БОРИСЛАВ КРМОВ – НОСИТЕЛ НА ЛИСТА ВО ИЕ-3

BK

Борислав Крмов, член на Президиумот на Левица и пратеник во Собранието на Република Македонија

Кратка биографија

По вокација, историчар на уметност и активист за социјална правда. Уште од детството пројавував интерес за општествените науки, особено за историјата и историските процеси, воден од внатрешно чувство за правда и бескомпромисност во делувањето. Тоа нужно доведе до интерес за политиката и како наука. Од 2020 година сум избран народен пратеник во Македонското собрание. Преку борбата во Законодавниот дом, моите внатрешни пориви за спротивставување на штетните политики, кои ни ги кројат со децении корумпирани политичари, залагањето за правда и пасијата за аналитичко согледување на историско – политичките процеси, добија свој целосен израз и смисла.

Мотив за активно влегување во политика

Како многумина мои соборци, пораснав во просечна работничка фамилија, со татко градежен работник и мајка – учителка во градинка. Почитта кон социјалистичкото уредување ми беше пренесена од семејството, затоа што во рамки на тоа уредување, работникот имаше пристоен живот во средено општество. Како што  одминуваше времето, го сведочевме исчезнувањето на тој систем, заедно со сите корисности од истиот. Постепеното пропаѓање на Македонија во пост-југословенскиот простор и економската девастација, заедно со губењето на колективните вредности, оставија длабок печат кај мене. Револтот постепено растеше. Желбата за борба против системот се трансформираше кон едно тежнеење за општа општествена промена кон подобро. Повремениот хонорарен ангажман како градежен работник, ми разви чувство на голема почит кон работниците и нивниот труд, како општествен феномен. Левица ја препознав како политичка платформа, која на организиран начин овозможува ослободување на целата насобрана негативна енергија од неправдите и нејзино насочување кон реална борба за промените што се нужни за македонскиот народ и за Македонија.

Левичарски вредности во кои верувам

Верувам во храбра борба, бескомпромисност и лојалност.

Животот сам по себе значи борба. 

Всушност: „Да се живее, не значи ли тоа да се има непоколеблива верба во победата?“ (Ф. Ж.)

За што се залага Левица во Собранието и во иднина, од позиција на власт?

Едни од основните политички постулати на Левица се: зачувување на интегритетот и сувереноста на Македонија; раскинување со етно-трибалистичкиот карактер на македонското општество и враќање кон граѓанско и национално уредување; бескомпромисна борба со корупцијата; национализација на клучните и стратешки индустрии; модернизирање на здравството, земјоделието и образованието.

Сите овие фактори, се нужни за холистички економски развој на земјата, кој ќе доведе до поголема благосостојна на нашиот народ.

Во Програмата на Левица се вградени мерки за сите клучни сектори на државата. Од нив, ги изводјувам економските мерки, кои применети од некорумпирана власт, докажано даваат значајни развојни резултати:

  • Национализација на клучните и стратешки индустрии. Незавиноста во стратешките индустрии ќе обезбеди и поголема политичка независнот. Македонија мора да престане да биде полуколонија и, конечно, да станеме стопани во сопствената куќа;
  • Централна планска агенција за инвестиции во стратешките и есенцијални сектори (инфраструктура, енергетика, индустриско производство, земјоделие);
  • Заштита на домашното производство преку протекционистички мерки;
  • Воведување еднаков третман на домашните и странските компании;
  • Национализација на сите дистрибутивни мрежи во Македонија (гасовод, топловод, нафтовод, дистрибуција на нафта и нафтени деривати, електродистрибуција, телекомуникации, радиодифузија и интернет);
  • Задолжителни домашни полици за македонски производи во сите маркети;
  • Национален регистар на е-трговци и карго-доставувачи за ред во е-трговијата;
  • Државна комерцијална развојна банка за бескаматно наменско кредитирање;
  • Гарантирани цени за најосновните прехранбени продукти и намирници;
  • Инвестирање и модернизација на земјоделието и субвенции за мотивирање на луѓето да останат да живеат на село;
  • Укинување на брзи кеш-кредити;
  • Забрана на коцкање во казина (со исклучок на погранични зони);
  • Воведување максимални каматни стапки и укинување или драстично ограничување на наплата на банкарски провизии;
  • Данок на експлоатација за компании каде порастот на профитот не е сразмерен со порастот на платите на работниците;
  • Данок на екстра-профит во криза или при злоупотреба на пазарни дисторзии;
  • Напуштање на политиката на рамни даноци каде сиромав и милионер плаќаат ист процент на данок.

Народот е темелот на секое општество – основниот креатор на вредност. Темел без кој општеството не може да постои. Затоа, основна функција на секој систем мора да биде добробитта на мнозинството. Наша основна задача е да развиеме ново, хумано и човечно општество.

Порака до народот

Ви се обраќаме вам, граѓани на Република Македонија!

За борбата да биде ефикасна, мораме да ја разбереме нашата улога и нашата вредност во општеството. Иако системот се обидува да нè убеди дека промена е невозможна и ни продава хипериндивидуализам, вистината е дека целокупната општествена вредност се создава КОЛЕКТИВНО.

Народот, работниците се есенцијалниот дел на едно општество, а не парите и капиталот.

Функционерите на Левица не потекнуваат од политичката и бизнис-елита. Ние не сме изродени од системот, туку се јавивме како нужна реакција на истиот. Затоа сме единствените подготвени бескомпромисно да влеземе во битка со криминалната политичка елита.

Времето за решителна борба пристигна. Промената е започната и ништо не може да ја запре.

Застанете до нас! Заедно да го вратиме тоа што неправедно беше одземано, а му припаѓа на македонскиот народ!

Само со заедничка борба можеме да успееме!

НЕПОДМИТЛИВИТЕ ВО СОБРАНИЕТО!

#НемаВладаБезЛевица

ЗАОКРУЖИ БРОЈ 5