
Амар Мециновиќ, член на Президиум и потпарол на Левица
Кратка биографија
Политиколог и активист за социјална правда. Член на Президум на Левица како највисоко раководно тело и портпарол, одговорен за комуникација со јавноста преку медиумите. Од почетокот на 2022 година – избран претставник на народот како член на Советот на Град Скопје. Во рамки на еден турбулентен мандат за градот, заедно со советничката група, нашите заложби беа и се базирани на: социјална платформа, заштита на работничките права, јакнење и проширување на јавните капацитети, кои ни се отуѓени, и еколошки свесна политика.
Мотив за активно влегување во политика
Дел сум од генерацијата која нема избор, освен да стане политички активна. Видовме како нашите родители, баби и дедовци беа прелажани и изгубија сè. Израснавме прилагодувајќи се на сè помалку и на сè полошо од година во година. Затекнати сме во општество на кое му беше растурено заедништвото на сметка на индивидуализмот и конзумеризмот, со цел да нè разделат и да профитираат од нашите животи.
Гледајќи ги небулозите околу нас, неминовно е да се запрашаме:
Каква е таа слобода на индивидуата со која нè убедуваат дека сме на прав пат кога сведочиме како безброј наши другарки и другари се иселуваат, а на оние кои остануваат, потенцијалот и среќата им згаснува поради економска нерамноправност?
Какви се тие предодредени судбини во кои некои имаат сè, додека другите немаат ништо?
Сосема јасно е дека насила и нелегално ни ги крадат условите за живот! Тоа што ни го одземаа, природно е да го замениме со гнев и непоколеблив порив за борба.
Од нас создадоа непријатели со мотив поголем, поистраен и повозвишен од нивниот. Затоа што наместо за профит, нашата борба е за слобода, достоинство и класно ослободување.
Нашиот мотив е суштински, искрен и црвен. Затоа е и победнички.
Време е млади и чесни луѓе да ги исфрлат од институциите дотраените квазиполитичари. Тие 33 години ја докажуваат својата колосална неспособност, а ги амнестираат крадењето и корупцијата. Доста е!
Левичарски вредности во кои верувам
- Единство!
- Борба!
- Човекољубие!
Само со левичарските вредности во основата на политичките одлуки, можеме да се надеваме на иднина, која ќе донесе просперитет за луѓето.
За што се залага Левица во Собранието и во иднина, од позиција на власт?
Левица е создадена за да ја вратиме Македонија на народот! Да ги заштитиме националните интереси на македонскиот народ! Да ги искинеме прангите на потчинетоста, наметната од неспособни и корумпирани самонаречени државници! Да ја запреме отворената сегрегација и трибализација на општеството! Низ нашата разединетост паразитираат криминалните политички елити, со што нè спречуваат да станеме модерна и стабилна земја. Поделбата е криза што ги разорува врските и ни ги слабее темелите.
Народна и средена Македонија е реалност.
Не постои невозможно со доволно политичка волја и силна политичка позиција. „Програмата, 2024“ на Левица, меѓу другите, содржи и решенија за политички систем и надворешна политика, како клучни за иднината на Републиката.
Дел од нив се:
- Поништување на сите штетни антимакедонски договори : Охридскиот рамковен договор, Преспанскиот договор со Грција, Договорот за добрососедство со Бугарија и прекин на преговорите;
- Декларација за ништовност на криминалните нелегални уставни амандмани од Преспанскиот договор со цел враќање на уставното име „Република Македонија“!;
- Потпишување Македонска платформа од страна на сите промакедонски политички партии, со цел утврдување национален консензус заради превенција од уцени;
- Поништување на илегалната двојазичност на целата територија на Републиката;
- Укинување на контроверзното двојно или т.н. Бадентерово мнозинство при носењето на некои закони;
- Намалување на бројот на пратеници во Собранието на РМ – од 120 на 100;
- Организирање на Република Македонија во една изборна единица без изборен праг (цензус);
- Воведување на отповиклив пратенички мандат;
- Укинување на привилегиите, патните трошоци и апанажите на избрани и именувани функционери;
- Забрана на чисто етнички партии и здруженија;
- Забрана за предизборни коалиции;
- Развивање на кориснички дигитални платформи и мобилни апликации за многубројни е-услуги;
- Суверена надворешна политика во корелација со одржлив и правичен економски развој за државата, која ќе води сметка за националните интереси на конститутивниот македонски народ и државата;
- Основање на екстерен советодавен Центар за геостратешко планирање составен од научни работници и специјалисти за планирање и позиционирање на Републиката во мултиполарниот свет;
- Градење добрососедски односи, како со непосредните соседи, така и со земјите од екс-југословенскиот простор, преку зголемување на политичко-економските врски;
- Олеснување и помош за добивање македонско државјанство на Македонците во соседните земји и ширум светот!;
- Запирање на погубниот процес на косоваризација на македонската дипломатија, преку забрана за лица со двојно државјанство да бидат наши амбасадори или генерални конзули во странство!;
- Прекин на воведувањето неосновани и препишани санкции наметнати од т.н. Колективен Запад (ЕУ, САД и Велика Британија), кои се штетни и за македонската економија;
- Создавање на услови за воведување безвизен режим со секоја постојана земја-членка на Советот за безбедност на ООН + со други земји ширум светот;
- Издигнување на билатералните односи со Народна Република Кина на ниво на стратешко партнерство;
- Воспоставување стратешко партнерство со Руската Федерација, по примерот на стратешкото партнерство со САД;
- Воспоставување и развој на сестрани односи со други меѓународни организации, согласно геополитичките прилики во Новиот мултиполарен свет:
- Движењето на неврзаните;
- БРИКС;
- Европската-еконономска заедница (ЕЕЗ);
- Евро-азиската унија (ЕАУ);
- Договорот за пријателство и соработка со земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН) и др.
- Продолжување на евроинтеграциите, исклучиво, на достоинствена и рамноправна основа, со јасни црвени линии: во процесот на преговори, Македонија да биде индивидуално вреднувана, без ставање во пакет со други земји; целосно отфрлање на т.н. Француски предлог, како неприфатлива и понижувачка рамка за продолжување на евроинтеграциите; оценувањето на напредокот да биде, исклучиво, во рамки на усвоените Копенхашки критериуми без било какви отстапки по националните и идентитетските прашања.
Порака до народот
Левица е единствената партија, која активно ги разбива тридецениските лаги, со кои политичката олигархија ја одржува и легитимира превласта над обичните луѓе.
Дома ни создадоа немир и регрес, надвор ги потчинија државните позиции и интереси! Името, културата, јазикот и историјата се наше право на самоопределување и вистина.
Како одговор на ова зловреме во кое живееме, повеќе отсекогаш е потребна единствена и освестена политичка нација, како основен предуслов за стабилност и економски просперитет на Македонија.
Доволно поминавме како народ, за да знаеме дека молбите кон опресорот да ни се смилува, не функционираат! Мораме да се бориме и да ги потсетиме нашите блиски дека сè уште имаме за што да се бориме!
„Работниот народ нема што да изгуби, освен своите окови. А може да го добие сиот свет!“ (К. Маркс).
Вашиот глас е вашето оружје за одмазда!
Излези и ГЛАСАЈ за Левица!
НЕПОДМИТЛИВИТЕ ВО СОБРАНИЕТО!
#НемаВладаБезЛевица
ЗАОКРУЖИ 5