РЕАКЦИЈА ДО ЈАВНОСТ
Првото полугодие од виртуелната 2020/21 наставна година заврши со бојкот на наставата од учениците во завршните класови во средните училишта. Бојкотот продолжи и во второто полугодие, проследен со игнорантски, дрзок, деспотски однос од страна на надлежните и министерката Мила Царовска.
Едно од правата кои ги уживаат граѓаните на државава е и со Устав гарантираното право за слобода на говор и мислење. Според тоа право, секој, вклучувајќи ги тука и средношколците, има право слободно, без притисоци и закани, да си ги искаже своите ставови. Никој не може да биде казнет за изнесен став, па дури и кога ставот не му се поклопува со оној на наставникот, стручниот соработник, директорот на училиштето или било кој друг авторитет. При тоа, на средношколците, како и на секој друг граѓанин на државава не им е потребна дозвола од било кој да си ги искажат ставовите.
Правото на говор може да биде ограничено само доколку говорот претставува говор на омраза, поттикнува извршување кривични дела, или истиот е елемент на кривичното дело.
Основно човеково право e и правото на мирен протест со кое се овозможува субјектите да можат да го изразат своето мислење за согласноста со определени дејствија преземени од државата и од институциите во истата. Мирниот протест особено е важен кога постои опасност молчењето да се сфати како одобрување, односно како давање согласност со постоечката ситуација.
Учениците имаат право да бараат јавни информации за функционирањето на училиштето или за начинот на кој ќе се организираат нивните испити. Имаат право и да не се согласат со предложениот модел, да бараат истиот да биде променет и прилагоден на околностите и условите.
Средношколците, како граѓани, имаат право да не се согласуваат со моделот за полагање матура и да протестираат со цел истиот да го променат.
Правото на протест е загарантирано со Устав, кој е највисок правен акт во државата и никој не смее да го оспори.
Притисокот кој се прави (вонредни родителски средби, заканување со изостаноци и последици од истите, т.е игнорирање на известувањето за бојкот на настава) е ништо друго освен кршење на граѓанските права и слободи на матурантите, а со тоа и на Уставот.
Надлежното министерство е должно, место деспотски да ја наметнува својата волја, да најде начин за дијалог со цел изнајдување соодветно решение.
Левица ги поддржува матурантите во нивното настојување низ институционални мерки, во склад со позитивните законски одредби да продолжат со своето барање соодветно решение во врска со начинот и формата на изведување на државната матура, а натаму ќе се залагаме за исполнување на нашата програмска определба: укинување на државната матура и воведување на приемни испити на факултетите.