Игор Димески – Носител на Листа во ИЕ-6

ID

Игор Димески, советник во Општина Центар и координатор на сектор- енергетика на Левица

Кратка биографија

Дипломиран економист со 30-годишно работно искуство. Член сум на ЦК на Левица, а воедно и советник во Општина Центар. Во рамки на партијата делувам и како координатор на Сектор-енергетика, воден од верувањето дека клучните ресурси мора да бидат во државна сопственост, како јавно добро кое ќе им служи на граѓаните, наспроти бизнис-елитата. Татко сум на две ќерки, а од неодамна – и дедо на две внучиња.
Политички сум активен уште од млади години. 

Со скоро 25-годишно политичко
искуство, научив дека во Македонија многу политички организации немаат идеологија што ги води, туку се базираат примарно на личен интерес и корист. Ова, пак, е една од основните причини за урнисување на општествено- политичкиот живот и стагнација на државата. Затоа, за сите оние кои се идолошки профилирани, во политиката е најважно да ја сочуваме идејата чиста од квазисоборци и политички материјалисти!

Мотив за активно влегување во политика

Најсилен мотив за моето политичко делување е враќање на Социјализмот како економско-политички систем.
Тема на која ретко се говори е фактот дека нас, граѓаните на Македонија, никој не ни кажа дека со гласањето ЗА на референдумот за самостојност, во суштина гласаме и за промена на тогашниот економско-политички ситем. Притоа, насилно ни наметнаа либерален капитализам, кој немилосрдно почна да го пустоши народниот капитал. Процесот на криминална приватизација, кој ја крахираше државата и го понижи работниот народ, е дополнителен силен мотив за мојот активен политички ангажман. Како млади луѓе тогаш, мислевме дека системот на самоуправување ќе се реформира преку акции на сите работници, но наместо тоа, нашите фабрики, создавани од нашиот труд, беа расформирани и продадени на транзициски олигарси, на нечесен и криминален начин. Народот беше искраден пред свои очи. Оваа неправда, кога-тогаш, мора да биде исправена.

Последниве 7 години сум активен член на Левица. Притоа, имав прилика да се уверам дека Левица не само што е единствената политичка партија што искрено се потпира на идеологијата за која се залагам, туку е и единствената политичка организација во Македонија, која со своето дејствување ја доближи политиката до „обичниот“ народ, ги разобличи заткулисните игри на политичарите и отвори низа суштински прашања, за кои денес веќе е јасно: ако не се бориме да најдеме решенија, може да ја изгубиме и Републиката!

Левичарски вредности во кои веруваш

Општествена (народна) сопственост над средствата за производство.                       

Целта на социјализмот не е сите да бидат сиромашни, како што неговите противници сакаат да веруваме. Напротив: целта на социјализмот е искоренување на сиромаштијата и пристоен живот за човекот                       

Владеење на правото. Без воспоставување ред, без можност да дојдеме до правда кога ни е потребна, невозможно е да дојдеме и до здраво општество.

Нов социјализам: економско-политички систем што се базира на научeн социјализам и што искуствената пракса ја црпи од југословенскиот социјализам, но е адаптиран на потребите на народот во совремието и
техничко-технолошкиот развој во светот. Социјализам на 21 век.

За што се залага Левица во Собранието и во иднина, од позиција на власт?

Едни од основните политички постулати на Левица се: зачувување на интегритетот и сувереноста на Македонија; раскинување со етно-трибалистичкиот карактер на македонското општество и враќање кон граѓанско и национално уредување; бескомпромисна борба со корупцијата; национализација на клучните и стратешки индустрии; модернизирање на здравството, земјоделието и образованието.

Сите овие фактори, се нужни за холистички економски развој на земјата, кој ќе доведе до поголема благосостојна на нашиот народ.

Во Програмата на Левица се вградени мерки за сите клучни сектори на државата. Од нив, ги изводјувам економските мерки, кои применети од некорумпирана власт, докажано даваат значајни развојни резултати:

  • Национализација на клучните и стратешки индустрии. Незавиноста во стратешките индустрии ќе обезбеди и поголема политичка независнот. Македонија мора да престане да биде полуколонија и, конечно, да станеме стопани во сопствената куќа;
  • Централна планска агенција за инвестиции во стратешките и есенцијални сектори (инфраструктура, енергетика, индустриско производство, земјоделие);
  • Заштита на домашното производство преку протекционистички мерки;
  • Воведување еднаков третман на домашните и странските компании;
  • Национализација на сите дистрибутивни мрежи во Македонија (гасовод, топловод, нафтовод, дистрибуција на нафта и нафтени деривати, електродистрибуција, телекомуникации, радиодифузија и интернет);
  • Задолжителни домашни полици за македонски производи во сите маркети;
  • Национален регистар на е-трговци и карго-доставувачи за ред во е-трговијата;
  • Државна комерцијална развојна банка за бескаматно наменско кредитирање;
  • Гарантирани цени за најосновните прехранбени продукти и намирници;
  • Инвестирање и модернизација на земјоделието и субвенции за мотивирање на луѓето да останат да живеат на село;
  • Укинување на брзи кеш-кредити;
  • Забрана на коцкање во казина (со исклучок на погранични зони);
  • Воведување максимални каматни стапки и укинување или драстично ограничување на наплата на банкарски провизии;
  • Данок на експлоатација за компании каде порастот на профитот не е сразмерен со порастот на платите на работниците;
  • Данок на екстра-профит во криза или при злоупотреба на пазарни дисторзии;
  • Напуштање на политиката на рамни даноци каде сиромав и милионер плаќаат ист процент на данок.

Народот е темелот на секое општество – основниот креатор на вредност. Темел без кој општеството не може да постои. Затоа, основна функција на секој систем мора да биде добробитта на мнозинството. Наша основна задача е да развиеме ново, хумано и човечно општество.

Порака до народот

Ви се обраќаме вам, граѓани на Република Македонија!

За борбата да биде ефикасна, мораме да ја разбереме нашата улога и нашата вредност во општеството. Иако системот се обидува да нè убеди дека промена е невозможна и ни продава хипериндивидуализам, вистината е дека целокупната општествена вредност се создава КОЛЕКТИВНО.

Народот, работниците се есенцијалниот дел на едно општество, а не парите и капиталот.

Функционерите на Левица не потекнуваат од политичката и бизнис-елита. Ние не сме изродени од системот, туку се јавивме како нужна реакција на истиот. Затоа сме единствените подготвени бескомпромисно да влеземе во битка со криминалната политичка елита.

Времето за решителна борба пристигна. Промената е започната и ништо не може да ја запре.

Застанете до нас! Заедно да го вратиме тоа што неправедно беше одземано, а му припаѓа на македонскиот народ!

Само со заедничка борба можеме да успееме!

НЕПОДМИТЛИВИТЕ ВО СОБРАНИЕТО!

#НемаВладаБезЛевица

ЗАОКРУЖИ БРОЈ 5