Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

More

    Мартин Димоски
    носител на советничка листа во Општина Карпош

    Накратко би се опишал како човек кој не може да остане рамнодушен на индивидуалните и колективни неправди, противник на политичките елити кои 30 години работат против народот, вљубеник во природата и борец за позелена општина. Дипломиран економист со интерес за софтвери и ИТ индустија, со фокус на бизнис ориентирани софтверски решенија.

    Кратка биографија (образование, професија и работно искуство)

    Дипломиран економист на департман менаџмент наУниверзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Основно образование завршив во ОУ „Владо Тасевски“ додека средно образование во СГГУГС „Здравко Цветковски“. Во овој период работев на преку 20-тина проекти освојувајќи притоа голем број награди и признанија.

    Работам од мојата 18 годишна возраст. За време на студирањето работев различни работи што придонесе да се стекнам со големо искуство и практично знаење. Денес работам како консултант и имплементатор на ERP, WMS и други бизнис ориентирани софтверски решенија. Посветен и лојален на моменталната работна обврска, изминатите нешто повеќе од шест години работев на повеќе успешни имплементации во Македонија, Србија и Босна и Херцеговина, стекнувајќи се со богато меѓународно искуство.

    Мотивација за вклучување во политика

    Индивидуалните и колективни неправди на кои секојдневно сме сведоци како и трулиот социо-економски и правен систем се главните причини за вклучувањето во политика. Можноста да се делува и направи промена на подобро, но и да се работи против оние кои 30 години ја уништуваат државата е главниот мој мотиватор во моето политичко дејствување.

    Што сакам да променам во моето опкружување и општеството

    Општина Карпош некогаш беше позитивен пример за тоа како треба да изгледа една урбана општина. Денес, Општина Карпош е пример за тоа како НЕ треба да изгледа една урбана општина. Општината наместо во служба на жителите целосно се стави во служба на урбаната мафија. Градоначалникот и советниците носат одлуки далеку од очите на жителите и целосно спротивни на нивниот интерес.

    Оттука, враќањето на Општина Карпош на карпошани е моја примарна цел. Тоа подразбира и ставање на локалната самоуправа во служба на жителите преку нивна партиципација во носењето на одлуките, особено на деталните урбанистички планови. Со самото тоа ќе се спречи и понатамошна бетонизација, а ќе се отвори и можност за целосна ревизија на ДУП-овите.

    Изминатите години зелениот простор беше претворен во бетон, јавниот простор се узурпираше, улиците станаа претесни, паркинзите сè поголем проблем, а депониите сè побројни. Спортските и детските игралишта денес се дефицитарни, а образовните институции во Општина Карпош се соочуваат со сè поголем проблем. Во одредени населени места сè уште има проблем со водата за пиење и канализацијата.

    Со самото делување во советот, ќе настојувам за зголемување на зелените површини, континуирано одржување на детските и спортски игралишта, решавање на проблемите со недостатокот на паркинг простор, решавање на проблемите со водоснабдувањето и канализацијата, зголемување на инвестициите во градинките и основните училишта, со цел зголемување на нивниот капацитет, но и овозможување еднакви услови за сите деца. Едноставно, сакам да ја променам досегашната улога на Општината и трансформирање на локалната самоуправа во најголем сојузник на карпошани.

    Зошто се кандидирам преку Левица (зошто ја избирам Левица)?

    Политичкото делување како индивидуа или преку неформални групи во моменталното политичко-правно опкружување е невозможно, односно нема некој посериозен импакт. Оттука, појавувањето на Левица на македонската политичка сцена ми даде голема надеж и ме поттикна активно да се вклучам во политичкото делување и да застанам во борбени линии со бројни непоколебливи соборци. Како гласноговорник на народот и против неправдите, Левица во ниту еден момент не отстапи од својата траекторија. Во ниту еден момент не направи компромис во борбата за социјална правда, работнички права и демократизација на сите сфери на општественото живеење. Ова е причината и зошто се нафатив да ја предводам советничката листа во Општина Карпош.

    Мојата порака до народот

    Времето на политичките профитери изминува. Сега е вистински момент ние, жителите на Општина Карпош, но и на останатите општини ширум Македонија да го зададеме последниот удар. Сега е времето кога мора да се одлучи, или ние, нашата иднина и иднината на нашите деца и внуци, или тие, политичките елити кои 30 години ја разграбуваат и државата и општините. Наша заедничка должност е да ставиме крај на ова тридецениско лудило, а овие Локални избори 2021 се идеален момент за такво нешто!

    Да ги вратиме општините на народот!