Во Република Македонија постојат повеќе детски одмаралишта со дејност за зимски и летен одмор на учениците, настава во природа, спортски натпреварувања и др. Детските одморалишта се градени на атрактивни и чисти локации, во недопрена природа од придонесите што се уплаќале за детска заштита и образование и истите биле во општествена сопственост.
Денеска, по осамостојувањето на Република Македонија и процесот на приватизација и транзиција, поголемиот дел од детските одморалишта замруваат со работа и престануваат со вршење на нивната основна дејност одмор и рекреација за најмладите. Во изминатиот период државата неколку пати се обидела да ги продаде, дел од нив се продадени но поголемиот дел од нив се оставени да зјаат празни и полека се претворени во руини.
Детското одморалиште „Страхил Андасаров“ во село Љубанци е едно во низата на одмаралишта кој се оставени да пропаѓаат на забот на времето, речиси е целосно уништено. Ова одморалиште се наоѓа на падините на Скопска Црна Гора во прекрасна природа до манастирот Св. Никола. Сопственик на земјиштето е Македонската Православна Црква додека корисничкото право го има Министерството за труд и социјална политика. Денес ѕидовите на одморалиште се распаѓаат, малтерот се рони, прозорците се искршени, паркетот е раскопан, инвентарот е украден и уништен, дворот е запуштен.
Основната заложба на МТСП е детските одморалишта коишто се во сопственост на МТСП или за кои МТСП има право на користење е да ја задржат својата основна намена, односно да бидат во функција на потребите на децата особено за оние од ранливите семејства. Следствено на погоре напишаното неминовно е да се постави прашањето: Зошто сме оставиле нешто да пропадне толку многу и да се уништи нешто што сме го имале и функционирало?
Политичката партија Левица од позиција на идна власт ќе го покрене прашањето за детските одмаралишта и во соработка со локалната власт ќе ги заживее детските одморалишта во државата. Грижата за најмладите и нивното право за одмор, рекреација, спортски активности, настава во природа и дружење повторно ќе се вратат во воспитно-образовниот процес, но и како дел од целокупното општествено живеење.
ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА – БУТЕЛ
23.08.2022г.