Весна Кираџиева – кандидатка за градоначалник на Општина Аеродром

3 LEVICA POST Vesna Kiradhieva

Накратко би се опишала како лојална, борбена и креативна личност. Човек сум кој не се откажува од целите кои ќе ги постави пред себеси. Се борам за да оставам многу подобро утре за генерациите кои следат по нас.

Верувам дека секој еден од нас може да придонесе за градење на татковина во која ќе живееме достоинствено. Горд жител на Општина Аеродром, но воедно и револтирана од состојбата во која се наоѓа истата и решена да се вложам максимално за промени по мерка на народот кој живее во општината (и државата).

Родена 1986 година во Скопје и трета генерација аеродромка, со оглед на тоа што, како деца бегалци, моите баба и дедо биле населени во „егејските бараки“ во Мичурин уште во 40-тите години на минатиот век, а подоцна и мојот татко тука го поминал своето детство. Ново Лисиче е населбата во која научив да одам и да трчам и во која израснав во личноста која сум денес.

Атлетска репрезентативка на Македонија во маратон сум повеќе од 20 години, како и поранешна рекордерка и шеткратна шампионка.

Дипломиран криминалист на Факултет за безбедност.

Покрај тоа што сум ко-основач на Атлетски клуб Индјуренс, тековно клубот го водам и како претседателка и тренерка. Повеќе од пет години сум професионално ангажирана од тимот на Скопски маратон, односно Сојуз на Спортови на град Скопје во делот за промоција, како менаџер на социјални мрежи (social media manager) и како дел од организациониот тим на Виз Ер Скопски Маратон, Авицена Женска трка, Халк Еко Скопје Трча.

Во периодот 2013-2014 работев како волонтер во Љубљана (Словенија) во Центар за оспособување на деца со посебни потреби Јанез Левец (Center za usposabljanje Janeza Levca Ljubljana) и оваа работна задача, ми донесе чувство на исполнетост и неверојатно богато искуство во секој поглед. Овие деца се искрени и никогаш не се воздржуваа да ја покажат својата љубов кон нас, луѓето кои им помагавме во образовниот процес и вонучилишните активности. Децата и луѓето со посебни потреби, кај нас, се оставени на цедило од системот – ова е прашање на кое мора да се работи да се менува итно.

Авторка на „Издржи, кралице“ – прва книга кај нас, која на разбирлив начин ја доловува состојбата на македонската атлетика и што значи да се издржи како атлетичарка кај нас. Наскоро ќе излезе и продолжението на книгата, насловено како „Кралицата ќе издржи“.

Мотивација за вклучување во политика

Македонија, Скопје, како и буквално секоја општина, вклучително и мојата, Аеродром, се доведени до работ од бездната. Генералното чувство е дека само уште милиметар нѐ дели до пад во неповрат. Сметам дека ова е единствена и веројатно и последна шанса да се направи нешто подобро и поразлично, за да се спаси нашиот заеднички дом. Оние кои останавме тука, немаме резервна држава – Македонија е домот за кој треба да се избориме и да го спасиме од тридецениското уништување со штетни политки од страна на индивидуи кои докажаа дека не може да им довериме на чување ниту празен лист хартија, а камоли управување со општините или државата.

Што сакам да постигнам и променам во моето опкружување и општеството?

Крајно време е да поченеме да работиме за нормален и стабилен секојдневен живот на сите луѓе. Ова никако не може да биде недостижно, кога многу земји пред нас, чии власти работеле одговорно, го имаат постигнато со тек на време. Кај нас, пак, времето сигурно брзо ни минува, но никако не води до напредок и подобар квалитет на живот. Мојата борба сакам да резултира во елиминирање на непотребните секојдневни стресови со кои сите се соочуваме – од сообраќаен метеж, до немање паркинг простор; од затворени шалтери, до чекање редови и враќање дома со повторно незавршени основни обврски дури и за наједноставни работи како вадење на личен документ; од немање зелени паркови до рекреативни и културни центри за активности на цело семејство… Промена на сето она, кое наместо секојдневна вообичаена работа за сите нас претставува огромен стрес, кој насила ни е наметнат како „нормално“, а се одвива со кочници и препреки, поради коруптивни и некомпетентни кадри на клучни работни позиции со голема моќ на одлучување. Овие промени не се нешто невозможно, како што властите сакаат да веруваме. Напротив, до нив се доаѓа пред сѐ со политичка волја и храброст!

Зошто ја избрав и се кандидирам преку Левица?

Во изминатиов период за среќа, имав прилика и апсолутно задоволство да ги запознаам луѓето од Левица. Во нив и нивните заложби, го пронајдов она за кое со години наназад се борев самостојно – правда, ред и верба во одговорно работење како основа за градење на здраво општество, толку потребно на сите нас кои останавме да живееме во Македонија. Левица ја има потребната политичка војла, храброст и знаење за почеток на промени по мерка на народот кој живее овде.

Ваквите битки може да се извојуваат само организирано преку јасна и цврста структура (Левица) и заедно, во соработка со народот – оние кои веруваат дека може и мора поинаку! Дека подобар свет е неопходен и можен.

Мојата порака до народот

Премногу често слушаме дека сѐ е попусто, дека промени не се возможни, дека не вреди да се гласа… Ова е она во што корумпирани власти сакаат да веруваме и напорно работат да нѐ убедат дека е така, преку заробување и партизираност на институциите, владеење на неправда, непотизам и клептократија (крадење на народните пари). Како може да не вреди да се гласа, кога нивните гласачи кои се купени со вработувања и услуги, секако ќе излезат и ќе гласаат?! До кога ќе дозволиме за сите нас, да одлучуваат само луѓе кои си го продале достоинството?! Имавме и можност да слушнеме во т.н. „бомби“ дека на политичарите воопшто не им е сеедно, дури и се сериозно загржени кога се зборува за рејтингот на нивната партија. Ова значи дека рејтингот (големината на народната поддршка) е клучен елемент во одлучувањето за тоа кој ќе добие власт и моќ или за уништување (како досега) или за градење на нашиот дом (за што се залагаме и бориме). Затоа, сметам дека сечиј глас е важен; сечиј глас треба да биде слушнат и сечиј глас има моќ да го менува општеството. Мора заедно да бидеме гласни и заедно да се бориме против ненормалните услови во кои живееме, како и против луѓето кои ги создаваат. Заедно со поддршката од народот, може да го запреме уништувањето и да почнеме да градиме, за сите нас и за идните генерации.