СООПШТЕНИЕ ДО ЈАВНОСТ
Ја известуваме јавноста дека денес (9 август 2021 година), Правниот сектор на Политичката партија Левица, до Основното јавно обвинителство – Скопје, поднесе кривична пријава против претседателот на Собранието на Република Македонија – Талат Џафери, поради постоење основано сомнение за сторено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ – казниво по чл. 353, ст. 1 од Кривичниот законик на РМ, со запретена затворска казна од шест месеци до три години.
Пријавениот се терети дека – во својство на овластено службено лице, како претседател на Собранието на РМ – на ден 22 јули 2021 година, без да го врати на доработка и неопходно доуредување, а по претходен договор и координација со Владата на РМ, илегално го пуштил во собраниска процедура со „европско знаменце“, односно во брза и полна легислативна постапка, контроверзниот Предлог на Закон за изменување и дополнување на Законот за државјанството на Република Македонија – по скратена постапка, со што на пратениците им нанел директна и индиректна штета, преку узурпација на неприкосновеното субјективно пратеничко право на говор и фактичко оневозможување на правото на предлагање амандмани од страна на народните избраници во македонскиот парламент.
На овој начин, со своето свесно и злонамерно омисивно деликтно дејствие на пропуштање, т.е. неизвршување на својата службена должност (изрично стипулирана во членовите 136 и чл. 60 од Деловникот на Собранието на РМ + чл. 18 од Законот за Собранието на РМ + чл. 67 од Уставот на РМ) – спикерот Џафери, намерно и со предумисла, не се грижел соодветно и должно за примената на Деловникот на Собранието, иако знаел и бил должен да знае дека Предлог-законот во никој случај не ги исполнува деловничките услови, бидејќи истиот не врши никакво усогласување со било која регулатива или директива на ЕУ, туку лажно се наведени конвенции на Обединетите Нации и на Советот на Европа.
Очекуваме, надлежното ОЈО – Скопје, сериозно да ја земе во работа оваа наша издржана кривична пријава и по неопходниот распит на пријавениот, како и по комплетирање на целокупната релевантна документација за овој кривичноправен настан, да покрене обвинение против актуелниот претседател на Собранието на РМ, со што еднаш-засекогаш би се ставил крај на сè позачестената злоупотреба на „европското знаменце“ за шверцување штетни закони во парламентот.