Контроверзната и избрзана „аболиција“, дадена ненадејно од страна на Претседателот на РМ – проф. д-р Ѓорге Иванов, може да се спори по најмалку три правни основи. Притоа, заклучокот до кој ќе дојдеме е дека таа е противправен, уставно невалиден и законски недопуштен правен акт кој не може да произведе никакво правно дејство, по сите долунаведени основи.
Македонскиот Устав не познава аболиција, туку само „амнестија“ и „помилување“
Гледано од кривично-правен аспект, во Уставот на РМ (1991) се споменуваат само два вонредни института поврзани со чинот на давање милост кон криминалците: амнестијата – како општ акт in abstracto, која ја дава исклучиво Собранието на РМ во форма на закон [чл. 68, ст.1, ал.18 од УРМ]; и помилувањето – како поединечен и поименичен акт in concreto, кое го дава Претседателот на РМ, но секогаш „согласно со закон“ [чл. 84, ст.1, ал.9 од УРМ].
И толку. Нашиот демократски Устав ниту го познава, ниту го признава контроверзниот институт аболиција! Со други зборови, за разлика од амнестијата и помилувањето, кои се даваат на веќе правосилно осудени лица, чинот на аболирање означува ослободување од кривично гонење пред воопшто да биде донесена правосилна и извршна судска пресуда – значи, додека кривичната постапка е сè уште во тек. Фактички и правно гледано, ова е директно мешање на извршната власт во суверената сфера која е резервирана за судската власт, а разликата помеѓу помилувањето и аболицијата, најблаго речено е колку „оттука до Стамбол“.
Затоа, сосем исправно, во 2009 година аболицијата – која се даваше по дискрециона оценка и самоиницијативно од страна на Претседателот на РМ, без спроведување на постапка – со право беше избришана од Законот за помилување (Сл. весник на РМ, 20/1993), како некомпатибилен правен институт од уставноправен аспект, кој меѓу другото, е и премногу податлив за можни злоупотреби и коруптивни малверзации (на пример, во светот се познати случаи кога моќни нарко-босови и мафијаши подмитувале или уценувале претседатели на држави за овие да ги аболицираат, правејќи класична злоупотреба на службената положба и овластување и не заштитувајќи го јавниот интерес).
Нашиот Закон за помилување веќе не дозволува дискрециона аболиција
Таканаречената дискрециона аболиција, без спроведување на претхода постапка и без никој тоа да го иницирал или побарал, дадена лично од страна на Претседателот на РМ на вкупно 56 лица, кои се јавно објавени во Службен весник на РМ бр. 72/2016 – од кои, за жал, едно лице во својство на сведок почина под мистериозни околности – по својата правна природа има третман на апсолутно ништовен правен акт! Ова е така бидејќи истата воопшто нема законска заснованост во она што остана да важи од нашиот унакажан Закон за помилување (1993) особено после скандалозната укинувачка одлука на Уставниот суд – која, да потсетиме, беше увертира во нашава политичко-правна криза.
Сега да појасниме, особено за оние кои не се правници, ама и за „правните советници“ од Кабинетот на Претседателот. Фамозниот член 11 од споменатиот Закон за помилување (1993) како lex specialis – по кој се донесени сите овие еднострани одлуки за итна аболиција, а којшто на Претседателот му даваше дискрециони овластувања за ослободување од кривично гонење „во интерес на Републиката“ или поради „посебни лични околности“ – дефинитивно е избришан со Законот за изменување и дополнување на ЗП (Сл. весник на РМ, 12/2009)! Да биде заплетот потрагичен, овој изменувачки закон на првичниот нормативен текст на Законот за помилување, е укинат во целина од страна на Уставниот суд на РМ, со контроверзната Одлука У. бр. 19/2016-0-0, од март оваа 2016 год.
Кажано со стручен јазик, тоа значи дека членот 11, уште од пред седум години, е правно мртов и непостоечки во правниот промет и сообраќај – затоа што еднаш избришан член од позитивно-правниот систем може да го врати во живот само и исклучиво законодавецот и ниту еден друг друг државен орган! Со други зборови, Уставниот суд на РМ нема никакво волшебно право или магиска моќ да го „воскресне од светот на мртвите“, односно да го оживее овој избришан член и повторно да го врати во нашиот правен поредок. Тоа ексклузивно право е резервирано само за Собранието на РМ, како единствено надлежен законодавен орган, и тоа преку носење на нов закон – операција која во правото се нарекува контрерна рогација.
Во прилог на ова телеолошко правно толкување (interpretatio iuris), е и точката 5 од Решението У. бр. 97-2011-0-0 на Уставниот суд на РМ, којшто во истиот овој персонален состав – во февруари 2012 год. – при отфрлањето на слична граѓанска иницијатива поднесена од Движењето за социјална правда „Ленка“, со која се бараше враќање на веќе еднаш избришани законски одредби, воспостави уставносудски правен преседан, кој е извор на уставното право (fontеs iuris) за сите вакви правни прашања кои би се појавилe и во иднина. Во образложението на цитираното Решение – сосем јасно, логично и недвосмислено – се вели:
„Со оглед на тоа дека станува збор за оспорени правни норми кои констатираат престанок на важење на делови од одредби кои во минатото биле во содржината на одредбите со кои се уредувало одредено право на конкретен и со закон утврден начин – според Судот, тие законски норми не се подобни за уставно судска анализа! Во конкретниов случај, со поднесената иницијатива всушност се бара Судот да ги укине оспорените одредби од Законот и со тоа да ги врати во важност претходно важечките одредби кои ги содржеле деловите кои со оспорените одредби се бришани. Но, согласно чл. 110 од Уставот на РМ, Уставниот суд не е надлежен да врши законодавна функција и да нормира прописи, со враќање во сила на оние законски одредби кои повеќе не се во правниот поредок“!
Претседателските одлуки за аболиција имаат суштествени недостатоци поради кои не можат да произведат правно дејство
Од она што остана да важи од првичниот текст на несмасно искасапениот Закон за помилување (1993), произлегува дека процедура за ослободување од кривично гонење, во било кој стадиум на кривичната постапка, може да се поведе исклучиво по службена должност (ex officio) – но, само по барање на Министерот за правда во Владата на РМ, а никако и самоиницијативно од страна на самиот Претседател на Републиката [види чл. 3 од ЗП]! А бидејќи вакво барање не постои, овој управен акт на Претседателот на РМ, како дел од бицефалната извршна власт, е нецелосен т.е. има битен процесно-правен недостаток кој не може дополнително да се конвалидира, затоа што постапката не ни можела да започне, а камоли пак да заврши без иницијално барање на министерот од редовите на ДУИ.
Понатаму, самите архивирани и објавени Одлуки за помилување без спроведување постапка, имаат сериозни содржински пропусти и структурни грешки, односно битни недостатоци! Во нив се наведени само имињата и презимињата на аболицираните лица, како и местото на живеење, без притоа, да се наведе и податокот за кои кривични дела тие се аболицирани, како и да се наведе бројот на кривичниот предмет кој се водел против нив. Покрај тоа, недостасуваат и други важни податоци за дополнителна идентификација на овие осомничени или обвинети физички лица (пр. адреса, единствен матичен број на граѓанинот, број на лична карта и останати лични податоци), со цел точно идентификување на лицата – затоа што е многу веројатно дека во Македонија има и други државјани кои имаат исто име и презиме со аболицираните. Со ова флагрантно е повреден и актуелно-важечкиот Закон за општа управна постапка (2005), како супсидијарен правен извор кој наоѓа своја примена и во оваа ситуација, а којшто предвидува дека писменото решение мора да содржи „увод, диспозитив т.е. изрека, образложение, правна поука т.е. упатство за правно средство, назив на органот-доносител, архивски број, датум, потпис на службеното лице и официјален печат на државниот орган“ [чл. 209, ст.3 од ЗОУП, а во врска со чл. 210, 212, 213 и 215 од ЗОУП].
За крај, мораме да ги демантираме сите скептици кои велат дека ситуацијата со претседателската аболиција е „правно нерешлива“!? Излезот од овој правен лавирнт е во следниве три чекори:
• прво, Претседателот на Републиката треба самиот да ги прогласи противправно донесените одлуки за аболиција за ништовни, елегантно повикувајќи се на членот 267 од важечкиот Закон за општа управна постапка! Ако тој тоа не сака да го стори самиот, тоа од него треба да го побара Јавниот обвинител на РМ (повикувајќи се на чл. 268 од ЗОУП);
• второ, доколку Шефот на државата не ги повлече своите противправни одлуки за аболиција, Специјалното јавно обвинителство треба истите комплетно да ги игнорира, третирајќи ги како непостоечки, и најнормално да си продолжи да ги процесуира обвиненијата пред судот! Во таквата хипотетичка ситуација, кога обвинетите евентуално би ги приложиле одлуките за аболиција кои се во нивна корист, судот ќе биде „навлечен“ да одлучува и тој ќе мора да ја цени нивната правна заснованост, која видовме дека de јure не постои; и
• трето, доколку Претседателот на РМ самиот не чувствува политичка и морална одговорност и не поднесе неотповиклива оставка на функцијата, следниот парламентарен состав треба да иницира постапка за негов импичмент т.е. утврдување на одговорност за кршење на Уставот и законите; а СЈО – откако ќе побара симнување на неговиот имунитет
• би требало да покрене кривична постапка против него, поради постоење основано сомнение за сторена „повреда на тајноста на постапката“, како кривично дело против правосудството, предвидено во нашиот Кривичен законик на РМ (1996).
Автор: доц. д-р. Димитар Апасиев
Превземено од respublica.edu.mk