Президиумот на Левица е главниот политичко-егзекутивен, односно извршен орган на Партијата, кој функционира како колективно претседателство, т.е. полит-биро. Президиумот е составен од пет до девет рамноправни членови со императивен мандат, делегирани од страна на ЦК и тие можат да бидат отповикани во секое време – со апсолутно мнозинство гласови. Мандатот на членовите на Президиумот, по правило, трае четири години, односно за време меѓу два редовни Пленума – со неограничено право на реизбор. Президиумот работи на седници кои, по правило, се одржуваат најмалку еднаш неделно. Одлуките на Президиумот се донесуваат со апсолутно мнозинство гласови.
Актуелни членови на Президиумот на Левица се:

Димитар Апасиев (1983, Велес) – доктор на правни науки. Тој е долгогодишен политички активист на Движењето за социјална правда „Ленка“. Работи како вонреден професор на Правниот факултет при Државниот универзитет „Гоце Делчев“ – Штип, Катедра за граѓанско право. Од 2020 година е избран за пратеник во Собранието на Република Македонија.

Реџеп Исмаил Хактан (1988, Скопје) – магистер по политички науки на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Долгогодишен активист и основач на ДСП „Ленка“. Живее и работи во Скопје. Од 2021 година е избран за советник во Советот на Град Скопје.

Борислав Крмов (1981, Штип) – историчар на уметност. Има студирано историја на уметност со археологија. Работел на струка, како ликовен критичар и теоретичар до градежен работник. Борец за социјална правда. Од 2020 година е избран за пратеник во Собранието на Република Македонија.

Јована Мојсоска (1992, Струга) – дипломирана на Факултет за безбедност и финансиска контрола. Основач и член на повеќе иницијативи за заштита на животните и животната средина. Генерален секретар на Левица.

Бранко Ристов (1986, Скопје) – дипломиран економист. Активист во бројни иницијативи. Советник на Политичката партија Левица во Општина Карпош (2017-2021) и актуелен претседател на Советот на Општина Карпош.

Гораст Муратовски (1994, Скопје) – математичар и програмер. Активист за работничка и социјална правда. Основач и уредник на електронското гласило „Антропол“.

Јован Крајевски (1995, Скопје) – магистрант по статистика за аналитика на податоци и дипломиран инженер по компјутерски науки и инженерство. Поголемиот дел од своето работно искуство го стекнува во полето на машинското учење. Активист за работнички права и социјална правда. Основач на електронското гласило Антропол.