Левица во целост го поддржува најавениот штрајк на гранскиот синдикат УПОЗ, кој е закажан да трае од 23 до 25 март и кој треба да кулминира со протест на 25 март. За нас, ова претставува автентичен изблик на синдикализам кој во нашето општество е систематски гушен, преку инсталирање на подобни и послушни кадри во синдикалните фотелји.
Застануваме во целост зад барањата на УПОЗ, особено зад барањето да се измени Законот за судска служба, во делот на начинот на одмерување и висината на предвидените казни. Во ова препознаваме уште еден начин за дисциплинирање и држење во покорност на судската администрација, чија професионалност и работничко достоинство свесно се ставаат во втор план, за сметка на владеачките интереси. „Сваровски судството” и доекипирањето на кадарот по партиски клуч е она што ги генерира лошите одлуки и задоцнетата правда.
Овој штрајк е предвесник на македонска синдикална пролет, која ќе ја врати довербата на работниците во синдикатите! Професионалните и чесни судски работници заслужуваат покачување на платите и надоместоците, а не казни!
Наши членови ќе изразат поддршка со свое присуство на најавениот протест на УПОЗ!
НЕМА ПРАВДА, НЕМА МИР!