„ЗА НОВАТА ПОПУЛИСТИЧКА ЛЕВИЦА“ – Димитар Апасиев

Loading

Тагови:

Донирај онлајн

Во продолжение Ви пренесуваме дел од говорот на првиот претседател на Левица – доц. д-р Димитар Апасиев, одржан веднаш по неговиот избор, за време на првото редовно заседание на партискиот Пленум (14.12.2019).

…Идејата за Левица почна 2015, кога видовме дека ен-џи-о активизмот, преку „Ленка“ не вродува со плод. Кога видовме дека џабе се трошиме, без да донесеме никаква реална промена во општеството. […] Левичарењето, секогаш е проследено со „пучеви“, кои секогаш, за чудо, беа добро проследени од медиумите контролирани од еден центар на моќ – коишто, историски, се покажа дека е наш поголем непријател дури и од режимот на Груевски, а тоа е центарот финансиран од Сорос. За жал, од овие усти сè уште вришти пизмата против Левица. […]

Она што мене сега, како најекспониран во јавноста и како човек врз кого паѓаат очигледно сите удари против Левица, ми е идеолошки блиско да го кажам е дека новиот курс на Левица ќе биде лев популизам. И притоа, зборот популизам (кој доаѓа од латинското populus што значи „народ“) не го сфаќам во пежоративна смисла. Значи, во оваа интелектуална професорска работа која што ја работам има еден императив, кој се провлекува уште од Средниот век – Леонардо Да Винчи го нарекува „непопустлива строгост“. Со други зборови, тоа значи дека кога човек се занимава со политички прашања, кои по природа на нештата се секогаш силно обременети од емоции… тој мора да се спротивстави на едно искушение кое го има нашата професија, а кое гласи: „Никогаш не треба да се потклекнува пред теророт на зборовите“! Или, да се изразам фројдовски, ние мораме во иднина да избегнуваме да правиме отстапки пред колебливоста – бидејќи, прво отстапуваме пред зборовите, кои ги сметаме за „политички некоректни“, а потоа, малку по малку, почнуваме да остапуваме и од Суштината! Тоа сме го сведочеле кај многу наши поранешни другари, кои денес се први во плукањето по нас. Оти, оној кој ја привикнал својата совест нешто да прими како „нужно зло“, со тек на време тоа се повеќе му заличува на нужно, а се помалку на зло… Не се знае точно до каде може да не одведе овој прав пат, но исходот е речиси сигурен – на крајот, тој секогаш завршува во провалија. 

Затоа, ние не треба да бегаме од зборовите кои се присутни во политичкиот спектар, туку нив да ги анализираме, а по потреба и да ги преозначуваме. Таков егзмплар денес е зборот популизам, од кои интелектуалните левичари бегаат како од Баба Рога!? За мене, популизмот не е демагогија! Тој не е, како што пежоративно ни го претставуваат либералните теоретичари, „манипулација на народот со цел дочепување до власт“. Едноставно речено, историски – бидејќи јас сум историчар на правото – ако го анализирате, популизмот е иманентен на самото Политичко. Нема „политика“ без популизам! 

Потребата од создавање класно освестен народ – за којшто ние се залагаме – или поточно плебс кој тврди дека е популус, се појавува само тогаш кога оваа тоталитарна исполнетост не е постигната, односно е фејкерска. Оттука, мојот став е дека неопростив грев на левицата е ако популизмот ѝ го оставиме на десницата! Тогаш секогаш ќе нè победуваат на избори, како што е вчерашниот пример со поразот на Џереми Корбин. Ние треба да учиме, компаративно, од грешките на нашите соборци во светот и затоа левиот популизам – според мене – мора под итно да поднесе тужба за развод од аполитичноста на т.н. Нова левица, за која се залагаа нашите довчерашни другари. 

Тој, во комбинација со хиерархиски поставена и централизирана Партија која што се обидуваме да ја градиме, предводена од креативно, храбро и харизматско лидерство, според мене мора – од една страна: да го прекине status quo-то со претходниот груевистичко-заевистички криминален Режим; а – од друга страна: да воспостави ред во безредието и закони во беззаконието во овој башибозук што секојдневно го живееме. Константно, во иднина, Левица мора да пропагира радикална конфронтација со олигархиската моќ, мафијата и естаблишментот, проповедајќи „опасни логики и практики“. Но, притоа ние  мора да го избегнеме запаѓањето во идеолошко секташење, претворајќи се во идолопоклоници на мувлосаните надживеани концепти и симболи. Напротив, ние мора да изведеме своевидна „мејнстримизација на каузата“, претворајќи ја Борбата за нашите идеали во масовно народно и, според мојата визија, првенствено младинско движење! 

Структурата на Левица е претежно младинска партија и оттука, двете универзално присутни одлики на нашата идна лева популистичка политика ќе бидат: (1) директното обраќање кон плебсот; и (2) антиелитизмот – толку омразен, поради којшто Ес-Де-Ес не може да стане народна партија. За разлика од т.н. интелектуални левичари, кои отстапија од курсот коишто првично го зацртавме, ние мора да ја симплифицираме класната борба, па дури и да ја вулгаризираме смислата на нашите зборови со кои општиме со јавноста, со цел да пласираме кристално јасни ставови по одредени прашања кои го окупираат јавното мислење. Не смееме да си дозволиме да бегаме од ниту една тема, препуштајќи ја истата да ја третираат само „големите играчи“ во политичкиот спектар (примерот со #Бојкотирам). 

Ние не смееме да паднеме во постмодернистичката стапица која вели дека идеологиите изумираат, дека нема веќе „лево“ и „десно“, а цивилизираната политика не е веќе антагонистичка, туку дијалошка!? Демек, нема веќе судири, туку преговарања! (Нашите провокатори ни велат: „Наместо штрајкови, имате колективни договори; наместо институционални парламентарни дебати, имаме Охридски, Преспански, Тирански договори и платформи“). Парадоксот на ваквата навидум либерална демократија е во тоа што таа останува слепа за општествените судири, обидувајќи се истите да ги релативизира. Ова, во суштина, ако гледате политолошки, е антиполитички светоглед, со примеси на индивидуализам, опортунизам и морализам, кој се плаши од дистинкцијата на „ние“ и „вие“ – бидејќи веднаш, во јавноста, ќе биде етикетиран од малограѓанштината и фабричките новинари како ‘хејтер’ и пропагатор на ‘говор на омраза’!? Оттука, насилството и непријателството кои иманентно ги продуцира политиката, се сметаат за архаични, анахрони и варварски, а новите мејнстрим либерални теоретичари politike полека го поместуваат кон etike – па, наместо, политичка борба меѓу десницата и левицата, сега судирот суптилно ни е претставен како судир меѓу „Доброто“ и „Злото“!? 

Но, грешката на овој ограничен рационализам е во неговото игнонирање на емоционалната афективна димензија на Политиката, која има моќ да ги мобилизира масите, и во потценувањето на улогата на ирационалното во политиката. Затоа, современиве наши политиколози, школувани на семинарите од Сорос, не можат никако да сфатат дека човекот не е само ум, туку и срце! Дека покрај logos, има и patos. Дека не е само паметта, туку и страста… Всушност, за да делуваат политички, луѓето мора да можат да се идентификуваат со одреден колективитет, што ги отсликува и репрезентира на начин кој за нив е вреден и веродостоен. Оттука, политичкиот дискурс не може да нуди само политика, туку мора да нуди и идентитет, или ако сакате – „припадност“, што ќе им помогне на луѓето да го разберат времето во кое живеат и, на крајот на краиштата, ќе им даде надеж за подобра иднина.

Затоа, политичката активност секогаш претпоставува една партиска или партизанска активност. Впрочем, и етимологијата на „партија“ доаѓа од part = „дел“. Ние не сме Партија која ги претставува сите! Ние сме Партија која ги претставува непривилегираните. А соверемените демократии, гледаме дека,  го жигосуваат наместо да го прифатат конфликтот. По падот на Берлинскиот ѕид, сведочиме за неприкосновена глобална хегемонија на неолиберализмот и неговото тврдење дека веќе не постои алтернатива на капитализмот. Ова, всушност, преку „Третиот пат“ на Гиденс, беше прифатено од социјалдемократските партии, кои сакајќи да се „модернизираат“, се редефинираа не како левичарски, туку како партии „лево од Центарот“, губејќи притоа многу од својата некогашна автентичност. Или она што јас го нарекувам пасокизација на социјалдемократијата

На овој начин ние стигнавме до еден парадокс кој го сведочиме и ние, на нашата политичка сцена: да имаме избори без избор! Политиката ни е сведена на „спинување“. Не постои реална разлика меѓу СДСМ и ДПМНЕ, и тие се обидуваат своите политички производи да ни ги продадат преку итар PR и маркетинг, со помош на рекламните агенции. Последица од ова, дури и статистички, на европско ниво, е апстиненцијата – односно, драматичниот пад на излезноста на изборите, што го доведува во прашање функционирањето и легитимитетот на самиот политички систем во целина.

Тука, би дал само краток осврт на она што ние, во нашите левичарски кругови, пежоративно го нарекуваме „ен-џи-о левица“ – против која се бориме и која се бори против нас, во исто време… Впрочем, ние, во јавниот дискурс, не треба воопшто да сме колебливи и да се плашиме при одредувањето на нашите политички непријатели. Денес, во Македонија, тоа се првенствено три: (1) Првиот лоциран наш непријател е анационалниот северномакедонски Социјалдемократски сојуз – кои, истовремено, се и нашите класни непријатели, оти нашите мајки и сестри се чистачки во нивните домови. Ние немаме никакви допирни точки со нив!; (2) Вториот лоциран политички непријател ни е великоалбанскиот национал-шовинизам, кој на моменти е милитантен и многу опасен, и кој со полна пареа работи на идејата за големи држави;  (3) И третиот наш политички непријател е т.н. „ен-џи-o левичарење“, кое сакам – сосем накратко – да го скицирам… 

Овие семинарски обучени „НВО-активисти“, елоквентни, начитани, се прпелкаат и во овие интелектуални кругови. Но тие, заглибени во намерите да и се бендисаат на образованата јавност и на Амбасадата од Кале, сосем заборавија дека Јавното е многу поширока категорија. Тоа не е група од начитани луѓе кои се собрале за да постанат „јавност“, туку е простор за дискусија и политичка акција во кој општеств[ен]ото мора да е секогаш присутно.

Оттука, иако имавме најголем број НВО-и по глава на жител, кај нас се случи еден парадокс: тие придонесоа да се деполитизираат локалните активистички групи и да ги прилагодат своите програми во правец кој најмногу им одговараше на интересите на т.н. филантропи од Првиот свет. Овие млади и надежни капацитети […] несвесно заглавија во калта на новопродуцираната НВО-бирократија, која самите си ја создадоа и во која умешно се вгнездија. Тие креираа светоглед од еден затворен простор, оти канцеларштината во НВО-секторот користи сопствен „новоговор“ кој само тие си го разбираат. Нивниот јазик е апстрахиран од стварноста и затоа, ако погледнете, е испразнет од суштината. Тој е безживотен, схоластичен и затоа ние го етикетираме како „позерски“. Нивниот говор е, во суштина, лажен говор! Тој е говор на прикривање и заведување кој не живее со, туку живее од проблемите на луѓето. А токму него ние ќе мораме, во иднина, етапно и систематски – чекое по чекор – да го раскринкуваме.

Тука и сега, во овој историски контекст, да му кажуваме однапред на нашиот политички непријател кога, каде и со кои методи ќе војуваме со него – простете, но тоа е глупост, а не револуционерност. Ете затоа, новите леви партии треба да се доучуваме во насока на комбинирање на тактиките за доаѓање на власт, како долгорочна цел. Притоа, никако не смееме да заборавиме дека, во моментите на криза на претставничката демократија, нашиот табиет треба секогаш да биде доследен кон тоа да ги презираме преварантите! Ете затоа, другари, ве повикувам да останеме лојални во нашата лутина против конформистите кои се претставуваат како наши соборци. Да бидеме смирени во опасноста, истрајни во работата, несовладливи во офанзивата, скромни и постојано претпазливи. Да го срушиме тимот на кариеристичките квазилидери со големината на нашиот Карактер! 

Од денес, и коцката и ракавицата веќе се фрлени. Како што велеше мојот неодминлив сограѓанин Рацин: „Работата на рушење на овие услови, е многу попродуктивна отколку работата под нив. Тоа ми е последниот Резултат“. […]

#Ќе победиме!

Да живее Левица!

Да живее АСНОМска Македонија!

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ