Неосновани се барањата на Омбудсманот за продолжување на рокот на важење на Законот за неевидентирани лица со кој несоменено се врши лажирање на демографската структура во државата, за што доказ беа и нецелосни објавени резултати од пописот на населението. Веќе два пати беше продолжуван рокот на важење на овој закон, со што повторно продолжување на важноста претставува неодговорност.
Левица пред повеќе од една година го оспори овој закон пред Уставниот суд поради негова неусогласеност со Уставот и законите. Одредбите на законот во пракса произведуваат спорни ситуации кои негативно влијаат на општествено-правните односи и демографската структура во државата и тоа:
Трајноста на идентификациона исправа посочува на фактот дека по истекот на 5 години и уписот во редовната матична книга на родени лицето ќе се стекне со лична карта, па и државјнаство;
По уписот, лицето може да оствари право на образование, здравствена заштита, социјална заштита и вработување со задолжително социјално осигурување, до завршување на постапката за дополнителен упис во матична книга на родените со што апсолутно правата на овие лица се изедначуваат со државјаните на Македонија;
Примената на ваквиот закон значи дискириминација на граѓаните каде за едни важат построги правила, а за други важат вакви едноставни правила;
Непотребно се подрива системот на нормативна хиерархија и се руши концептот на владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок;
Власта со досегашното спроведување на овој закон докажа дека во континуитет работи на суптилно менување на демографската структура на населението во државата и сведување на македонската нација на ранг на посебни етникуми кои немаат ништо заедничко.
ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА
21 април, 2022