За време на денешната посета на Република Македонија, генералниот секретар Јенс Столтенберг упати порака дека новата влада спровела значајни реформи во делот на владеење на правото, безбедноста и разузнавањето, со што го гарантирала просперитетот и безбедноста на сите граѓани. Со оглед на катастрофалната и деградирачка состојба во безбедносните служби, за која дури и министерката Шеќеринска најави дека потребно е да се приватизира, очигледен е фактот дека највисоките бирократи на НАТО-пактот единствено зборуваат за просперитет на приватниот капитал и елитите во сите клучни сектори на државата.
За ова сведочи и извештајот на Европската комисија, каде беше нотирано дека Владата не направила доволно напори за приватизација на ЕЛЕМ, додека „реструктурирањето” на „Тутунски Комбинат Прилеп”, како и приватизација на некогашниот државен гигант „Еурокомпозит Прилеп” (каде вработените со месеци немаат добиено плата) беа оценети како позитивни примери.
Евидентни се тенденциите на оваа власт за намерно уништување на јавните сектори (како здравството, безбедноста и железниците) – со единствена цел бизнисмени блиски до владејачкиот естаблишмент да профитираат од малиот процент јавни добра кои Владата на СДСМ не успеа да ги приватизира со разорната транзиција. За какво владеење на правото и просперитет зборува генералниот секретар Столтенберг, кога токму самото пристапување на Македонија кон НАТО-пактот беше изнудено со уцени, непочитување на волјата на граѓаните, кршење на уставните и законските процедури и амнестирање на криминалци кои десет години се богатеа од сиромаштијата на народот?
Оваа влада, како и претходната, ги продолжи политиките во корист на политичките и економските моќници, без никакви суштински промени во животот за мнозинството граѓани. Рудниците на Југоистокот и понатаму претставуваат најголема опасност по егзистенцијата на локалното население, стапката на корупција претставува истата како и во 2016 година, индустриските комплекси и понатаму загадуваат непречено и остваруваат енормен профит, бизнисот со канабисово масло е монополизиран од братот на премиерот Зоран Заев, а земјоделците со загрозена егзистенција ги фрлаат своите производи затоа што оваа власт не успеа да обезбеди откуп. За обичните граѓани ништо не е променето, само се променети лицата на угнетувачите!
Денешната средба уште еднаш го демонстрира лицемерието и приоритетите на западните елити, кои малите народи ги злоупотребуваат за своите геостратешки интереси и борби за доминација. Членството во НАТО-пактот не носи никаков добробит и благосостојба за граѓаните, туку единствено е во корист на најголемите земји на НАТО-пактот кои во име на “хуманитарни интервенции” бомбардираат и уништуваат мали народи кои не се потчинуваат на нивните интереси. Република Македонија е изградена врз темелите на антифашизмот, социјалистичките вредности, солидарноста и интернационализмот и нашето место не припаѓа во злосторнички пакт кој уништува држави и народи заради експлоатација на нивните природни богатства.
Против војните за профит на моќните држави, солидарност со опресираните народи ширум светот!
Президиум на Левица