НЕ ДОЗВОЛУВАМЕ ИДЕЈАТА ЗА РАМНОПРАВНО ОПШТЕСТВО ДА ЗГАСНЕ ПОРАДИ ХИРОВИТЕ НА МАЛА ГРУПА ЛУЃЕ – ПРОДОЛЖУВАМЕ ПОНАТАМУ!

levica

Loading

Тагови:

Донирај онлајн

Се чувствуваме должни да ја разјасниме оваа непријатна и тензична ситуација проследена со ниски манипулации и обвинувања, која особено го засегна поширокото членство на Левица. Јавните обвинувања за обиди Партијата да се трансформира во сателит на ВМРО-ДПМНЕ, се ништо повеќе од евтин обид да се подрие борбата против штетните политики на СДСМ кои државата ја претворија во империјалистички слуга. Секако, истите се комплетно неосновани – членовите на раководството беа најгласни и најекспонирани (дури и судски гонети) против политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Впрочем, ликот на Левица стана препознатлив токму поради експонираноста против владеењето на ДПМНЕ, па кај членството не поминуваат подлите инсинуации дека партијата се трансформирала во обичен играч на Мицковски!

Внатрепартиските превирања и конфликти започнаа непосредно после успешната кампања за Бојкот на референдумот, која беше предводена токму од актуелното раководство и финишираше со организираниот Дојрански Договор, каде што левичарски партии од Балканот и пошироко ја изразија својата поддршка против уценетиот процес за промена на името и насилниот влез во империјалистичкиот пакт НАТО. Поканите за средби од сите политички фактори во Републиката кои се спротиставуваа на Преспанскиот договор претставуваат доказ дека Партијата се изгради и наметна како сериозен и релевантен фактор на политичката сцена. Ваквите средби беа остварени со знаење и одобрување на сите членови на тогашниот Президиум, при што на дел од нив учествуваа и сегашните пучисти, кои сега се трудат да го изманипулираат членството и пошироката јавност дека Левица прераснала во “вмровски сателит”, поради средби на кои и тие непосредно учествувале и ги одобриле!

Големата експонираност на партијата, која прерасна во единствен политички субјект чија релевантна артикулација против Преспанскиот договор поаѓаше исклучиво од анти-шовинистичка, анти-империјалистичка и анти-фашистичка позиција, беше минирана од мала група поединци кои изминатите месеци ја опструираа работата на партијата – преку ревидирање на сите дотогашни активности – што неминовно доведе до маргинализација на Левица од политичката сцена. Претесните гледишта на групата и неможноста да се согледа актуелниот политички и општествен контекст, како и (не)намерното инсистирање Левица да не биде релевантна политичка сила против Преспанскиот договор и останатите анти-народни политики диктирани од западните елити, доведе до силна недоверба и поларизација во партијата.

Сегашното раководство постојано се бореше против овие деструктивни и манипулативни обиди кои имаа за цел во клучен историски момент – кога владејачките политики се директно поддржани од сета странска империјалистичка машинерија – да ја маргинализираат Партијата и да не се пружи силен и радикален отпор против НАТО-властите!

Ваквата борба резултираше со серија одлуки на Президиумот со изминат мандат, кои претставуваа најперфиден обид за елиминирање на политичките неистомисленици, што кулминира со целосно преземање на фејсбук страната на партијата, каде што актуелниот советник во Министерство за економија со замрзнато членство во политичката партија Левица, Бранимир Јовановиќ, беше привремено поставен за администратор на страната.

Со цел да се заштити Партијата од ваквиот координиран удар за нејзино преземање, бравата на канцеларијата беше легално променета (по барање на правниот застапник Д. Апасиев), при што беше констатирано и кражба на архивски материјал! Мора да се потенцира дека изминатиот период беа утврдени и малверзации во финансиското работење, поради што партијата и нејзиниот правен застапник се доведени во ризик да бидат казнети. Бидејќи минатото раководство во неговата опортунистичка борба со политичките неистомисленици не презеде никакви конкретни чекори за анулирање на откриените малверзации, беше иницирана постапка за промена на благајникот, додека не бидат целосно расчистени индициите за неодговорно финансиско работење.

Левица ќе продолжи да се гради како единствена работничка партија, која доследно и агресивно ќе се спротиставува против националистичкиот и либералниот дискурс на капиталистичките партии кои го сегрегираат работниот народ и го разводнуваат неговото активно учество во класната борба. Нема да дозволиме идејата за рамноправно општество да згасне заради хировите на мала група луѓе. Во времиња кога државата и работничкиот народ се погазени од империјалистичката чизма на целата странска дипломатија, нема да дозволиме Партијата да се претвори во маргинална фигура која ќе го забрза процесот на потчинување на анти-работничките политики на странскиот диктат. Идејата за АСНОМ-ска држава создадена, изградена и раководена од работничкиот народ сега нѐ обединува посилно и посложно од било кога.

Подобро општество е неопходно!
Подобро општество е можно!
Ќе победиме!

Президиум на ЛЕВИЦА

levica

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ