Кираџиева: Спортската (не)култура и западните „вредности“ на хулиганизмот

весна кираџиева

Loading

Тагови:

Донирај онлајн

Не ретко во Македонија, се случува јавноста да е згрозена од непријатни настани поради хулиганизам на спортските борилишта. Спортот треба да е простор за фер натпревар или како што често знам да ја парафразирам познатата изрека на нашиот народен херој Гоце Делчев: „Јас го разбирам светот како поле за културен И СПОРТСКИ натпревар меѓу народите.“

Но сепак, често сме сведоци на физички пресметки и вандализам помеѓу поддржувачите, односно навивачките екипи. На што се должи овој концепт на „мачоизам“ кој е тренд актуелен кај спортските игри?

Пред сѐ, на немањето спортска култура. Ова е нешто основно и базично и (треба да) се учи уште од основно училиште, а потоа и во спортските клубови. Во услови кога образованието ни е во тотален колапс, најмалку се очекува да се обрне внимание на образование во однос на спортот, однесувањето на спортските терени и култура на однесување. Ова значи дека е потребно, уште од најмлада возраст на децата да им се всади љубовта кон спортот, но и почитувањето на противникот. Јас како млад спортист, со одличен тренер, имав ретка прилика во денешното распаднато општество, а слободно можам да кажам и привилегија, да учам спорт, а не само да тренирам. Спортот е повеќе од само физичка активност – тоа е стил и култура на живеење. Ова се учи од дете, кога вистински посветен наставник, тренер, професор, ќе ти посочи дека е потребно повеќе од тоа само да си најдобар на терен, за да бидеш вистински најдобар.

Тоа е целосен концепт од посветена работа низ целиот тренажен процес помеѓу натпревари, но и начинот на кој се однесуваш со конкуренцијата, кога победуваш и кога губиш, кога си на терен, но и на трибина. Тоа се вика спортска култура. Точно е дека навивање за својот тим е начин да им дадеш поддршка, но и „издувен вентил“, кога ќе викаш и скандираш на трибините, заедно со илјадници други истомисленици: „Ајде“, „Напред“, “Браво“, па дури и „Уааа“ за противникот, сето тоа е еуфорично и ви дава чувство на единство и припадност на група – сето тоа е нормално и здраво човечко однесување кое ни е потребно на сите – да припаѓаме некаде, на некоја група. Секое друго однесување надвор од ова, е неспортско и недолично.

Од друга страна, младите се особено бомбардирани со „западните вредности“ на однесување, кои посебно ни се сервираат преку холивудски филмови, за она што е тренд и општествено (не) прифатливо. Филмови како „Хулиганите од Грин стрит“ (Green Street Hooligans) кои иако имаат крајна цел да потенцираат дека ваквите девијантни однесување не ретко некого го чинат и живот, сепак демонстрираат што всушност се случува во западниот свет. Начинот на кој ни се сервира преку филмовите, направен е така да, сето тоа да изгледа „кул“, особено за младите, бидејќи во овие филмови се содржи реалната слика на она како се однесуваат одредена група страствени навивачи на фудбалските клубови низ западна европа – кон која нели, без двоумење, слепо се стремиме, а согласно некои, одамна и цврсто определени гео-стратешки цели(?!).

Одобрувањето на ваквите девијантни однесувања оди до таму, што своевремено имаше и тврдења на западните психолози, дека треба да е прифатливо, бидејќи на тој начин е подобро да се истурат нервозата и фрустрациите кај овие луѓе, кои секако ги имаат во себе, па доколку не се „истурат“ помеѓу себе, ќе бидат склони кон војни (и тука се споредуваа со балканските мажи, кои не биле како англиските навивачи на трибини, ама затоа имало толку војни на балканот, замислете!!).

Ова никако не е прифатливо. Одобрување на насилство, особено на спортски терени, не само што не треба да се поддржува и охрабрува, туку треба да биде осудено. Пред сѐ од самите спортисти и клубови/федерации. Кога веќе образовниот систем потфрла, тогаш ние како спортисти и клубови, треба да преземеме нешто. А што се однесува до истурање на негативната енергија, нервозата и стресот, препорачуваме спортување, или пак копач и појдете на нива и удрите по таа обработлива, плодна земја, така барем ќе има полза и земјата од сета таа истурена енергија, наместо меѓусебно насилство (или војни, како што ви велат западните психолози).

Иако доаѓам од атлетика, спорт кој е индивидуален и нема скандали со навивачи, сепак можам да направам паралела на едукација која е неформална и индиректна, а може да се повлече паралела како позитивен пример кој може да се практикува и можам де ве уверам дека би функционирал и кај екипните спортови, како фудбал, ракомет, кошарка, посебно кај нас, во држава која е со толку мала (спортска) популација, што безмалку секој со секого се познава.

Имено, на почетокот, кога Скопски маратон почна да се одржува, имаше негодувања, како тоа цел град е затворен, како улиците се блокирани, па што ако треба брза помош да помине и сл. Сето ова се должеше на спортската необразованост и некултура. Народот кај нас просто не беше запознаен дека истото се практикува во секој голем град во светот и дека секогаш има алтернатвен излез. Ние, учесниците, организаторите, спортистите – атлетичари, како и рекреативци, поминавме години во трпелива едукација за сите алтернативи, како и што значи маратонот и спортот, до таму да ги мотивираме да излезат на улица и да ни дадат поддршка. Па масата на тркачи се зголеми, паралелно со масата на навивачи на скопските булевари. Од нервозни свиркања на улица на минувачите, пцуење и обвинување, стигнавме до публика која дава аплауз и пријателско свиркање на оние затекнати зад воланот во маратонските утра. Тоа го направивме ние, спортистите, заедно со организаторите, преку едукација, највеќе преку константна промоција преку медиумите и со наши ставови на социјалните мрежи. И долги години напорна работа. Затоа сметам дека со редовна едукација, потенцирање и обраќање на тимовите, клубови и пред се самите спортисти на прес конференциите пред натпреварите, оние за кои доаѓаат навивачите, да дојдат, да навиваат за нив, но да не го прават тоа со насилство, хулиганизам и вандализам, сигурно би вродило долгорочно со плод.

Очигледно дека ваквото однесување има за цел лечење на лични фрустрации кај поединци и мали групи, а не поддршка на клубот и спортистите, бидејќи на никој начин во пракса, насилничкото однесување на трибините, не придонесува за твојот тим да има подобар резултат на терен.

Пишува: Весна Кираџиева, координатор на Сектор спорт на Левица

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ