Апасиев: #Од5тиМајДоКрај – Бојкотот сега е контрапродуктивен, другари!

21761545_1507137309351602_256186632760150565_n

Loading

Тагови:

Донирај онлајн


„Така, Критиката го истреби осквернувањето на духот од материјата
и на критиката од масата, со тоа што го поштеди
своето сопствено тело – а го распна туѓото“.
Енгелс и Маркс, Критика на критичката критика (1845)

21761545 1507137309351602 256186632760150565 n
Димитар Апасиев
Член на Президиумот

После рекордно малата излезност од 41% во првиот круг на претседателските избори, со која граѓаните отворено му удрија шамар на двопартизмот СДСМ-ДПМНЕ, во левичарските и либералните, па дури и во конзервативните кругови, насетувам сè посилна наклонетост кон филозофскиот идеализам, како наклон кон контрареволуционерни настроенија. Затоа, како еден од првите што го започнаа движењето #Бојкотирам за време на референдумот за илегалната промена на името, а по отворените прозивки на луѓе кои навистина ги почитувам, за тоа: „Кој е ставот на Апасиев за овие избори?“ – чувстувам морална должност кон јавноста да ја изразам мојата сегашна јасна и недвосмислена антибојкот-позиција!

Репете на историскиот дебакл на власта

Несомнено е, драги мои соборци, дека политиката повеќе прилега на алгебра, одошто на аритметика и уште повеќе на виша математика, одошто на нижа. Денес, пред цифрите се појави нов знак – „минус“. Но, некои наши медиумски мудреци и радикални левичари и десничари упорно продолжуваат да се уверуваат, и себеси и другите, дека минус три е поголемо од минус два!? Така, за разлика од Референдумот (2018), каде што бојкотот кој го заговарав беше легитимна опција и имаше онтолошка политичка смисла со продуцирани правно-релевантни последици, сегашниот бојкот на претседателските избори, а особено на решавачкиот втор круг, го сметам за обичен ларпурлартизам и крајно несериозно и неинтелигентно постапување. Впрочем, во ваква „пата-пата“ ситуација, кога раскалашената власт на заевистите е на колена и пред тотален колапс – наше е само да ја поттурнеме во провалијата која самата си ја ископа. Па во нашата досегашна државно-правна историја не се има случено вакво политичко фијаско, ваков дебакл со вртоглав пад на рејтингот на една Влада, која за само две години изгуби околу 200.000 гласови!

Драги мои бивши соборци од Шарената револуција и од движењето Бојкотирам: не можете да се борите против квислиншкиот „Преспански договор“ кој ни го наметна името Република Северна Македонија без да имате институција која е овластена да ги покрене меѓународно-правните механизми на Обединетите нации. Затоа, токму во овој драматичен историски момент, во кој ја играме можеби најважната партија шах – ние мора да влечеме потези мудро и тактички прецизно. Нема да имаме втора шанса и нема да имаме време за импровизации и за лажни скромности.

Фронталниот напад е најдобрата опција

Кинескиот војсководец Сун Цу, уште во VI век пр.н.е., во книгата Уметноста на војувањето ни порача: „Ако противничките формации се ранливи, време е да тргнете да ги нападнете! Бидете брзи како да слетувате од Небото, не овозможувајќи му на противникот да ја организира својата одбрана. Напаѓајте ненадејно, исцрпувајќи ги противниците кои бегаат. Искористете ја нивната агресивност против нив! Реагирајте брзо како змија која го возвраќа ударот со опашката кога ќе ја удрат по главата, а со главата – кога ќе ја удрат по опашката. А ако ве удрат по средината, возвратете им и со главата и со опашката“.

Повеќе од јасно е дека народноодметнатата тиранска коалиција на СДС(С)М и ДУИ – со својот непотизам, кронизам, клиентелизам, фејкерски елитизам, ароганција, незнаење, импровизација, корупција и неказнив криминал – сите нас нè удрија баш по средината. Окупатори да беа, па ќе имаа повеќе сенс за чувствата на овој народ. Затоа, другари, дојде времето да им вратиме и со главата и со опашката. А тоа, да биде иронијата поголема, е токму на овој Петти мај – денот кога започна падот на груевизмот, да биде воедно и ден кога ќе започне падот на заевизмот (#Од5тиМајДоКрај). Затоа, не потпаѓајте под лажниот триумфализам на ВМРО – партијата која го преспа процесот на илегалните уставни измени. Да се разбереме: не победи ВМРО во повеќе од пола Македонија, туку победи професорката Гордана Силјановска Давкова – со својот углед, кредибилитет и со своето знаење и принципиелност. Тоа е многу битна и суптилна разлика, за оние што знаат да читаат меѓу редови.

Бојкотот е вовед во нова криза и работи во корист на елитата

Со сегашниот бојкот на второто полувреме, само ќе играме по нотите кои ни ги свират властодршците и ќе влеземе во нивното посакувано антидемократско сценарио, кое можеби веќе им е напишано во амбасадата на Кале. Ќе овозможиме Талат Џафери, а.к.а. командант Форина, да стане „ВД Прецедник-узурпатор“, кој со брзина на светлината ќе ги потпише противуставните шверцувани закони за ратификација на октроираниот „Преспански договор“ и за двојазичност, со што Уставниот суд нема да може да ги поништи поради формално-правни причини. Ќе им дадеме алиби на овие митаџиски среброљупци да го променат уставниот систем на земјата и да воведат претседател-марионета кој, небаре е некој бирократски чиновник, ќе се бира „на тендер“ во парламентот – од уценетите и корумпирани пратеници, наместо директно од народот. И конечно, по повторените и скапи претседателски избори (доколку ги има), ќе бидат осоколени и појачани со лиценца од нивните западни ментори за геримандеринг – местење и крадење на изборите, за кои ќе им биде прогледано низ прсти, само заради „мир у куќи“.

Затоа, ние – народот – не можеме да победиме ако не научиме како правилно да настапуваме, но и правилно да отстапуваме од тврдите и дримерски позиции кои не вродуваат со плод. Ете затоа, револуционерните партии треба да се доучуваат! Правилна е тактиката на комбинирање на легалната работа со задолжително искористување на институционалните патишта, особено сега кога се заканува опасноста дека со можна украдена или наштимана победа на Стево Пендаровски – СДС(С)М ќе има тотална власт во државата. Тоа не смееме да го дозволиме ако сакаме да ја зачуваме Републиката! До тука бидува. Затоа, комбинирањето на легалните и илегалните, парламентарните и вонпарламентарните форми на борба, се суштината за успешна општествена промена кон подобро.

Има компромиси и „компромиси“

Оттука, да се негираат компромисите „принципиелно“, ноншалантно да се хејта секоја допуштеност на компромиси воопшто, какви и да се тие, е детинштина којашто е тешко дури и да се земе за сериозна анализа. Политичар и државник кој сака да му биде полезен на револуционерниот потенцијал треба да умее да ги оддели конкретните случаи. Оти има компромиси и „компромиси“! Треба да умееме да ја анализираме ситуацијата и конкретните услови на секој компромис.

Еве, на пример, замислете си дека возите по автопат и вашата кола ја запреле вооружени бандити. Вие им ги давате парите и колата и така се ослободувате од нив. „Компромисот“ несомнено е на дело – им ја дадов колата, за да ми ја дадат можноста да си отидам жив и здрав. Но, бандитите не знаат дека на следната кривина, во заседа, ги чека мојата екипа. Затоа, јас свесно го правам „компромисот“, знаејќи го конечниот исход кој следува. Оттука, стратегиски, јас сум на еден чекор пред бандитите. Е сега, преведено на наш политички јазик „шоферот“ е чесниот македонски граѓанин; „бандитите“ се актуелниве властодршци; а „екипата“ која чека во заседа е народот. Тешко дека би се нашол разумен човек кој ваквиот компромис ќе го прогласи за „принципиелно недопуштен“. Се разбира, во политиката тоа ни оддалеку не е секогаш така лесно како во детски простиов пример. Но, оној што би сакал да измисли за работничката класа таков рецепт што би давал однапред готови решенија за сите животни ситуации, тој би бил просто шарлатан осуден на самоизолација и секташење, а не релевантен играч на главната политичка сцена.

#Од5тиМајДоКрај

Затоа сега, особено во ваква изедначена ситуација, насекаде се чувствува приближувањето на големата бура и пресвртот што ќе следува на Петти мај. Во сите класи и етноси – вриеж и подготвување. И тука, во овој напнат историски момент, да си ги врзуваме однапред рацете, да му кажуваме отворено на нашиот затетеравен политички непријател дека ние нема да излеземе на мегдан со него – па тоа е глупост, а не револуционерност!

Затоа, вие „интелектуални левичари и десничари“ не истоварувајте го своето инфантилно доктринерство врз масите. Непостојаноста и безидејноста на таквата ваша квази-револуционерност, нејзината бесплодност, својството брзо да си „легнува на брашното“ и да се претвора во апатија, фантастика, па дури и во бесен занес по оваа или онаа буржујска помодарска струја – сето ова се чини дека е општопознато. Затоа, простете, но овојпат #БојкотирамПИ не е вистинското решение! Тоа ми е последниот резултат.

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ