СООПШТЕНИЕ ДО ЈАВНОСТ
Денес, 22 април 2021 година (четврток), со почеток во 11:00 часот, во репрезентативната „Струшка соба“ на Собранието на РМ – пратеникот проф. д-р Димитар Апасиев од Левица оствари средба со рускиот амбасадор во Република Македонија – Н.Е. Сергеј Баздникин.
На оваа прва официјална средба беше разговарано за предизвиците со кои се соочува земјата во време на пандемијата со Ковид-19, како и за ефикасноста на процесот на вакцинација на населението со руската вакцина „Спутник V“, која им беше понудена на македонските здравствени власти уште во месец август 2020 год. Отворени беа и прашања од важност за Западен Балкан, како и за непромислените антируски изјави на шефот на дипломатијата – г. Бујар Османи, кои беа оценети како непотребни и провокаторски, и кои воопшто не придонесуваат кон развојот на традиционално добрите меѓудржавни односи. Пратеникот Апасиев се огради од последниот контроверзен твит на министерот за надворешни работи и потсети дека ваквиот министерски личен став воопшто не ја изразува волјата на мнозинството наши сограѓани.
Отворени беа и други прашања за културната и образовната размена помеѓу двете земји, со особено значење на стипендиите за македонските студенти кои ги дава Руската амбасада на годишно ниво, а беа опфатени и теми од современата геополитика.
Средбата помина во срдечна и пријателска атмосфера, со надеж за продлабочена идна соработка меѓу двата народа.