Димитар Апасиев – Носител на Листа во ИЕ-1

DA

Димитар Апасиев, универзитетски професор по право,          пратеник и претседател на Левица

Кратка биографија

Дипломирав и магистрирав на Правниот факултет при УКИМ. Потоа ја завршив и Докторската школа, стекнувајќи се со титулата: доктор на правни науки од областа на Римското право. За време на студиите, моја страст беше јавното говорење и ораторството, поради што активно учествував на студентските
ораторски вечери. 

Студентските години беа времето на моето политичко освестување и почеток на моето делување како активист за социјална правда.

Избран сум во звање вонреден професор на Правниот факултет при Државниот универзитет „Гоце Делчев“ – Штип каде сè уште предавам (про – боно). Од 2018 година сум претседател на Политичката партија Левица, а од 2020 година сум пратеник во Собранието на Република Македонија.

Мотив за активно влегување во политика

Потекнувам од работничко-земјоделско семејство. Како дете на стечајци, на свој грб ја осетив социјалната неправда во времето на транзицијата. Иако бев првенец на генерација, понекогаш се случуваше да немав пари да отидам до Скопје да полагам испит. Во даден момент, на конец висеше и мојот упис на факултет. Тоа беше мојот прелом. Во такви моменти, живеејќи ја судбината на многумина интелигентни, но сиромашни млади луѓе, сфаќаш дека системот е трул и никому не му е гајле. Никој нема да те спаси! Созреваш побрзо со сознанието дека мора самиот да се избориш за правото на достоен живот. Од класното освестување и борбата против структурното насилство, постана каузата во која верувам и за која се борам. Левичарската идеологија е единствената која нуди излез од капиталистичкото ропство и апатијата во која нè втурнаа. Само организирана работничка класа, во борбена партија, со неподмитливи водачи може да се спротивстави на траорната ситуација во која се наоѓаме. Затоа ја направивме Левица. Оружје на работниот народ, со кое ќе се бори против неправдата наметната од корумпирани политички елити.

Левичарски вредности во кои веруваш

Социјална правда. Еднаков пристап до можности за секој човек. Не постои правда во вистинска смисла на зборот, сè додека постои социјална неправда дури и кон само еден човек.

Солидарност. Цивилизацијата постои заради солидарноста. Солидарноста е предуслов за развој на човековата раса, за напредокот на секоја индивидуа. 

Ние сме родени како социјални битија и само како такви, преку солидарност, можеме да го достигнеме нашиот вистински потенцијал.

Пркос! Решителност да пружиме отпор, подготвеност на борба! Животот е прекраток за да го поминеме на колена!

За што се залага Левица во Собранието и во иднина, од позиција на власт?

Едни од основните политички постулати на Левица се: зачувување на интегритетот и сувереноста на Македонија; раскинување со етно-трибалистичкиот карактер на македонското општество и враќање кон граѓанско и национално уредување; бескомпромисна борба со корупцијата; национализација на клучните и стратешки индустрии; модернизирање на здравството, земјоделието и образованието.

Сите овие фактори, се нужни за холистички економски развој на земјата, кој ќе доведе до поголема благосостојна на нашиот народ.

Во Програмата на Левица се вградени мерки за сите клучни сектори на државата. Од нив, ги изводјувам економските мерки, кои применети од некорумпирана власт, докажано даваат значајни развојни резултати:

  • Национализација на клучните и стратешки индустрии. Незавиноста во стратешките индустрии ќе обезбеди и поголема политичка независнот. Македонија мора да престане да биде полуколонија и, конечно, да станеме стопани во сопствената куќа;
  • Централна планска агенција за инвестиции во стратешките и есенцијални сектори (инфраструктура, енергетика, индустриско производство, земјоделие);
  • Заштита на домашното производство преку протекционистички мерки;
  • Воведување еднаков третман на домашните и странските компании;
  • Национализација на сите дистрибутивни мрежи во Македонија (гасовод, топловод, нафтовод, дистрибуција на нафта и нафтени деривати, електродистрибуција, телекомуникации, радиодифузија и интернет);
  • Задолжителни домашни полици за македонски производи во сите маркети;
  • Национален регистар на е-трговци и карго-доставувачи за ред во е-трговијата;
  • Државна комерцијална развојна банка за бескаматно наменско кредитирање;
  • Гарантирани цени за најосновните прехранбени продукти и намирници;
  • Инвестирање и модернизација на земјоделието и субвенции за мотивирање на луѓето да останат да живеат на село;
  • Укинување на брзи кеш-кредити;
  • Забрана на коцкање во казина (со исклучок на погранични зони);
  • Воведување максимални каматни стапки и укинување или драстично ограничување на наплата на банкарски провизии;
  • Данок на експлоатација за компании каде порастот на профитот не е сразмерен со порастот на платите на работниците;
  • Данок на екстра-профит во криза или при злоупотреба на пазарни дисторзии;
  • Напуштање на политиката на рамни даноци каде сиромав и милионер плаќаат ист процент на данок.

Народот е темелот на секое општество – основниот креатор на вредност. Темел без кој општеството не може да постои. Затоа, основна функција на секој систем мора да биде добробитта на мнозинството. Наша основна задача е да развиеме ново, хумано и човечно општество.

Порака до народот

Ви се обраќаме вам, граѓани на Република Македонија!

За борбата да биде ефикасна, мораме да ја разбереме нашата улога и нашата вредност во општеството. Иако системот се обидува да нè убеди дека промена е невозможна и ни продава хипериндивидуализам, вистината е дека целокупната општествена вредност се создава КОЛЕКТИВНО.

Народот, работниците се есенцијалниот дел на едно општество, а не парите и капиталот.

Функционерите на Левица не потекнуваат од политичката и бизнис-елита. Ние не сме изродени од системот, туку се јавивме како нужна реакција на истиот. Затоа сме единствените подготвени бескомпромисно да влеземе во битка со криминалната политичка елита.

Времето за решителна борба пристигна. Промената е започната и ништо не може да ја запре.

Застанете до нас! Заедно да го вратиме тоа што неправедно беше одземано, а му припаѓа на македонскиот народ!

Само со заедничка борба можеме да успееме!

НЕПОДМИТЛИВИТЕ ВО СОБРАНИЕТО!

#НемаВладаБезЛевица

ЗАОКРУЖИ БРОЈ 5