САШКО ЈАНЧЕВ – НОСИТЕЛ НА ЛИСТА ВО ИЕ-4

SJ

Сашко Јанчев, член на Централниот комитет на Левица, советник во Совет на Општина Гевгелија

Кратка биографија

Дипломирав и магистрирав на Правниот факултет „Јистинијан Први” во Скопје, на Катедрата по кривично право.

Средношколските и студентските денови ги поминав работејќи земјоделие, а повремено и како сезонски работник во локалните гевгелиски фабрики.

Шест години работев во Транзитниот центар  „Винојуг” за обезбедување правна помош на лица под мандат на УНХЦР во Република Македонија, спроведен од Македонското здружение на млади правници во партнерство со Високиот комесаријат за бегалци при Обединетите нации.

Основач сум и на хуманитарно здружение. Со истото, преку активна соработка со други гевгелиски здруженија и здруженијата од Југоистокот, се бориме против отворањето на рудници со отворен коп (т.н. „рудници на смртта“), против градењето мини-хидроелектрани на планинските реки, како и за инцијативата за прогласување на Кожуф за национален парк.

Изминативе две години сум советник во Советот на Општина Гевгелија. Дел сум од основачите на Левица и член на Партијата од основањето до денес.

Мотив за активно влегување во политика

Македонија долго време е во состојба на пропаѓање. Со децении сведочиме како транзициски моќници  паразитираат на општествениот имот, на грбот на работниот народ и како се издигнуваат како нови лажни идоли над младите поколенија.

Денес, цените на трошоците за живот, непристапноста на јавните добра и уништените јавни услуги ни го уништија квалитетот на животот. Несигурноста, сиромаштијата и безнадежноста станаа основни карактеристики на нашето секојдневие.

Затоа, сметам дека нема поштетна теза од тезата: „Не се занимавам со политика”. Казната на оние кои одбиваат да се занимаваат со политика е да бидат владеани од корумпирани политичари. Владеењето на таквите, пак, нè доведе до состојбата во која се наоѓаме денес.

Но, оваа состојба на пропаст не е дефинитивна. Менлива е, со организирано и активно политичко учество.

Политичката активност не е работа на избор, туку обврска на секоја свесна индивидуа, која сака да живее квалитетен живот.

Левичарски вредности во кои верувам

Општествен поредок во кој неколкумина насилници и манипулатори може да ги експлоатираат државните ресурси, да прибираат милиони долари, а на работниот народ да му оставаат трошки, уништена животна средина и уништено културно наследство, е неприфатлив како трајно решение.

Поредок во кој корумпирани политичари и олигарси имаат ексклузивно право да продаваат јавни услуги, за потоа народот да не може да си дозволи основни услуги потребни за живот, е неприфатлив за помирување со истиот.

Антипоредок во кој се испраќа војска да поробува и убива невини народи, за да може империјалисти да ги експлоатираат нивните ресурси, е неприфатлив како предлог за живеење.

Социјалната правда, рамноправност во пристапот до можностите и средствата на трудот, меѓусебното помагање, солидарноста и соработката – ова се основите на кои треба да градиме цивилизација во вистинска смисла на зборот.

И ова нема за нас да го заврши никој друг. Ние сме должни да го преуредиме општеството, преку организирано политичко и економско движење (Левица), кое забрзано се шири низ Македонија.

За што се залага Левица во Собранието и во иднина, од позиција на власт?

Левица ги таргетира сите клучни сегменти за развој на Македонија. Само со сеопфатен пристап е возможно да се трансформира нашето општество.

Логично е да се почне од основата – производство на своја храна! Затоа, меѓу другите, еден од приоритетите мора да ни биде возобновување на земјоделието. Преку модернизација и плански стратешки развој, нужно е да се обезбеди евтина, здрава и достапна храна за народот, а притоа земјоделците, конечно, да излезат од сиромаштијата во која живеат. Во моментов, земјоделците едвај преживуваат – субвенциите станаа систем со кој ги држат закрепостени, наместо да им овозможат развој.

Покрај земјоделието, нужно е паралелно да изградиме систем во кој човекот, работникот, ќе биде во фокусот на политиките. Зошто му е на народот држава, ако во неа нема место за работникот? Во сегашните услови, поради начинот на кој работниците се третирани, сведочиме дека работниците се оние кои најбрзо бегаат од Македонија. Покрај лошите услови за работа, од друга страна го имаме и вработувањето под „етнички клуч“, кое е доминантно во јавниот сектор. Корумпирани политичари ни создадоа систем, кој наместо да ја издигне јавната работа како двигател на државата преку услуги за граѓаните, всушност, ја претвори истата во сегрегационен, етнотрибалистички хаос. Ова, пак, создава низа проблеми: недостаток од работна сила, нестабилен пензиски фонд, масовно иселување на цели семејства, со еден збор – егзодус!

На другиот крај на приказната ги имаме и пензионерите – луѓето кои ја изградиле државата. Тие, наместо достоинствена старост и мир, добија само трошки со кои не можат да си купат ниту лекови, ниту леб; деца во странство и празни огништа; отсуство на грижа и осаменост.

Ако дозволиме овој хаос да продолжи, Македонија ризикува да се претвори во опустошено парче земја.

Левица нуди конкретни решенија за развој на Македонија. Во „Програмата, 2024“  се прикажани сеопфатни политики за возобновување на Републиката. Значаен дел од нив се однесуваат на работниците, земјоделците и пензионерите, преку клучните области: труд и социјална правда и земјоделие. Дел од мерките се:

  • Зголемување на минималната плата, на 2/3 од утврдената синдикална потрошувачка кошница;
  • Враќање на можноста работникот да се стекне со право на пензија и по основ на платен работен стаж (со најмалку 35 години „минат труд“);
  • Достоинствен износ на минимална пензија (2/3 од минималната плата);
  • Изградба на нови пензионерски домови за стари лица во државна сопственост;
  • Целосно обештетување на сите стечајци во Република Македонија;
  • Државни јавни кујни за делење на три дневни оброци за ранливи категории;
  • Изградба на државни социјални станови за лица кои живеат во социјален ризик;
  • Максимирање на цените на метар квадратен станбена површина во згради за колективно домување;
  • Законско ограничување на кириите, закупнините и рентите кои се плаќаат при изнајмување куќи или станови;
  • Задолжителни пристапни рампи, лифтови и паркинзи за инвалидите во сите јавни објекти и површини;
  • Предвремено право на пензија за родителите на лицата со посебни потреби;
  • Дневни центри за лица со посебни потреби во сите поголеми градови;
  • Вработување во јавниот сектор на децата на бранителите од 2001 год.;
  • Национализација, ревитализација и враќање во функција на поранешните популарни детски одморалишта и кампови;
  • Дуплирање на породилното отсуство (од 9 на 18 месеци);
  • Субвенционирано флексибилно или скратено работно време за мајките-работнички во период до три години по породилното отсуство;
  • Поттикнување на задругарството преку проектот „Мало селско стопанство“ со стручна, техничка и механизациска поддршка на земјоделските задруги;
  • Регулирање на здравственото и пензиско осигурување на секој регистриран индивидуален земјоделец, пријавен како произведувач;
  • Доделување земјоделски земјишта, бескаматни кредити, грантови и неповратни средства за набавка на нови, модерни машини и приклучна земјоделска механизација и орудија за работа, на лица кои сакаат да се занимаваат со земјоделство и да останат да живеат на село;
  • Таргетирано зголемување на субвенционирањето за здрава храна и органското производство со автохтони сорти и видови;
  • Бесплатно делење земјишни парцели на млади индивидуални земјоделци, на долготраен закуп („емфитеуза“);
  • Државна помош на земјоделците, преку дуплирање на субвенциите за малите производители (ситни индивидуални земјоделци и земјоделски домаќинства);
  • Отворање државни откупни центри и ладилници за складирање на земјоделски производи, од каде потоа ќе се снабдуваат: градинките, училиштата, болниците, АРМ и мензите во останатите јавни институции (т.н. „синџир на снабдување“ – на локално и државно ниво);
  • Законски измени со кои плодното земјоделско земјиште од висока категорија ќе се квалификува како заштитен природен ресурс и нема да може да се пренаменува во „градежно земјиште“;
  • Платено породилно отсуство на жените-земјоделки од руралните средини и давање на други погодности;
  • Бесплатни ветеринарни услуги за фармерите, во јавни ветеринарни станици;
  • Субвенционирање на нови технологии и штедливи системи за наводнување на земјоделските површини (пр. помош при вградување на систем аквапоникс, како и системи за наводнување „капка по капка“). 

ПОРАКА ДО НАРОДОТ

Се наоѓаме пред судбоносен избор.

На овие избори одлучуваме дека е време за промени. Одбиваме курсот кон провалија да биде наша судбина!

Ние сме последното кибритче во кутијата. Да го запалиме оганот на промената!

НЕПОДМИТЛИВИТЕ ВО СОБРАНИЕТО!

#НемаВладаБезЛевица

ЗАОКРУЖИ БРОЈ 5