Кираџиева: Македонски гладијатори на современата доба

весна кираџиева

Loading

Тагови:

Донирај онлајн

Едно од најчесто поставуваните прашања, е токму ова: Дали во Македонија има услови за спорт? Зошто македонскиот спорт е на толку ниско, незавидно ниво? За да, не ретко следува и саркастичен коментар: „Како така, и тие имаат две нозе и вие имате две нозе, како тоа другите земји имаат поуспешни спортисти и како така ве победуваат?“

Гладијаторите биле робови или осуденици во Римската Империја обучен да се борат со други како нив или со диви ѕверови како вид на спорт пред публика во голема арена, за забава на гледачите. Налик ова се денес спортистите, со неколку разлики, бидејќи иако условите за работа на еден спортист во Македонија се под пристојно ниво за времето во кое денес живееме, наспроти Римската Империја, барем не се робови принудени да се борат до смрт.

Прво, „услови“ е многу широк поим. Прашањето мора да биде попрецизно. Оттука, моето контрапрашање на ова секогаш е: За какви услови зборуваме, за материјални, за физички, за мотивациски, за квалитет, за квантитет? Обично на ова контрапрашање ќе ми се насмеат збунето и ќе ми речат „па, да“. Така и сега, ќе се обидам за секоја од овие точки да дадам поконкретен одговор.

Бидејќи е ова толку обемна тема, што треба да издадеме посебна книга, или барем една семинарска од триесетина страници, за да го образложам и да го разложам ова „услови“ на неколку ставки, тука ќе се обидам да ви одговорам на ова прашање во што пократки црти, за да не ви го одземам премногу долго вниманието, па се надевам дека на крај и самите ќе извлечете свој заклучок, а јас секако ќе ви го кажам мојот.

Физички услови. Во Македонија, иако делумно, сепак има минимални физички услови за тренирање. Ќе почнам со она што најдобро го знам, атлетика. Прво, го имаме Градски стадион. Во светски рамки, ретко кои атлетичари можат да се пофалат дека тренираат на главната арена/стадион. Иако, реално, ова не е предност, бидејќи Арената е всушност фудбалски, а не дом на атлетиката и на Атлетската федерација на Македонија (АФМ). Затоа, најчесто ние, како атлетичари, немаме предност пред фудбалерите, најчесто вратите на Градски се затворени за нас, а не ретко во минатото, АФМ не ги подмирувало сметките со претпријатието кое стопанисува со стадионот, па атлетичарите се секогаш тие кои го јадат подебелиот крај од стапот, а АФМ не се грижи за оние за кои постои – атлетичарите.

Друг ваков објект има и во Охрид и еден со истрошена и излитена тартан-патека во Велес, но и таму атлетичарите се соочуваат со слични проблеми како и во Скопје. Сепак, Македонија е поголема од само овие три града и младите сакаат да се занимаваат со спорт и во Битола, и во Прилеп, и во Струмица, и во Дојран, и да не ги набројувам сите градови поединечно.

За гардероби и да не зборувам, тоа се луксузи, не занесувај се, ќе ти речат. А туш-кабини со топлa вода – е, тоа е веќе, Весна, ти како во кралска палата да си растела, па сега и тушеви бараш. Без разлика дали е –20 °С во зима или +50 °С во лето, ние сите се пресоблекуваме на резервните клупи под трибините на стадион, на отворено. А некогаш, кога се подготвува стадионот за некој фудбалски натпревар, пристапот и до тие клупи ни е ограничен.

Во секоја населба треба да има по еден мини атлетски стадион со 4-5 патеки, колку да можат да тренираат локалните клубови. Без трибини, само патека. Толку. Можеби ви делува како занесување, но да не одиме подалеку во светот, во Словенија секое училиште има своја патека со тартан, верувајте, ова не го кажувам напамет, туку од лично искуство. Сѐ уште мислите дека е занесување? Мене ми делува само како недоволна агилност на државните институции, а да почнеме од АФМ, а потоа и АМС да ја испромовира „кралицата“ како база на секое здраво дете и како кревање раце дека никој не сака да финансира.

Наспроти атлетските храмови што ни недостасуваат, имаме одлични услови за тренирање за долги патеки. Веројатно тоа е една од причините зошто масовното трчање на уличните трки е во значителен пораст, освен тоа што ние постојано го поддржуваме и го промовираме. Освен Кенија и Етиопија, не верувам дека во светски рамки има град како Скопје којшто може да понуди подобри услови за маратонски тренинзи. Значи, зборуваме за голем град, метропола. Ние имаме (речиси) непрекинати услови за тренинзи од 30 км по кејот на Вардар. Зборуваме за рамна подлога, за мека, земјена подлога, каде што може да се штедат колената и зглобовите, без да се удираат на асфалт. Го имаме и Водно, Водно кон Матка, кон Пантелејмон. Го имаме и Градски парк. За off-road ги имаме и околните планини и села, како Скопска Црна Гора и Катланово.

Секако, тренирањето во метропола има и огромен број негативни аспекти, но сепак имаме услови за тренирање. Во зима, маглата и загаденоста се на високо ниво, и тоа најчесто трае по 3-4 месеци, од ноември па дури до февруари, што значително го отежнува трчањето, при што зборувам за трчање со посилен интензитет, од 13-14 тренинзи неделно, не за трчање колку за одржување на формата, 2-3 пати во неделата. Јануари е најчесто најтежок, кога ќе падне и снег и кога кејот е огромна замаглена лизгалка, па тренинзите неизбежно се сведени на „одржување континуитет“. За сето ова време, нашите колеги од соседството се веќе два месеци на Итен во Кенија или во Португалија, или во Анталија, на идеални 15 степени за подготовки на долги патеки, и газат на надморска висина од над 2500 м. Но, што е тука е, нема интерес нашата АФМ да вложи во 5 мажи и 3 жени за ваков тип подготовки.

Надвор од Скопје ги имаме Шапка и Маврово, кои имаат потенцијал да бидат балкански, а и европски атлетски и спортски седишта за подготовки, само нема кој да предложи да се инвестира во инфраструктурата и модернизирањето на овие заборавени природни богатства. Така, не само што федерациите ќе има активни приходи, не само што спортисти ќе имаат секогаш простор каде да „избегаат“ од градскиот метеж, туку и Македонија ќе го доведе спортскиот туризам на високо ниво и сите ќе имаат придобивка. Локалното население ќе има финансиски приходи, а Македонија ќе стане видлива на европската и на светската мапа. Но секако, тоа не е еден од приоритетите на федерациите, АСМ, МОК и другите надлежни институции. Најважно е да се прошета на семинар по покана некаде на другата страна од светот и да се земаат дневници.

Ова се примери од атлетика, но со вакви проблеми се соочуваат сите спортисти, особено оние од индивидуалните спортови кај нас, без оглед дали се работи за базени, спортски сали, тревнати или скијачки и лизгачки терени.

Услови во однос на квантитетот и квалитетот, особено меѓу младите. Има. Ова е едно огромно ДА. Особено во спортовите на издржливост, на дисциплините на долги патеки. Македонија и нејзиното население, според некои статистички параметри од интернационални институции, се смета за народ со генетски предиспозиции кон спортовите на издржливост, но, за жал, АФМ не покажала интерес да плати неколку тренери кои би организирале предавања и мини училишни трки за да наоѓаат талентирани деца, кои, пак, потоа би биле стипендирани за да можат да продолжат со спортот и со соодветно образование. Во моите повеќе од дваесет години во спортот, имам видено неверојатни таленти како доаѓаат и си одат, а АМС и федерациите не само што ништо не направила да ги задржи, туку напротив, со своето ноншалантно и диктаторско однесување, само ги одбива и тие неколку талентирани деца кои ќе дојдат од Прилеп или од Штип, или од некој друг помал град или село на свој трошок во Скопје, со желба и намера да напредуваат. Има квалитет во Македонија. Во однос на квантитетот, во нација од 2 милиони, пет-шест европски шампиони и еден-двајца светски можат да се издвојат од оваа бројка. Секако, не сме САД, со 323,1 милиони популација, или Кина, со 1.379 билиони, за да извадиме 200 шампиони, но за почеток и двајца со исполнета олимписка норма би било квантен скок.

Временски услови. Спомнав погоре за проблемот што го има Скопје за време на зимскиот период, а тоа, за жал, е проблем и на другите градови, помалку или повеќе. Ако не е маглата, тогаш е снегот и мразот или премногу ниските температури. Тоа ни скратува цели три месеци на адаптирани тренинзи, коишто мора да се сведат на помал интензитет или помала километража од посакуваната. Летно време се тренира на температури над 40 степени. Сетете се само што можете вие да правите на 40 степени, дали имате волја да одите до продавница? Е, сега, сметајте дека некои од нас треба да ги одржуваат интензитетот и просечните тренинзи од 15-20 км дневно на таа температура. И ова трае по три месеци, од крајот на мај до средина на септември. Повторно адаптирање на тренажниот процес и сведување на најпрактичен максимум соодветен за овие услови. Додека нашите соседи тренираат на идеални 15-20 степени на околу 2000 м н. в. некаде на Копаоник или Белмекен. Да, за летно време имаме и ние неколку планински прибежишта, кои се далеку од идеални, како Маврово (кое нема голема н.в., нема ни 1200 м н. в.) или Шапка (која нема идеална и безбедна патека). Ние коишто сме поупорни и сепак ќе одлучиме да избегаме од горештините, можеме да си го дозволиме тоа максимум две, преку сила три недели, бидејќи АФМ, АМС, МОК не нѐ поддржуваат финансиски, ниту се ангажираат да ни најдат покровител, бидејќи немаат интерес од тоа. Ним секако им легнува плата на сметката на први, секако им следува шетање по интернационални семинари и плус дневници. Зошто би се ангажирале дополнително? Немаат тие проблем. Никој не ги плаќа за тоа? Нели? Тие (спортистите) кои имаат проблем, нека си го решат самите. 

Мотивациски услови.  Од погоре наведеново, веројатно сфативте дека оние, најупорните, кои сепак ќе останат во спортот, тоа го прават со силна волја и љубов кон него. Психолошки, треба да се соочат со финансиски проблем пред сѐ, бидејќи кога веќе ќе влезат во категоријата на сениори, голем дел од спортистите основаат семејства и влегуваат во полн работен однос, што го скратува уште толку времето за тренирање, па треба челична волја за да се соочите со овие проблеми. Кога сме кај финансиите, секое обраќање кон приватна компанија најчесто ви е неодговорено, односно игнорирано. Оние ретките кои ќе бидат доблесни да ви одговорат, ви пишуваат порака на извинување, ама буџетот им е затворен за оваа година (на сите, без исклучок, кога сакате пратете им, од јануари до декември), а од оние најкоректните, кои некако ќе се нафатат да ви помогнат, добивате најчесто еднократна помош од некоја симболична опрема, патики, дрес, маици (никогаш директни финансии), што секако е олеснително, но никако одржливо. Потоа тука се социјалните предрасуди, во смисла „што се занесуваат уште, наместо да работат нешто, тие трчаат ко луди“. „Наместо да чува деца, таа излегла да трча“ и слично. Не сакам ни да почнам оттука да навлегувам во темата жените и спортот.

Суплементација, исхрана, физиотерапевти, спортски прегледи. За ова има неколку приватни клиники кои од неодамна започнаа да им ги нудат овие услови на спортистите. Но зборуваме најчесто за суми од 150 евра и нагоре по атлетичар/спортист, па овие институции моментално работат за клубови како Вардар, Работнички, МЗТ и слични тимови, коишто имаат дебела финансиска заднина, но спортисти од индивидуалните спортови не можат да си ги дозволат нивните луксузи. Ако случајно се повредите, скраја да е, прашајте ме мене наместо да чекате редови во државните клиники, бидејќи секако ќе ви речат, одморај се две до три недели, ако не ти помине ќе те пратиме на снимање. Па за две-три недели, и да ти е скршена ногата ќе ти се залечи, не ти треба лекар да ти го каже тоа.

Финансиски услови. Исто така, од погоре споменатото, сигурно веќе сфативте дека атлетичарите рапослагаат со 0 денари профит од овој спорт. Без разлика дали се тоа репрезентативци, или рекордери, или национални шампиони, никој од нас не е финансиски награден за успесите со редовни примања (стипендии), ниту нередовни, еднократни, полукратни, 1000 денари, ништо, ниту тапкање по рамо, браво бе, деца, секоја чест. Ништо. Нула. ОК, ми паѓа на памет една што се пикна преку СДС-ДУИ и добива некои финансии преку ред. Не е ни чудо што приватните компании, а и државните, не сакаат да ја поддржат АФМ или било која друга федерација и нас, поединците, кога парите наменети за спортистите всушност никогаш не стигнуваат до нив, до заслужните. Институциите и фирмите го гледаат тоа и – за што да даваат пари? Освен тоа, атлетиката, како и останатите индивидуални спортови, не се промовирани со силен маркетинг и ПР, па ако нема реклама, исто така фирмите немаат интерес финансиски да нѐ поддржат – немаат ни тие интерес, не се хуманитарни организации. Плус, кога нема пари, сите кон нас, атлетичарите, гледаат со сожалување, да не речам со потсмев. Не сме „шема“, како кошаркарите, ракометарите и фудбалерите. Кога тие ќе се појават во јавноста, сите очи се во нив. Луѓето им ги знаат имињата. Децата се идентификуваат со нив. Затоа што нивните федерации платиле за ПР и маркетинг-промоции. Поканиле новинари на натпреварите. Има камери, има директни преноси. Се убедувале, се молеле, се тегнеле, плаќале. Така одат работите. Знаете како велат, парата на пара оди. Кај нас ништо ниту излегува, ниту влегува. Од шупливо во празно.

На крајот од сето ова, може ќе се изненадите ако ви кажам дека краткиот одговор на вашето прашање е ДА, во Македонија има услови за спорт, има услови и за атлетика. Има и повеќе од тоа, има услови за минимум европски шампиони. Има амбициозна, упорна, талентирана, образована и паметна младина. Штом остануваат да тренираат и покрај сите мизерни услови, да напредуваат и да прават какви-такви резултати, значи има и надеж. Нема финасии, нема агилна власт да ги поддржи и да ги поттурне овие деца. Но јас имам силна волја, надеж и позитивна мисла дека работите ќе се променат наскоро.

Со екипата која работиме во Левица, ќе се обидеме со оваа амбициозна и паметна младина, да ги смениме оние кои одамна не работат во интерес на спортот и се надеваме дека со нашите ставови ќе им докажеме на сите, па дури и на противничката гарнитура, дека оваа земја заслужува подобра иднина од ваквата сегашност и триесетгодишно темно минато со закоравените и заборавени „фотелјаши“.

Автор: Весна Кираџиева – член на Централниот Комитет на Левица

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ