МАКЕДОНСКИ


ПОЛИТИЧКА ПЛАТФОРМА НА ЛЕВИЦА


Ние, класно и национално освестените работници, тргнувајки од нашата потисната состојба во политички систем, каде едиствено признаени интереси се оние на граѓанската класа, решивме политички да се организираме и да дејствуваме преку партијата Левица – како единствен претставник на интересите на безимотните и обесправените во Република Македонија. Нашата цел е промена на политичко-економскиот систем и воспоставување Нов социјализам, а со намера да ја елиминираме сиромаштијата, корупцијата, неправдата, угнетувањето и експлоатацијата која ни е наметната од нашите газди, преку освојување на власта од страна на Трудот и ставање крај на повеќедецениската диктатура на најголемиот општествен паразит – капиталот. Тргнувајќи од премисите на научниот социјализам, сметаме дека класното потиснување на работниците од страна на граѓанската класа доведе до општа девалвација на достоинството на целата нација и губење на народниот суверенитет, под притисок на империјализмот. Во една ваква состојба, националното и класното ослободување одат рака под рака! Во овој наметнат политички мрак, согласно историско-материјалните услови во нашата Татковина, ние како водечки принципи на нашето идно политичко делување ги поставуваме следните темелни заложби и постулати:

Социјална правда! Унапредувањето на работничките и социо-економските права на граѓаните се предуслов за сузбивање на сиромаштијата, за намалување на класната раслоеност и за создавање на бескласно општество. Се противиме на континуираното страдање на граѓаните и нивната незаштитеност од штетните последици и понижувањето што ги носи разузданиот  капитализам од кој се богатат малкумина, на грбот на мнозинството. Се залагаме за рамноправност на граѓаните во користењето на јавните добра, управањето со средствата за производство и пристапот до ресурси, како и универзално достапни јавни услуги. Се залагаме за воспоставување на функционален и издашен систем на социјална заштита кој навистина ќе ги штити оние кои се загрозени и ќе им помага да ги надминат потешкотиите. Се противиме на уништувањето и приватизирањето на дејностите од јавната сфера, како и нивната злоупотреба за остварување на елитистички интереси и лично богатење.

Праведна редистрибуција и одговорно користење на производствените средства и резултати! Се бориме за суштински економски промени, засновани врз премисата дека луѓето не треба да му робуваат на капиталот, туку капиталот треба да биде во служба на луѓето. Застапуваме политики кои работниците нема да ги гледаат како ресурс во производниот процес, туку како човечки битија, чии животи и здравје се поважни од производите и профитите кои тие ги создаваат. Се залагаме за политики на стимулирање економски развој преку спој на науката и економијата и градење на економија базирана на знаење, која нема да загрозува човечки животи, ниту ќе ѝ штети на животната средина. Јавните ресурси мора да се ракуваат одговорно и компетентно, а практиката на фаворизирање на странските компании и приватниот капитал мора да биде напуштена. Се залагаме за обезбедување услови за достоинствен живот, неотуѓеност на работникот од сопствениот труд, како и за праведна прераспределба на доходот.

Одговорно практицирање на власта! Се бориме да изградиме општество во кое власта ќе му служи на народот, наместо сегашното во кое народот е слуга на властодршците. Се залагаме за систем кој интересите на народот ќе ги стави пред интересите на елитите. Се бориме за институции кои ќе бидат некорумпирани, праведни, одговорни, компетентни и блиски до народот. Се противиме на клиентелизмот кој е навлезен длабоко во сите пори на нашето општество.

Еднаквост и солидарност! Застануваме на патот на угнетувањето, понижувањето, злоупотребата и обесправувањето по секоја основа. Се залагаме за економска, социјална, родова, етничка, верска, сексуална еднаквост – остро спротивставувајќи се на шовинизмот и сите форми на дискриминација.

Секуларизам и антиконзервативизам! Ги поддржуваме сите прогресивни сили и иницираме разобличување на клерикалистичкиот, конзервативниот и патријархалниот морал. Строго се противиме на мешањето на верските заедници во државните работи и се залагаме за слободно практикување на религиите.

Против етно-шовинизмот! Народот во Македонија намерно и континуирано е труен со етно-шовинизам и вештачки делен по етнички линии. Главната цел на тоа е да му се одвлече вниманието од неговото осиромашување и од невиденото збогатување на малиот привилегиран слој властодршци и газди. ЛЕВИЦА ќе застане против меѓуетничките бариери и тензии и, како надетничка партија, ќе работи на обединување на народот на социјална и национална основа, како и против неговото сегрегирање по етничка основа.

Лев патриотизам! Обединувањето на сите работници во Македонија, без разлика од етничката припадност, е предуслов за враќање на суверенитетот на државата и, со тоа, создавање услови за класно ослободување. ЛЕВИЦА, како прогресивна партија, се залага за национално ослободување на Македонија од стегите на империјализмот.

Антиимперијализам! Застануваме против унилатерализмот и доминацијата на светската суперсила САД, која го прави светот опасно место за живеење – тргнувајќи од безочното предизвикување војни во други земји, па сѐ до наметнувањето на контролирана нестабилност и опасна милитаризација на општествата. Се спротивставуваме на приклучувањето на Македонија во НАТО пактот и учеството на нашите војници во нивните нехумани мисии. Се противиме и на економскиот империјализам, отелотворен во политиката на кредитно вазалство кон глобалните економските институции на моќ и странски инвестиции што ги експлоатираат домашните ресурси и труд. Се бориме за обединување на светот во име на мирот, солидарноста и еднаквиот прогрес на сите народи, а пред сѐ во име на здружувањето на работниците, сиромашните и обесправените ширум светот на општочовечкиот фронт за економска еманципација .

Нашата борба е за еден Нов свет базиран на слобода, демократија, еднаквост, солидарност, правда, мир, задоволување на човековите потреби и зачувување и унапредување на животната средина. Во духот на максимата дека нема права без обврски, ниту обврски без права убедени сме дека таков свет може да се оствари само ако луѓето сами ги контролираат своите постапки и ако активно се вложат во создавањето на општество базирано врз тие вредности. Нашиот политички ангажман ќе ги надмине типичните партиски рамки на дејствување. Во таа смисла, ние се бориме за интересите на угнетените и ја цениме улогата на секој поединец како општествен чинител.

Подобро општество е неопходно.

Подобро општество е можно.

ЌЕ ПОБЕДИМЕ!

8ba4c490-659c-4cb3-8c03-b39daf1b019e