Лицемерна е поддршката на европската бирократија за СЈО


Европската Унија на сите ни докажа што навистина е: бирократски превез зад кој стои крупниот капитал на Западот. Како таква, Европската Унија неколкукратно се вмеша во политичките процеси во Република Македонија, притоа бранејќи ги интересите на нејзините најмоќни земји членки.

Со директна поддршка на Шарената Револуција, Европа активно се залагаше да ги донесе социјалдемократите на власт, знаејќи колку се тие сервилни и колку лесно ќе прифатат сѐ за да се „реши“ спорот со името со Грција. Тогаш и беше создадено СЈО како институција која наводно требаше да го казни крупниот криминал на ДПМНЕ. 

Вистинската намера зад создавањето на СЈО не беше да се казни криминалот, туку да се уценат политичарите. Тоа не значи дека криминал немало. ДПМНЕ, во своите 11 години власт, нанесе огромна материјална штета на државата – материјална штета што најнепосредно ја осетија граѓаните. Но, криминалот не беше тоа што ѝ сметаше на Европа, туку тврдокорните националистички ставови на ДПМНЕ кои ненамерно го закочија целиот процес на атлантските интеграции. ДПМНЕ ја преминаа границата што им беше дозволена и амбасадите ги тргнаа од власт. СЈО, впрочем, беше една од институциите кои земаа учество во тој процес на буткање на власта.

Понатаму, ниту СЈО, а ниту Европа, нема никаков проблем да дадат поддршка за Владата во која повторно коалиционен партнер станаа ДУИ. Криминалниот партнер на ДПМНЕ се покажа како најистрајна константа во македонската политика и, секако, продолжи со своето криминално однесување и во партнерство со СДСМ. Но, Европскиот миленик СЈО никогаш не се дрзна ни да ги спомне ДУИ, а камоли да ги казни.

Лицемерието на Европската Унија е очигледно секогаш кога ќе се споредат нивните оценки за Република Македонија, во кои се вели дека државата има проблеми со корупцијата, криминалот, судството, обвинителството, партизираноста, демократијата, и нивната поддршка за кримогените елементи во Републиката. Ако, впрочем, навистина криминалот и смета на Европската Унија, зошто даваат поддршка за СЈО, кои не само што ништо не направија по прашањето на криминалот, туку и сега се експлицитно вмешани во случајот „Рекет“? Зошто Европската Унија го брани СЈО во случајот „Рекет“, доколку не сака да си го заштити корисниот играч кои ѝ ги средува „прљавите“ работи во државата? Ако навистина ѝ смета недостатокот на демократија во државата, зошто Европа го подржа неуспешниот референдум за промена на името на Републиката и зошто ниту еднаш не го осуди игнорирањето на сите успешни референдуми против рудниците на смртта во југоистокот?

Европската Унија ги брани и ги штити интересите на крупниот капитал кој стои зад неа. Европската бирократија не се грижи ниту за волјата на народот, ниту за сувереноста на нациите, ниту пак за криминалот, партизираноста, корумпираноста или недостатокот на демократија во која било сфера на општеството. Ние веќе 28 години слепо ја следиме мантрата „ЕУ ќе нѐ рани, НАТО ќе нѐ брани“, и за да ги комплетираме европските и атлантските интеграции, се откажавме од сѐ, материјално и духовно, што го имавме. А што добивме за возрат? Поддршка за СЈО!

Бизнис партиите како ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ се трудат од петни жили да ја распродадат целата држава. Но, ние во таа игра не влегуваме! Крајно време е политиката во државава да стане независна, а нацијата да ја врати својата сувереност. Крајно време е сами да си ги решиме проблемите во својот двор, бидејќи тие „демократии“ од надвор очигледно не сакаат и нема да ни ги решат. Тактиката на бизнис партиите да се стори сѐ по секоја цена, само за да се влезе во Европската Унија, е тактика што произлегува од нивниот сервилен опортунизам и од нивниот личен бизнис интерес, а не од народниот интерес да се подобри стандардот во државата. Од тој опортунизам стигнавме до ова дереџе и тој опортунизам ние нема да го избереме како наш пат!

Промена, а не замена!
#ПриклучиСе

Президиум на Левица
30.VIII.2019

Социјални мрежи:
error0