Што сакам да постигнам и променам во моето опкружување и општеството?
Сакам да постигнеме заеднички живот кој е воден од политика чија цел е решавање на секојдневните проблеми на луѓето, олеснување на нивниот живот и остварување на нивните лични цели, како и ослободување на потенцијалот за заеднички живот во целост. Нашата цел, како Левица, е да ја ослободиме локалната власт од заложништвото во кое се наоѓа, со што на градот ќе му го ослободиме просторот кој му е потребен да се развива.
Ова, од една тесна (сегашна) перспектива, можеби изгледа невозможно, но да се потсетиме дека градот пред само 30тина годни бил многу поинаков, бил простор кој служел на сиот народ, а не само на градежните фирми и транзициската олигархија. Бројни фотографии сведочат за Скопје со огромни зелени површини и паркови, за град со чиста река, град со чист и уреден кеј и плажи покрај Вардар, за град во кој возење велосипед било култура на живеење, град кој водел сметка за удобноста на жителите во него, град во кој луѓето верувале и се гордееле со него. Денес, сето ова е УНИШТЕНО!
Фундаментална причина за моменталната катастрофална состојба на нашиот град е идеолошка. Имено, со градот владеат власти чии интереси се монопол во одредување на политиката на градот – интересите на оние кои имаат многу пари. Последиците од ваквиот идеен монопол на профитери се трагични. Сепак, поради долгото време на практикување на овие штетни политики, истите почнаа да се прифаќаат како нормални, дури и на некој начин како природни, како да не може поинаку и подобро, како сето тоа да е дело на некаква виша метафизичка сила, а не на конкретни дејства и одлуки на луѓе од крв и месо, со име и презиме.
Затоа, некој мора јасно и гласно да каже – НЕ, ОВА НЕ Е НОРМАЛНО! МОЖЕМЕ И МОРАМЕ ПОИНАКУ!
Оттука, она што пред сѐ сакам и ќе се заложам да се промени е народната перцепција за силите кои владеат со градот, односно разобличување и запирање на нивните политики кои ги имаат во обзир само нините лични интереси, додека штетата од таквите одлуки ја трпат и многу генерации после нив!
Дури откако ќе се запре нивното штетно работење и откако ќе ги замениме со нови, чесни и непоткуливи луѓе, само тогаш ќе можеме да почнеме да го градиме градот и државата, преку здрави политики според потребите на народот.