СТАТУТ


СТАТУТ НА ЛЕВИЦА (PDF)


Врз основа на чл. 16 од Законот за политички партии (Сл. весник на РМ, 76/2004 и 5/07, 8/07, 7/08, 23/13), Основачкото собрание на политичката Партија „Левица“, одржано на ден 06.02.2016 година, го донесе следниов партиски


 

С Т А Т У Т
НА „ЛЕВИЦА“


 

I. ОПШТИ ОДРЕДБИ


II. ЦЕЛИ, НАЧЕЛА И МЕТОДИ
А. ЦЕЛИ И ЗАДАЧИ НА ПАРТИЈАТА
Б. НАЧЕЛА НА РАБОТА
В. МЕТОДИ И НАЧИНИ НА ПОЛИТИЧКО ДЕЛУВАЊЕ


III. ЧЛЕНСТВО
А. ЗАЧЛЕНУВАЊЕ И ПРЕСТАНОК НА ЧЛЕНУВАЊЕТО
Б. ПРАВА И ОБВРСКИ НА ЧЛЕНОВИТЕ


IV. ОРГАНИЗАЦИСКА СТРУКТУРА
А. ОРГАНСКИ ПРИНЦИПИ
Б. ОСНОВНИ РАКОВОДНИ ОРГАНИ
1. Пленум
2. Централен комитет
3. Президиум
4. Трибунат
В. ПОМОШНИ ПАРТИСКИ ОРГАНИ
1. Програмски сектори
2. Локални ограноци
Г. НЕРАКОВОДНИ РАБОТНИ ТЕЛА


V. ФИНАНСИРАЊЕ


VI. ПРЕСТАНОК НА ПАРТИЈАТА


VII. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ


I. ОПШТИ ОДРЕДБИ

Член 1
Име и скратено име
(1) Името на политичката партија е „Левица“ (во понатамошниот текст Левица).
(2) Скратеното име на партијата е „ЛВ“, испишано со големи букви.

Член 2
Статус и седиште
(1) Левица има својство на правно лице.
(2) Седиштето на Левица е во Скопје.

Член 3
Ознаки и симболи
(1) Левица има свое лого, знаме и химна кои се уредуваат со посебен Правилник за симболи.
(2) Левица има свој печат – во кружна, и свој штембил – во правоаголна форма.

Член 4
Идеологија
Левица е современа партија со јасно нагласена левичарска идеологија која, во својата политичка философија и практика застапува левичарски вредности утврдена во нејзината Платформа и Програма, а кои главно опфаќаат: антикапитализам, антинационализам, антимилитаризам, анти-клерикализам и антиконзервативизам.


II. ЦЕЛИ, НАЧЕЛА И МЕТОДИ

                                                                                   А. ЦЕЛИ И ЗАДАЧИ НА ПАРТИЈАТА

Член 5
Цели
(1) Лицата се здружени во Левица заради остварување на поширок заеднички интерес, а како посебни политичко-партиски цели и задачи се:
– да поттикнува дискусија за прашања поврзани со капитализмот, национализмот, милитаризмот, клерикализмот, конзервативизмот, родовата рамноправност и феминизмот;
– да учествува во унапредувањето на социјалната правда и работничките права;
– да промовира бесплатно здравство и образование;
– да го шири духот на другарството, рамноправноста и активно учество во општествените процеси, особено преку формите на непосредна демократија;
– да поттикнува критичко мислење, особено кај младите;
– да поттикнува иницијативи за развивање на солидарниот дух во општеството;
– да поттикнува унапредување на заштитата на животната средина, наспроти капиталистичката експлоатација на природните ресурси;
– да стимулира развој на науката, техникатa и технологијата, како и масовен пристап на сите до придобивките од таквиот техничко-технолошки развој;
– да даде поддршка на слободарската, независната и недиригираната уметност, култура и спорт;
– да врши следење на појавите на фашизам, национализам, расизам, (нео)нацизам, шовинизам, сексизам, ксенофобија, хомофобија и трансфобија, како и да го спречува нивното ширење;
– да го разобличува патријархалниот морал и да учествува во борбата против сите облици на дискриминација по било кој основ;
– да врши критика на постојните општествени односи и да понуди алтернатива.


                                                                                   Б. НАЧЕЛА НА РАБОТА

Член 6
Партиципативност
Левица се залага за партиципативно и антиавторитарно општество, поради што и ќе ги применува принципите на антиавторитарност и партиципативност во делувањето, како и во сопствената внатрешна организациска поставеност.

Член 7
Статутарност
Левица своите политички цели, задачи, акции и дејности ќе ги остварува во согласност со односите уредени со овој Статут.

Член 8
Транспарентност
(1) Работата на Левица е јавна.
(2) Начелото на јавност се обезбедува со редовно известување на членовите и на симпатизерите за сите облици на работење; со увид во спроведувањето на програмските задачи; со поднесување извештај за работа на органите и телата на Партијата; со следење на материјално-финансиското работење и сл.
(3) Левица издава свои гласила, има своја веб-страница, свои oфицијални профили на социјалните мрежи и може да основа други, печатени или електронски, средства за јавно информирање – согласно закон.

Член 9
Интернационализам
Левица може да остварува соработка со странски политички партии или идеолошки сродни коалиции, како и да се здружува, односно да членува во меѓународни сојузи или организации.


В. МЕТОДИ И НАЧИНИ НА ДЕЛУВАЊЕ

Член 10
Солидарност
Левица се грижи за помош и поддршка на своите членови во неволја и во рамките на своите метеријално-финансиски можности основа посебен Солидарен фонд за таа намена, чија работа се уредува со посебен правилник.

Член 11
Акционо единство
Левица смета дека, и покрај различните идејни погледи кон одредени прашања, нејзините членови и симпатизери треба да делуваат како единствена сила за промоција на основните принципи и вредности на Партијата: социјална правда, работнички права, солидарност, слобода, рамноправност и заштита на животната средина.

Член 12
Непотенцирање на разликите
Со оглед на можноста од различна идеолошка ориентација на членовите, а во интерес на зачувување на акционото единство и потенцијал на Левица, основен метод на делување ќе биде спроведувањето на предвидените и планирани акции врз основа на принципите кои ги обединуваат членовите на Партијата, при што меѓусебните разлики ќе бидат ставени во втор план.

Член 13
Фракционерство
(1) Левица, во духот на демократскиот карактер кој сака да го негува, дозволува формирање интерни фракции – кои имаат право на сопствено име и слобода за автономно делување, сѐ додека тоа е во склад со целите, вредностите и интересите на Партијата.
(2) Членовите на фракцијата, за нејзиното формирање, се должни да ги известат основните партиски органи, а фракционерското делување подетално се уредува со правилник, како интерен правен акт.

Член 14
Конструктивна критика
(1) Во остварувањето на своите цели и задачи Левица:
– ги промовира своите вредности и идеи;
– покренува иницијативи, критикува, дава алтернативи и сугестии за решавање на посочени конкретни проблеми;
– учествува во креирање иницијативи за законско регулирање и други легални документи (нормативи и стандарди) за различни аспекти од области кои се од интерес на Партијата;
– издава соодветни публикации;
– соработува со други сродни организации од земјата и од странство;
– го унапредува знаењето на своите членови, како и на пошироката јавност (организирајќи собири, трибини, предавања и дискусии на определени теми од нивната област на интерес);
– ги брани правата на своите членови кои произлегуваат од Статутот итн.


III. ЧЛЕНСТВО

А. ЗАЧЛЕНУВАЊЕ И ПРЕСТАНОК НА ЧЛЕНУВАЊЕТО

Член 15
Зачленување
(1) Членувањето во Левица е доброволно.
(2) Член на Левица може да биде секое полнолетно физичко лице, државјанин на Република Македонија, што ја прифаќа нејзината Платформа, Програмата и овој Статут и кое активно ќе придонесува кон исполнување на целите на Партијата.
(3) Зачленувањето, по правило, се врши со пополнување на Пристапница за членство во Партијата, на утврден образец – во писмен или електронски облик.
(4) Начинот на зачленување, формите на членство, утврдувањето на одговорноста и исклучувањето на член од редовите на Партијата – поблиску се уредува со Правилник за членство во Левица.
(5) Партијата за своите членови води званичен Регистар за членство, кој се ажурира најмалку еднаш годишно, а чија содржина и форма се регулира со посебен правилник.

Член 16
Престанок на членувањето
(1) Членувањето во Левица престанува:
a) со смрт или трајно губење на деловната способност;
б) самоиницијативно; или
в) со исклучување од Партијата.
(2) Самоиницијативниот престанок на членството во Левица може да биде:
– со изрично истапување од Партијата, кое се најавува пред надлежните партиски органи или со давање изрична изјава за доброволен престанок на членувањето (т.н. истапница);
– по автоматизам, со бришење од Регистарот на членови, ако лицето истовремено станало член и на друга политичка партија.
(3) Исклучувањето на член е крајна и принципиелна мерка во случаи на дејствување кое е спротивно на основачките документи или другите акти на Партијата и за него, во последен степен, одлучува Президиумот, со двотретинско мнозинство гласови – по претходно најавена точка на дневниот ред на седницата.
(4) Доколку најмалку еден од членовите на основните раководни органи на Левица се посомнева во вредностите и намерите на кандидат за членство или на веќе постоечки член, може да покрене „импичмент“ – дискусија со која се проблематизира неговото/нејзиното зачленување или дејствување од име на Партијата.


Б. ПРАВА И ОБВРСКИ НА ЧЛЕНОВИТЕ

Член 17
Права на член
(1) Права на членот на Левица се:
– да учествува во работата на Партијата;
– да придонесува во создавањето и спроведувањето на политиките на Партијата;
– да бира и да биде биран во партиските органи или на друг начин да учествува во работните тела;
– да биде кандидат или да кандидира други лица за партиските изборни листи и други јавни функции;
– да поднесе оставка на должноста т.е. функцијата на која е избран или именуван;
– да предлага решавање на прашања од заеднички интерес;
– да поставува прашања до партиските органи и избраните или именуваните функционери;
– да обезбедува и ужива партиска солидарност;
– да биде информиран за активностите на Пaртијата и др.

Член 18
Обврски на член
(1) Обврски на членот на Левица се:
– редовно да плаќа членарина;
– со сопартијците да комуницира на другарски начин, со почитување на нивното вродено човечко достоинство;
– да работи на развивање и унапредување на општествените активности кои произлегуваат од Статутот, програмските цели и задачи и од усвоените одлуки и заклучоци;
– да ги спроведува одредбите од основачките документи на Партијата и своето политичко делување да го усогласи со Статутот и Програмата;
– да ги спроведува одлуките на партиските органи;
– да ги застапува интересите и ставовите на Партијата и во своите јавни настапи да го следи идеолошкиот курс, подобрувајќи го нејзиниот углед;
– активно да учествува во органите во кои е избран или именуван, притоа непоткопувајќи го акционото единство на Партијата;
– да учествува во работата и да придонесува за развојот на Партијата.


IV. ОРГАНИЗАЦИСКА СТРУКТУРА

А. ОРГАНСКИ ПРИНЦИПИ

Член 19
Основна структура
(1) Партиската организациска структура на Левица ја сочинуваат:
а) Основните раководни органи – Пленум, Централен комитет, Президиум и Трибунат;
б) Помошните партиски органи – Програмски сектори и Локални ограноци; и
в) Нераководните работни тела.
(2) По исклучок, одредени партиски функции кои се утврдуваат со посебен правилник, можат да се вршат и професионално – со засновање работен однос или хонорано ангажирање.

Член 20
Гласање недоверба
По правило, непосредно повисокиот партиски орган ги бира членовите на понискиот орган – со право да ги разреши или да му изгласа недоверба на целиот партиски орган, која доведува до колективно распуштање на конкретниот персонален состав на тој орган.

Член 21
Колективна оставка
(1) Во случај на колективна оставка на цел партиски орган, по правило, дотогашниот персонален состав на органот ја врши својата функција во ограничен обем, само за тековни работи, сè до изборот на новиот персонален состав – освен ако повисокиот орган тоа изрично го забрани.
(2) Во случај повисокиот орган да го забранил понатамошното делување на понискиот орган во дадениот персонален состав, тој мора да именува вршители на должноста членови на понискиот орган – со привремен мандат до изборот на новите легитимни членови, кој мора да се случи во најкраток можен рок.

Член 22
Кооптација
На местото на поединечниот член кој е разрешен или си дал оставка на функцијата, самиот колективен орган – со дозвола на повисокиот орган – може да изврши кооптирање на нов член на испразнетото место, кој ќе има скратен мандат, сè до изборот на новиот персонален состав на органот.

Член 23
Консензус
При одлучувањето во партиските органи и тела, се прави обид за изнаоѓање консензуално решение, но во неможност на постигнување консензус, одлуките се донесуваат со, апсолутно или релативно, мнозинство гласови – онака како што е одредено кај секој орган поединечно.


Б. ОСНОВНИ РАКОВОДНИ ОРГАНИ

1. ПЛЕНУМ

Член 24
Статус
(1) Пленумот е највисок и врховен раководен орган на Левица.
(2) Пленумот може, ако за тоа се појави оправдана потреба, да ги превземе надлежностите на било кој друг понизок партиски орган или да стопира т.е. запре од извршување, укине или поништи акт на било кој понизок орган.
(3) Исто така, Пленумот може – кога за тоа ќе се појави оправдана потреба – со специјална одлука да делегира одредени надлежности од својот делокруг на работа на било кој друг партиски орган.

Член 25
Состав
(1) Пленумот на Левица го сочинуваат:
– сите членови на основните партиски раководни органи (Централен комитет, Президиум и Трибунат);
– сите избрани или именувани носители на јавни функции преку Партијата (пратеници, советници, министри, заменици-министри, државни секретари и др.);
– делегатите од Програмските сектори и Локалните ограноци на Партијата;
– делегатите од нераководните работни тела.
(2) Составот, структурата, мандатот и начинот на работење на Пленумот се уредуваат со посебен Деловник за работа.

Член 26
Надлежности
(1) Во надлежност на Пленумот е следново:
– определува општ политички курс на Партијата и ги утврдува нејзините стратешки насоки;
– определува домашни или меѓународни, партнерски организации со кои би можело да се соработува;
– донесува одлука за учество или бојкот на изборите (парламентарни, претседателски или локални);
– донесува Статут, Програма, Платформа и други важни и темелни акти, т.е. основачки документи на Партијата;
– донесува Деловник за својата работа;
– избира или разрешува членови на Централниот комитет на Партијата;
– избира или разрешува други колективни или инокосни партиски органи, преку гласање за нивна доверба;
– формира комисии и други работни тела;
– донесува одлуки, заклучоци, упатства, насоки, мислења и други акти;
– врши други работи и решава за други значајни прашања кои произлегуваат од Статутот на Партијата.

Член 27
Заседанија
(1) Пленумот може да биде редовен или вонреден.
(2) Редовниот пленум заседава еднаш на секои три години и него го свикува Президиумот – кој е должен, за планираното одржување на заседанието, да ги извести членовите на Пленумот најмалку еден месец претходно.
(3) Вонредниот пленум се одржува по потреба, во рок не подолг од петнаесет дена по барањето за негово свикување, кое можат да го поднесат најмалку:
– четвртина од членовите на Партијата;
– третина од членовите на Пленумот;
– половина од членовите на Централниот комитет; или
– две третини од членовите на Президиумот.
(4) Вонредниот пленум работи на ист начин како и редовниот, меѓутоа може да одлучува само по прашањата од Дневниот ред за кој е свикан.

Член 28
Кворум и гласање
(1) Пленумот полноважно работи ако се присутни повеќе од половината од вкупниот број делегати.
(2) Секој делегат има право на еден глас.
(3) По правило Пленумот одлучува со јавно гласање, а по барање на барем еден негов член – особено кога се работи за кадровско-персонални или финансиски прашања – може да се одлучува и со тајно гласање, за што одлука се донесува со една четвртина од присутниот број делегати.

Член 29
Мнозинство
(1) Со апсолутно мнозинство гласови (од вкупниот број делегати) се одлучуваат прашања како:
– носење, измена или дополнување на најважните документи на Партијата (Статут, Програма, Платформа и др.);
– избор на колективни или инокосни органи т.е. било кои кадровски и други персонални прашања поврзани со изборите и именувањата;
– соработка со други политички партии или коалиции.
(2) Со релативно мнозинство гласови (од присутниот број делегати, доколку се присутни повеќе од половината од вкупниот број) ќе се одлучува по други прашања кои произлегуваат од тековните задачи и активности.


2. ЦЕНТРАЛЕН КОМИТЕТ

Член 30
Статус и мандат
(1) Централниот комитет (ЦК) е највисок партиски раководен орган на Левица меѓу два Пленума, кој делува на државно т.е. републичко ниво.
(2) Мандатот на ЦК трае три години, односно во периодот меѓу два редовни Пленума.

Член 31
Состав
(1) Полноправни членови на ЦК на Левица, со право на глас, се:
– членовите на Президиумот;
– членовите на Трибунатот;
– координаторите на Програмските сектори;
– модераторите на Локалните ограноци;
– по еден одговорен член од нераководните работни тела;
– овластениот претставник; и
– благајникот.
(2) По исклучок, кога за тоа ќе се појави оправдана потреба заради разјаснување на одредени прашања, на сесиите на ЦК може да учествуваат и други внатрешни или надворешни лица (членови, симпатизери, експерти и сл.) – но, без право на глас.

Член 32
Надлежности
(1) Централниот комитет на Левица:
– се грижи за реализирање на насоките утврдени од Пленумот;
– утврдува идејно политички задачи;
– дава иницијативи за разгледување на одредени прашања на Пленумот;
– распишува внатрепартиски референдум, по принципот на Е- демократија;
– врши измена или дополнување на најважните документи меѓу два пленума;
– донесува деловници за работа на другите раководни органи и нераководни тела;
– донесува одлуки и други акти во рамките на своите ингеренции;
– ги разгледува и усвојува извештаите на Президиумот;
– дава политички насоки на секторите, ограноците и членството;
– одлучува за заедничка соработка и настап со други политички партии, коалиции или организации;
– го разгледува финансиското работење на Партијата;
– одлучува за висината на членарината;
– усвојува Годишни извештаи, План за работа, Акциони планови, финансиски план т.е. Буџет и Завршна сметка;
– избира членови на Президиумот;
– избира кандидати за јавни функции;
– утврдува одговорност на носителите на јавни функции кандидирани од Партијата;
– формира комисии, одбори, работни групи и други тела;
– врши и други работи од својот делукруг на работа.

Член 33
Сесии
(1) ЦК работи на пленарни сесии кои можат да бидат редовни или вонредни:
а) Редовните сесии се одржуваат квартално – најмалку на секои три месеци, и тоа вообичаено последниот викенд од месеците март, јуни, септември и декември.
б) Вонредните сесии се одржуваат по потреба, за разгледување на итни и неодложни прашања или други поважни работи кои не трпат одлагање, и тоа на барање на една четвртина од членовите на ЦК или, пак, на барање на Президиумот.
(2) Сесиите ги свикува Президиумот кој испраќа покана т.е. известување за претстојната сесија до сите членови на ЦК, најмалку една седмица претходно.

Член 34
Кворум и мнозинство
(1) ЦК може полноважно да одлучува ако на сесијата присуствуваат повеќе од половината од членовите со верификуван мандат, кои имаат право на глас.
(2) Одлуките на ЦК се донесуваат со релативно мнозинство гласови.


3. ПРЕЗИДИУМ

Член 35
Статус и ингеренции
(1) Президиумот е главниот политичко-егзекутивен т.е. извршен орган на Партијата, којшто функционира како колективното претседателство.
(2) Надлежности на Президиумот се:
– гради стратегија за политичко позиционирање и делување на Партијата и им дава насоки на пониските органи;
– врши насочување на Партијата согласно објективните теренски прилики (на ниво на локални ограноци и на републичко ниво);
– свикува редовни заседанија на Пленумот;
– свикува пленарни сесии на ЦК;
– основа или укинува Програмски сектори;
– основа или укинува Локални ограноци;
– основа или укинува Комисии или други помошни тела;
– одлучува за колективно распуштање на пониските органи на Пaртијата;
– избира или разрешува членови на Трибунатот;
– избира или разрешува членови и координатори на Програмските сектори;
– избира или разрешува модератори на Локалните ограноци;
– избира и разрешува Овластен претставник т.е. застапник по закон на Партијата во надворешниот правен промет;
– избира и разрешува партиски Благајник;
– избира и разрешува повереници или делегации за остварување официјални контакти, вршење преговори или остварување специјални партиски мисии со други партии или организации;
– одлучува за потребата од постојано или привремено вработување или хонорарно ангажирање на одредени лица во Партијата и за висината на нивната заработувачка;
– одлучува за иницирање, приклучување или напуштање на тековни кампањи или акции од неформални иницијативи за општествени промени;
– одлучува за промена на седиштето и адресата на Партијата;
– води Регистар за членство;
– донесува правилници, упатства, одлуки, заклучоци и други интерни општи акти;
– решава за други прашања од значаен интерес на Левица.
(3) Президиумот има право на вето, односно ингеренции да запре од извршување одлуки или други акти на пониските органи (Трибунатот, Програмските сектори, Локалните ограноци или нераководните работни тела) – доколку оцени дека тие се во спротивност со партиската Програма или Статут.

Член 36
Состав и мандат
(1) Президиумот е составен од седум до единаесет рамноправни членови со императивен мандат, делегирани од страна на ЦК и тие можат да бидат отповикани во секое време – со апсолутно мнозинство гласови.
(2) Мандатот на членовите на Президиумот, по правило, трае три години, односно за време меѓу два Пленума – со тоа што секоја година се менува еден од членовите.
(3) Правото на повторен избор во Президиумот еден поранешен сменет член може да го стекне дури по истекот на една година од неговиот претходен престанок на функцијата президиумски член.
(4) Одредбите од првите три става на овој член не се однесуваат само на првиот персонален состав на Президиумот, избран од Основачкото собрание на Партијата, кој има полн мандат од три години.

Член 37
Седници и начин на одлучување
(1) Президиумот работи на седници кои, по правило, се одржуваат најмалку еднаш неделно.
(2) Президиумот може полноважно и легитимно да одлучува ако на седницата присуствуваат мнозинството од членовите.
(3) За присутен ќе се смета и оној член кој, од оправдани причини, не може да присуствува на седницата, но којшто се изјаснил за точките на дневниот ред – на било каков начин (писмено, електронски, усно, по телефон и сл.).
(4) Одлуките на Президиумот се донесуваат со апсолутно мнозинство гласови.
(5) На седниците на Президиумот можат да учествуваат и членовите на ЦК, но без право на глас.

Член 38
Претседавач
(1) На седниците на Президиумот, од редот на членовите, се именува технички претседавач-записничар кој раководи со состанокот, се грижи за следење и придржување кон дневниот ред и доставува записник од седницата.
(2) Правило е дека претседавачот ќе ротира за секоја следна седница.


4. ТРИБУНАТ

Член 39
Надзорна, дисциплинска и статутарна комисија
(1) Заради внатрешна контрола во теренското делување на Левица се формира посебно контролно тело наречено Трибунат – составено од три оддела, секој составен од по тројца членови:
а) Надзорна комисија – надлежна за ревизија на материјално финансиското работење на Партијата;
б) Дисциплинска комисија – надлежна за утврдување одговорност и вина на партиските членови;
в) Статутарна комисија – надлежна за изготвување на измени или дополнувања на текстот на Статутот.
(2) Членовите на Трибунатот се избираат од страна на Президиумот со мандат од три години и тие, во исто време, не можат да бидат и членови на Президиумот.
(3) Работата и постапката пред Трибунатот подетално се уредуваат со деловник, а неговите одлуки подлежат на контрола од страна на Президиумот, како второстепен жалбен процесен орган.


В. ПОМОШНИ ПАРТИСКИ ОРГАНИ

1. ПРОГРАМСКИ СЕКТОРИ

Член 40
Статус
(1) За реализација на целите и операционализација на задачите на Партијата се формираат Програмски сектори (ПС) кои функционираат врз основа на критериумите на стучност, компетентност, знаење, кредибилитет и искуство.
(2) Одлука за основање и престанок, како и деловник за работа на ПС донесува Президиумот на Левица кој ги бира и членовите на секторот и коишто, за својата работа, одговараат пред Президиумот.

Член 41
Надлежности
(1) Програмските сектори се поделени на ресорска основа, за најбитните прашања на општественото живеење.
(2) Во надлежност на ПС е креирање, анализа и стратешко планирање на политиките на Партијата во дадени области од јавниот живот, согласно идеолошките определби утврдени во Платформата, Програмата и Статутот.

Член 42
Средби и координатор
(1) Програмските сектори работат на редовни средби кои се одржуваат најмалку еднаш месечно, доколку поинаку не е одлучено.
(2) На чело на секој ПС стои координатор којшто има оперативно-техничка улога за координација на средбите и активностите на секторот и кој, за својата работа, одговара пред Президиумот.

Член 43
Членови и начин на одлучување
(1) Еден ПС може да има најмалку три члена.
(2) Член на Президиумот на Левица не може да биде координатор на ПС и не смее да членува во повеќе од три сектори.
(3) За полноважно одлучување на секторот е потребно присуство на повеќе од половина членови на ПС, а одлуките се носат со релативно мнозинство гласови.
(4) Во случаите кога барем еден член на Президиумот ја проблематизира или се сомнева во исправноста на некоја секторска одлука, таа одлука ја добива својата конечна правна сила дури по нејзината верификација од страна на Президиумот.


 

2. ЛОКАЛНИ ОГРАНОЦИ

Член 44
Статус и надлежности
(1) Врз основа на територијалниот принцип на организација на работата, во Левица се основаат локални ограноци по населените места (градови, села, населби и сл.) – низ целата територија на Република Македонија.
(2) Во една општина може да се формираат и повеќе ЛО, а минималниот број членови во еден огранок е тројца.
(3) Дејствувањето и ингеренциите на ЛО, како и критеримите за основање и укинување на ЛО се уредуваат со Деловник за работа.


Г. НЕРАКОВОДНИ РАБОТНИ ТЕЛА

Член 45
Форум
(1) Форумот на Левица, како помошно-советодавен орган, е постојно, консултативно нераководно тело коешто го сочинуваат искусни и влијателни членови на Партијата, а првенствено:
– членовите на Иницијативниот одбор за формирање на Партијата;
– членовите на партиското Основачко собрание;
– лицата кои се потпишале во процесот на пререгистрација на Партијата;
– поранешните членови на главните партиски органи (Централен комитет, Президиум, Трибунат) на кои им истекол мандатот;
– други видни членови на Партијата.
(2) Задача на Форумот е подобрување на политичката култура и внатрепартиската комуникација, како и координација на политиките на партиските фракции – а неговата работа подетално се уредува со деловник.

Член 46
Секретаријат
(1) Заради прегледно вршење на секојдневните административно-технички, оперативно-комуникациски и архивско-книговодствени работи – се формира посебен партиски Секретаријат.
(2) Работата на Секретаријатот подетално се уредуваат со деловник.

Член 47
Конвенција
(1) Конвенцијата на Левица е советодавно тело составено од помалку активните членови, како и од партиските симпатизери.
(2) Тие можат да бидат консултирани, преку различни облици на анкети и прашалници, при одлучувањето за некои важни прашања, како и за генералниот курс на Партијата.
(3) Работата на Конвенцијата подетално се уредуваат со деловник.

Член 48
Истражувачки центри
(1) Заради перманентна едукација и политичко образование на партискиот подмладок и другите партиски членови, се формира посебен Истражувачки центри на Левица – чијашто организација и работа се регулира со деловник.
(2) Истражувачките центри можат да формираат свои аналитички центри, библиотеки или научно-истражувачки институти, чијашто работа се регулира со правилник.

Член 49
Останати работни тела и форми на организација
Заради непречено одвивање на партиските активности, може да се формираат и други работни тела од типот на:
– асоцијации;
– комисии;
– клубови;
– работни групи;
– групи за притисок;
– специјални тимови и сл.


 

                                                                           V. ФИНАНСИРАЊЕ

Член 50
Материјални извори
(1) Финансиски средства за делувањето на Левица се стекнуваат и обезбедуваат преку:
– членарина;
– доброволни прилози, донации, подароци или легати;
– кредити;
– дотации од Буџетот на РМ; и
– други легални извори на финансии, согласно позитивните законски прописи.
(2) Членовите на Партијата кои имаат лични примања задолжително плаќаат членарина во износ утврден од надлежниот орган, додека останатите членови плаќаат членарина врз доброволна основа.
(3) Приходите и расходите на Партијата се јавни, а се утврдуваат со нејзиниот годишен буџет.
(4) Покрај редовната банкарска жиро-сметка, за време на избори, средствата од поединечните донации од физичките или правните лица, според законски предвидените износи, се издвојуваат на посебна сметка за изборен фонд.

Член 51
Легитимност при трошењето
(1) Користењето и располагањето со средствата и имотот на Левица се врши на начин утврден со овој Статут и останатите законски и подзаконски прописи.
(2) Интерната контрола и надзорот над материјално-финансиското работење на Партијата го врши Надзорната комисија.

Член 52
Благајник
(1) Во Левица се избира Благајник кој е и еден од овластените потписници на банкарската жиро-сметка на Партијата, заедно со овластениот претставник и со други ополномоштени лица за таа намена.
(2) Партискиот благајник доставува месечен извештај за финансиската состојба и ја води посебната книговодствена евиденција за приходите и расходите на Партијата.


 

                                                                        VI. ПРЕСТАНОК НА ПАРТИЈАТА

Член 53
Начин на престанок
(1) Левица ќе престане со работа:
а) доброволно – кога Пленумот ќе донесе одлука за нејзин престанок, со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број делегати;
б) задолжително:
– кога бројот на членовите ќе се намали под законски определениот број за нејзино основање, т.е. пререгистрација; или
– кога ќе настапи законски основ утврден со правосилна и извршна одлука од надлежен суд, односно од страна на Уставниот суд на РМ.

Член 54
Постапување со имотот
По престанокот на работата и постоењето на Левица, како правен субјект, имотот и средствата што ќе останат по намирувањето на обврските, се донираат во хуманитарни цели.


 

                                                                 VII. ПРЕОДНИ И ЗАВРШНИ ОДРЕДБИ

Член 55
Интерни акти
Прашањата кои не се уредени со Статутот на Левица, ќе бидат регулирани со посебни акти и одлуки – во согласност со Уставот на РМ, законите и овој Статут.

Член 56
Толкување
Право на автентично толкување и телеолошка интерпретација на одредбите од овој Статут има Пленумот, а меѓу два пленума – Централниот комитет.

Член 57
Измени и дополнувања
(1) Измени и дополнувања на овој Статут се вршат по иста постапка како и при негово донесување.
(2) Предлог за измена може да достави било кој член на било кој од основните партиски органи, по што тој се доставува до Статутарната комисија која ја изготвува нацрт-верзијата на измените.

Член 58
Влегување во сила
Овој Статут влегува во сила со денот на неговото донесување.

 

8ba4c490-659c-4cb3-8c03-b39daf1b019e