Само за два месеца Владата нè задолжи на домашниот пазар со нови 394 милиони евра по основ на хартии од вредност. Државните записи кои достасуваат за една година изнесуваат 203,5 милиони евра, а државни обврзници кои ќе достасаат дури по 15 години, изнесуваат над 190 милиони евра.
Овие предизборни задолжувања ќе ги пополнат буџетски дупки и ќе послужат за предизборен поткуп. Обезбедувањето на сигурни гласови нема цена повеќе од три децении и затоа власта со нови долгови доделува помош на пензионери, млади, социјално ранливи категории, земјоделци, лица со попреченост или самохрани родители, како и на компании.
Јавниот долг во Македонија достигна 8,5 милијарди евра во 2023 година, меѓутоа задолжувањата не стивнуваат. Покрај овие задолжувања, власта во континуитет нè задолжува со разни заеми и кредити на меѓународниот финансисики пазар. СДС и ДУИ трошат народни пари за да ги купат гласовите на избирачите и да си обезбедат уште еден мандат.
Владата сметајќи на солидарноста на идните генерации, место да ги намали и рационализира трошоците, ќе го продолжи трендот на иселување, не само на младите, туку и на цели семејства. Место да се задолжуваат неродените деца, Левица во својата програма предвидува бескомпромисна борба против организираниот криминал и корупција, воведување на прогресивно оданочување и кратење на сите непродуктивни трошоци кои народот ги плаќа повеќе од три децении за луксузното и расипничкото живеење на власта.