лажните ветувања за сонот на ЕУ се гаснат, а останува суровата реалност во која ветените придобивки од НАТО-членството се сведоа на класичен рекет и принуда државата, со парите од народот, да купува оружје, и на штета на својот народ да служи на туѓите интереси.
ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА
8 април, 2022
8 април, 2022