Октомври традиционално е месец кога отпочнувал отпорот и од каде тргнувал патот до победата на црвените – месец кога отпочнале бројни борби на работничката класа за слобода, правда и еднаквост.
Светот знае за Октомвриската револуција, со која за прв пат се воспоставуваат советите. Ние во Македонија знаеме за 11 ти октомври, денот кога почнува народното востание против фашистичка окупација на Бугарија. Но верувам, не многу скопјани знаат за улицата Црвена скопска општина, а уште помалку знаат во чест на што таа улица го носи токму тоа име.
Црвена скопска општина е една мала улица овде, во центарот на Скопје, долга 100 тина метри, од Плоштадот Филип Втори после камениот мост до самиот влез во чаршијата после храмот Свети Димитрија.
Црвена скопска општина е наречен периодот од октомври 1920 до јануари 1921. Тогаш во Скопје, како и во цела Македонија и Србија, се одржале општински избори, први по крајот на Првата светска војна. На овие избори, со освоени повеќе од 50% гласови, во Скопје победува Комунистичката партија на Југославија. Токму тогаш, за прв пат во историјата на градот, работничката класа, под раководство на КПЈ, ја презела локалната власт во општината Скопје по мирен пат.
На денот на самите избори, приквечерина, не чекајќи ги дефинитивните резултати, работништвото во Скопје, на чело со црвеното знаме, тргнува да слави маршираќи по скопските улици, и притоа извикувајќи: „Да живее Црвено Скопје!“.
Црвената скопска општина, под раководство на КПЈ, иако егзистирала само 3 месеци, за нејзиното тримесечно постоење одржала 12 седници на кои биле донесени повеќе радикални решенија од станбената, комуналната и социјалната политика. Црвената скопска општина престанала да постои многу брзо после ваквите нејзини успеси и зафати, работничката класа била репресирана и потисната што довело до целосна забрана за нивната политичка организација олицетворена во КПЈ.
На само два месеци пред одржувањето на овие избори, после кои е воспоставена црвената општина, тогашниот весник “Социјалистичка зора”, за состојбата во која се наоѓа Градот дословно го пишува следново: “Скопје треба да ја задоволува покраината, да ја претставува и да биде нејзин центар. Меѓутоа, Скопје дава впечаток на една пренаселена, извалкана и ориентална паланка.“
И покрај тоа што е поминат повеќе од еден век од овој напис, читајќи го денеска впечатокот е како ништо да не е променето.
И навистина е така, Скопје веќе подолго време е под опсада;
Узурпирани се неговите јавни површини и објекти – тие се или уништени поради негрижа и скапуваат низ времето или претворени во мелници за брз профит од кој корист имаат само локалните шерифи, а штетата ја трпиме сите останати;
Узурпирани се институциите на градот, локалните властодржци расипнички и недомаќински ги трошат и искористуваат вакувските имоти и буџет;
Во Скопје узурпирани се дури воздухот и водата за пиење – имотната класа која се обогати од создавањето на ваквиот хаос, сега се дистанцира подалеку од последиците, узурпираќи и уништуваќи ги Планините, Ридовите и излетничките места во околината на нашиот Град;
Во Скопје узурпирана е и културата – нејзе денеска, со поддршка на локалните власти, ја создаваат и дистрибуираат неталентирани партиски полтрони и дворски шутови на владејачката класа;
Секое ниво од локалната самоуправа е затрупано под дебели слоеви ѓубре од корупција, ваквата власт не функционира ниту во исполнување на основните бирократски потреби на жителите од Градот – на овој начин нашиот Град во целина е зомбифицира и секојдневно го „јаде“ својот народ;
На скопјани узурпирана им е дури и иднината, и тоа не само нашата туку и иднината на генерацијата која доаѓа после нас. Тоа е специјалноста на оваа власт, најдоброто што таа го знае – задолжувањето. Градот Скопје заедно со неговите јавни претпријатија не само што е нефункционален туку и длабоко е задолжен.
Наместо ние да ја одредуваме судбината на градското живеење, тоа го прави урбанистичката мафија, бизнис картелите и корупмираните политичари. Затоа логиката на приватните интереси итно мора да биде заменета со јавниот интерес. Градот мора да биде ослободен од канџите на капиталистичкиот естаблишмент кој е во политички брак токму со корумпираните локални функционери.
За да започнат било какви промени потребен е РАДИКАЛЕН ПРЕСВРТ. А како и во октомври од 1920-тата, така и на 17 Октомври ќе мора да одпочне тој процес токму од Скопје – Скопје повторно ќе биде црвено. Да живее црвено Скопје!