РЕАКЦИЈА ДО ЈАВНОСТ
По донесениот Закон за попис на населението, Правниот сектор на политичката партија Левица, поднесе Иницијатива до Уставниот суд, со која бара поништување на законот, бидејќи истиот е противуставен и во колизија со други закони.
Ја информираме јавноста, дека во насока на фабрикување на демографската структура на државата, која ја спроведува Владата, не е само наведениот Закон за попис, туку и Законот за неевидентирани лица во матична книга на родени.
Овој закон предвидува формирање на посебна паралелна матична книга на родените за лица кои не се евидентирани во матичната книга на родени. Лицата кои ќе бидат впишани во оваа книга се лица кои живеат на територијата на Република Македонија и/или се родени на територијата на Република Македонија и притоа не се запишани во матичната книга на родени и немаат својство на странец со регулиран престој. Додека овие лица се упишани во посебната матична книга, добиваат идентификациона исправа (пандан на лична карта), која е со рок на важност од 5 години, бидејќи законот предвидува овие лица да бидат префрлени во редовната матичната книга на родени, по претходен упис од 5 ГОДИНИ во посебната паралелна матична книга.
Со овозможувањето на упис во посебната, а подоцна и во редовната матична книга, се заобиколува законски предвидениот прекршок за оние кои пропуштиле упис. По извршениот упис, лицето може да оствари право на образование, здравствена заштита, социјална заштита и вработување со задолжително социјално осигурување, до завршување на постапката за дополнителен упис во матична книга на родените, со што апсолутно правата на овие лица се изедначуваат со државјаните на Македонија. Дополнително на тоа, трајноста на идентификациона исправа посочува на фактот дека по истекот на 5 години и уписот во редовната матична книга на родени, лицето ќе се стекне со лична карта, која вооедно е доказ и за државјанство. Уписот во редовната матична книга на родени по 5 години и стекнување на можноста со тоа лицето да поседува лична карта и да се стекне со државјанство, е во колизија со Законот за државјанство кој е lex specialis за таа област. Па така, строгите услови за стекнување државјанство со природување предвидени во Законот за државјанство, се заобиколуваат и не важат за овие лица. Спротивност со Законот за државјанство значи и спротивност со Уставот, бидејќи во членот 4 се предвидува стекнување на државјанство врз основа на закон кој е lex specialis за таа област и никако поинаку.
Примената на законот за неевидентирани лица во матична книга на родени значи дискриминација на граѓаните, каде за едни важат построги правила, а за други важат вакви килави правила. Истовремено овој закон го руши принципот на владеење на правото како темелна вредност и создава неусогласеност на позитивното право.
ПОЛИТИЧКА ПАРТИЈА ЛЕВИЦА – ПРАВЕН СЕКТОР
2 февруари, 2021