Црвена Младина е движење на млади луѓе со марксистичко-ленинистички идеали како политичка идеологија и водилка кон подобри утра. Свесни за се’ она што ни’ беше одземано во транзицијата, свесни за националната ерозија на секое поле од нашето живеење, ние се заложуваме за враќање на своето и одбивање на туѓото. Нашата заложба во борбата за правда нека биде нашата младост, а нашата цел, преку пробудување на младината од нејзината долговечна хибернација, нека стави крај на денешниот општ дебилизам а нека ја начне иднината како реалност на дел од нашата замисла за утрата кои сè уште не сме ги проживеале.
Ние претставуваме комунистичко движење на млади луѓе со цел научната мисла на марксизмот-ленинизмот да ја вбризгаме во идните креатори на општеството како политичка и културна авангарда за национална слобода и прогрес. Ние повеќе немаме трпение а ниту време, да чекаме и гледаме како пред очи ни’ поминува животот, кој ги гори сите желби и соништа на нашата генерација. Оваа наша генерација, можеби е последната генерација која се’ уште има можност конечно да ја отпочне акцијата за градење на држава, која ќе биде во наша корист, а не за пустите странски дворови и домашни предатори. Овој пат можеби е долг и тежок но, имаме водилка што вреди да се следи – ние на крајот од овој тунел гледаме светло небо.
Ја имаме поддршката од политичката партија „Левица“ како пролетерска и работничка партија. Ние сме нивното неофицијално младинско движење. Се одлучивме за „Левица“, пред се’ затоа што, покрај истите маки ги делиме и истите идеали. Во другарите од Левица единсвено го гледаме жарот и јасната желба и искрената намера за воведување ред во ова безредие. Една од важните задачи на нашата организација е и да биде своевиден кадровски расадник на Партијата. Членовите на Црвена Младина ги организираат, запознаваат и спремаат младите симпатизери на партијата и на овој начин ги подготвуваат за идни предводници на пролетерското движење. На овој начин Црвена Младина го сочинува резервниот кадровски извор на работничката партија Левица.
Окрупнувањето на комунистичката младина како независна и засебна организација на младите, свесно прифаќајки го идеолошкото водство на политичкото раководство на пролетерската партија Левица, совесно се заложува за промоција и спроведување на партиската програма и одржување на партиските принципи. Оттука, пропагандата и политичкото агитирање во линија на акционото единство на Партијата, е една од темелните и најважни задачи на нашата младинска организација.
Задачата која се поставува пред нашата организација е регрутирање на сета младина во насока на поддршка и спроведување на партиската програма, како политичка платформа за спас на државата. Нашата организација, следејќи ја традицијата на работничката култура и нејзините класни интереси, покрај заложбата во придобивање на младите кон редовите на пролетеријатот, таа е и должна да предводи во оттргнувањето на младата популација од влијанието на сите бои и нијанси на опортунизмот, империјалистичката култура и буржоаската малограѓанска идеологија и политика.
Нека иднината, од нашите мисли прејде во наши раце, силата на народот е неизмерлива, а неговата желба и потенцијал за револуција непроценлива. Придружи се и ти! Биди дел од баукот кој кружи над нацијата како ветришта кои носат воздишки од иднината, наговестувајќи ги промените во сегашноста.
Ќе победиме!