Градоначалникот на Општина Карпош, Стефан Богоев и градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов својата неспособност и неинтерес за потребите на граѓаните ја демонстрираат на сите полиња. Речиси цел еден мандат, овие два градоначалници и службите во општините не успеаја да го постават семафорот за пешаци во Влае.
Станува збор за семафорот на крстосницата на улицата „Ангел Динев“ со Булеварот „Партизански Одреди“ во населбата Влае. На оваа раскрсница веќе неколку години недостасува светлосната сигнализација за пешаците, што претставува отежнување на движењето на пешаците и вистинска закана за нивната безбедност. Дополнително, Стефан Богоев е вистинска закана за жителите на Општината и останатите пешаци кои поминуваат оттука. Иако непосредно се наоѓа надвозникот Влајко, пешаците не може да го користат бидејќи во голем дел од денот, а особено викенди, истиот е затворен за пешаци додека пак ескалаторите не се во функција.
Согласно членот 348 од Законот за безбедност во сообраќајот, режимот на сообраќај, вклучувајќи ја и комплетната хоризонтална и вертикална сигнализација на локалните патишта и улици ја утврдува локалната самоуправа, односно во овој случај Општина Карпош и Градот Скопје. За секое непостапување по овој член, во истиот закон е предвиден прекршочен налог со глоба во износ од 500 евра во денарска противредност која се изречува за службеното лице кое врши стручни работи во областа на сообраќајот на патиштата во Општина Карпош односно Градот Скопје.
Оттука, Левица ги повикува надлежните веднаш да ја постават потребната светлосна сигнализација, да го стават во целосна функција, 24/7, надвозникот Влајко, но и да постапат согласно казнените одредби од Законот за безбедност во сообраќајот. Доколку не го направат истото, Левица ќе поднесе прекршочна пријава.
Реакција на Локален Огранок Карпош.