Она што во моментов се случува со узурпацијата на националниот парк е доказ за незаинтересираноста на Владата за заштитата на животната средина, ставајќи ги интересите на градежната мафија на прво место. Најавите за изградба на станбен комплекс на 9.000 квадратни метри вкупна површина, со 7 станбени блока и 180 станбени единици претставува уништување на автентичноста и биодиверзитетот на ова природно богатство.
Наместо заштита и инвестирање во еко-туризам со цел зачувување на природните специфики, властите единствено се мотивирани само за што повеќе акумулирање профит во краток рок, без никаква грижа за последиците и штетата на долг рок! Узурпацијата на зелената површина во срцето на Маврово е само еден од низата еколошки геноциди кои ни ги сервира Владата на СДС игнорирајќи го при тоа и проблемот со Преспанското и Охридското Езеро, дозволувајќи ја дивата сеча на Беласица, Јабланица, Караџица, Шар Планина, ископите на минерални и загадувањето на реките од страна на индустриските објекти.
Изговорите од типот дека ДУП-от е веќе усвоен и не може да се промени се приказни кои повеќе не поминуваат кај жителите, особено по низата скандалозните прекршувања на Уставот кои станаа карактеристични за владеењето на старо-новата криминална коалиција. Левица бара Владата итно да реагира и да ја спречи изградбата на 180 станови. Секое игнорирање на овој проблем само ќе ја потврди определбата и незаинтересираноста на Владата за заштитата на животната средина.