Здравство моделирано според интересите на капиталот

Apoteka2

Loading

Тагови:

Донирај онлајн

Деновиве малку позната информација е дека во вечната земја аспирант за ЕУ и НАТО нема еден доста важен антибиотик наречен trimethoprim+sulfamethoxazole, во јавноста попознат како бактрим или лидаприм. Зошто е ова важно? Прашајте ги оние граѓани кај кои некогаш се појавила алергиска реакција на бета-лактамските антибиотици на кои маки се деновиве!
Во Македонија постои регистриран препарат од оваа генерика, носител на одобрението за промет е “РОШ МАКЕДОНИЈА” дооел, само што проблем е што одобрението за промет завршило на 20.5.2017. Но, проблемот е што подолг период ги нема ниту паралелните лекови (Лидаприм и Тримоксазол), па во моментот за населението не е достапен никаков лек од оваа генерика кој често се применува во лекарската пракса.

Lekovi

Дел од колегите ќе коментираат дека има и други групи на антибиотици кои би биле добра замена за препаратот што го нема моментално, но поентата не е да ја банализираме дискусијата бидејќи на крајот повозрасните колеги ќе се сетат на едно време каде се учеше и партизанска медицина и беа изучувани концепти како на пример партизанско буре, а и убаво е да се сетиме и на кампањата за рационална употреба на антибиотици, најдобро по антибиограм. На крајот никој нема право да се меша во ставот на лекарот практичар кој проценил дека овој антибиотик ќе даде најдобри резултати за пациентот! Нели за тоа се залагаме, или пак не?!

Бизнис пред здравје

Со воведувањето на концептот на паралелен увоз на лекови се максимизираше добивката на фармацевтските компании кои во Македонија гледаат погодна почва за бизнис, а политичките елити можност за купување на социјален мир посебно кај здравствените работници кои немаа среќа да се вработат во некоја здравствена инстутуција за пристојна плата бидејќи т.н. trickle-down економија во здравството значи дека или населението треба да биде вештачки болно за да има поголема побарувачка на здравствен кадар (кој би работел во здравствени институции) или ќе има голема побарувачка во продажбата на лекови (Тука авторите ја легитимизираат позицијата на либералите и го разгледуваат случајот во нивно идеолошко сценарио. Во Македонија постојат силни нео-либерални струи кои го гледаат здравствениот систем низ оваа призма, додека Левица како партија стои експлицитно против оваа позиција и се бори здравјето да не биде комодитет на оние кои можат да платат, туку основно човеково право!). Ова е во спротивност со основните правила врз кои почива социјалниот и јавен концепт на здравство кое е цивилизациска придобивка. Тука превентивата (Често производителот скриен позади формулацијата превентива (заштита, спречување да се појави заболување) успешно продава на лица на кои реално не им е потребен лекот) мора да се уништи за горенаведената спрега да може одлично да функционира. Колку за илустрација во Македонија се регистрирани 95 медицински претставништва или производители на лекови (Тука, но и претходно е земен само терминот лекови со цел полесно читање на материјата иако правниот поредок во Македонија препознава и други номинални форми), а дополнително постои теоретски модел (можност) каде е можно и трети лица да увезуваат даден лек преку некоја од веќе регистрираните компании со што бројот на инволвирани и вработени во овој бизнис може експоненцијално да порасне…

Рекламна пропаганда

Потребата за рекламирање на лек делува како да живеете во дистопија со оглед на тоа што капитализмот промовира дека квалитетот продава и излегува на површина. Тогаш зошто е потребно рекламирање, а посебно кога се работи за здравје? Во Македонија ударните термини (пред вести, спортски натпревари итн) се задолжително резервирани за реклами каде се промовираат лекови (Номиналната форма лек е забранета да се рекламира во Македонија. Дозволено е да се рекламираат додатоци во исхрана и суплементи, но истата е потенцирана тука поради перцепцијата на населението што може да се толкува како профит направен со измама т.е. наметната потреба!) . Ако се погледне структурата на населението кое гледа телевизија, ќе ви стане јасно зошто има толку големи гужви по аптеките, често за задолжителната хронична терапија, но и за солиден процент на акутни пациенти кои без двоумење ќе одделат дел од нивните скромни примања за некој препарат што го виделе на ТВ. За оваа наметната позиција може повеќе да прочитате https://www.bilten.org/?p=18300

Нерационална употреба на антибиотици како феномен

Нерационалната употреба на антибиотици е само продукт на лошата организација на здравствениот систем, зачинета со потребата за профит на големите фармацевтски куќи кои голем дел од населението милува да ги нарекува и фармако-мафија, што и не е далеку од вистината. Најдобро оваа спрега се гледа во отпорот кој се дава на декриминализација и легализација на марихуаната за медицинска и рекреативна употреба. Медицински не постои разлика од тоа да користите рекреативно бензодиазепини и марихуана на пример. И во едниот и во другиот случај би купиле внатрешен мир. Но, Формално правно постои разлика! Во едниот случај ако сте сопственик на фармацевстка куќа што произведува бензодиазепини би се збогатиле, а во другиот случај ќе си одлежите во затвор. Дополнително ако ја погледнете годишната потрошувачка на бензодиазепини ќе сфатите дека истото веќе е културолошки феномен. Тоа е легализирање на таблетоманијата од која подебелиот крај го влечат најмаргиналните групи кои често некритички пристапуваат кон овој општествен проблем.

Живееме во време кога напредокот не е диктиран според потребите на мнозинството население, туку според потребите на капиталот. Така и со фармацевтските куќи. Сите брзаат да го фатат возот и да создадат нови генерации на антибиотици кои ќе бидат подобри, посилни и зошто да не и попродавани за разлика од старите генерации. Оваа спрега често доведува до предвремено отфрлање на некои антибиотици кои важат за лек на избор, со цел побрза исплатливост на новата инвестиција т.е. новиот лек.

Одговорност

Особено во овој случај иритира фактот дека секој престанок на производството или прометот за еден лек пред истекот на одоброението увозникот мора да ја информира Агенцијата за лекови. А од своја страна, Агенцијата за лекови има право да издаде одобрение за увоз и за лек кој не е регистриран во случај кој е од интерес за јавното здравје. Значи, или увозниците не ја информирале Агенцијата за лекови, или ја информирале но таа не презела ништо за со интервентен увоз да го покрие овој застој во снабдувањето со овој лек. Како и да е, некој од нив не ги исполнил своите законски обврски, а ниту еден од нив не е земен на одговорност.

Македонија важи за земја со селективна правда и генерално постоење на политика на неказнивост (или симболична казнивост, пример крадите 20 милиони евра, а лежите во затвор кратко време или ве помилуваат) посебно за економски криминал.

Во вакви случаи мора да постојат казнени одредби кои мора да го вразумат капиталот. Односот на фармацевтските куќи кој се базира на девизата имам профит од лек, ќе го продавам, немам профит, нема истиот да биде присутен во Македонија е аргумент плус зошто треба да создадеме државна веледрогерија која ќе се раководи според интересите на жителите на Македонија, а не според потребата за профит. Ова најдобро го знаат на своја кожа лицата кои боледуваат од ретки заболувања и кои мака мачат со фармацевтските куќи, но и со државните институции за да добијат посовремен третман со понови препарати. Нормално доколку фармацевтските куќи немаат финансиски интерес, нема да регистрираат таков препарат.

ПС Здравство

 

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ