Локалниот Огранок на Левица Гостивар веќе еднаш ја информираше јавноста за проблемите со кои се соочуваат вработените во Ресорт Радика, с.Леуново. Се работи за редовно доцнење на исплатата на платите, или поточно, со доцнење на повеќе од еден месец. Вработените дури денес ја добија платата за октомври, а истите не се надеваат дека платата за ноември ќе ја добијат до крајот на месец декември, според праксата од изминатава година и повеќе.
Оваа појава на задоцнето примање плата, вработените во Ресортот ги мачи повеќе од една година. Платите знаат да доцнат и по три месеци. Секојдневно до нашиот огранок стигнуваат жалби од вработени во Ресортот, кои алармираат дека од 01.12.2021 год. истите се и без здравствено осигурување. Потполно заборавени од институциите, кои се глуви и неми на нивните барања, вработените својата последна надеж ја гледаат во Левица, единствената политичка партија која се залага за правата на работниците.
Вработените во Ресортот не’ информираа дека се обратиле до институциите по писмен пат (анонимно), но и по 3 месеци нема никаков одговор од нив. Теророт кој се врши кон работниците во Ресортот мора веднаш да престане! Вработените едвај сврзуваат крај со крај, се задолжуваат, не можат да си ги прехранат своите фамилии, буквално преживуваат од ден на ден.
Од друга страна, сопственикот на Ресортот, Шериф Рамука, има во план да гради 87 викенд куќи, од кои 17 се изградени и истите се со одобрение за градба, 9 се во изградба и за истите наместо одобрение за градба, издадено е Решение за рушење на истите. Решение кое и после два месеци не е спроведено од страна на Општина Маврово и Ростуше. Локалниот Огранок на Левица Гостивар дојде до информација дека изградбата на викенд куќите ја врши фирма, чиј сопственик е близок на владејачката ДУИ и истиот претходно бил и нивни висок функционер.
Поради сето горе наведено граѓаните со право си го поставуваат прашањето:
Дали „зелената” ДУИ го штити сопственикот на Ресорт Радика и зошто институциите молчат на нивните барања?
ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА – ЛО ГОСТИВАР
09 декември, 2021