Изборите се нашата одмазда!
Со браќата твои, со маката ваша, сронете го овој свет и нов направете – братски! (Кочо Рацин)
Левица е свежа и атипична левичарска партија, која е вистинско проветрување на нашава мувлосана политичка сцена.
За само еден мандат во парламентот, воведовме сосем нов и автентичен политички дискурс, сосема нова политичка култура на комуникација, дебата и аргументација и сосема нов систем на идеолошки вредности насочени кон заштита на јавниот интерес.
Затоа, новата борбена Левица е тука да напаѓа, а не да се брани пред бон-тонот на лицемерите.
Нашите членови и долгогодишни политички активисти, кои се вистинските деца на транзицијата, искрено веруваат во идеалите за кои се борат!
Залагајќи се за една сеопшта еманципација на народот и приклучување кон Новиот мултиполарен свет – тие, и покрај секојдневните егзистенцијални ризици на кои се изложени, со срце, пркос и борбеност покажаа како треба да се даде лична жртва за општото добро (лат. res publica) и ја воскреснаа чистата совест на нацијата.