„Драги другари и другарки, почитуван претседателе, почитувани претставници од президиумот на Левица, почитувани гости,
Ми претставува чест што можам да говорам на втората годишна конференција на Црвена Младина а истовремено чувствувам и голема одговорност. Одговорност да зборувам во вакви историски моменти во кои се наоѓаме во името на еден ваков политички подмладок каков што е Црвена Младина, а не е било каков. Тоа е подмладокот на партијата која ја ужива најголемата поддршка на младите во Македонија. А да бидете раководител на младината со најголема поддршка на младите во Македонија во пресрет на најважните избори кои и претстојат на Македонија а притоа соогледувајќи ги геополитичките превирања, претставува огромно бреме.
Меѓутоа, колку и да е предизвикувачка оваа политичка борба, ние никогаш нема да се жалиме. Ниту од мене, а ниту од членовите на Црвена Младина ќе слушнете некогаш жалопојќи и дефетизми. Напротив, секогаш од нас извираат храбри, мотивирачки и победоносни вибрации. Колку и да е тешко, ризично, ние никогаш нема да калкулираме кога се работи за нашата кауза. Ние план Б немаме. Друга татковина немаме. Друго оружје да се спротиставме на нашите класни непријатели освен Левица немаме. Да се спротиставиме на лажните идеи и илузии кои денес се сервираат пред работничката младина.
Во изминатата година која помина, Црвена Младина доживеа огромен раст. И покрај некои нетипични и неочекувани удари за нас од лево од десно од внатре и надвор кои ги примивме, сепак се покажавме како тврд орев и го положивме матурскиот испит.
Црвена Младина во претходната година не само што успеа да ги зацрта своите цели, туку и ги надмина. Покрај евидентниот раст кој е очигледен, Црвена Младина во претходната година успеа да ги зајакне и прошири своите меѓународни релации со идеолошки сродни младински организации и подмладоци а за тоа говори и присуството на драгите пријатели од Србија и Хрватска и честитките кои стигнаа од многу пријатели. Tоа беше една од нашите најважни цели за оваа година. Посетивме различни политички настани каде што наши претставници имаа можност достојно да ги претстават нашите политички заложби и нашата визија за младите од Македонија и светот . Од Белград, преку Баскија се до Пекинг и Москва, Црвена Младина имаше свои претставници.
Паралелно со тоа ја зацврстивме нашата структура и можеби за прв пат успеавме авентично да се наметнеме во медиумскиот простор со нашите препознатливи герила акции и флеш мобови. И сето тоа благодарение на нашите членови кои непокополебливо гинеа без размислување секогаш кога беше потребно. Во сите револуции младите се тие кои што први се жртвуваат, први што водат, први што преградуваат, први што трасираат нови патишта и рушат стари ѕидови. Така и младите на Левица секогаш беа на барикадите, на протестите против францускиот предлог, студентските протести, протестите за онкологија…
Меѓутоа многу фалење не е на арно, а да бидеме реални и брутално искрени, сето ова би било залудно ако ние не и помогнеме на партијата да ги оствари своите политички цели, впрочем затоа и постоиме.
ПРЕДИЗВИЦИ НА МЛАДИТЕ ВО КАПИТАЛИЗМОТ
Не можам а да не ги споменам повторно најголемите предизвици на младите. Во денешниот свет, младите несразмерно се оптоварени со сите зла на капитализмот. Оттаму, се прашувам, работи ли овој систем кон колективното ослободување на масите или е обликуван од сопствените интереси на капиталистичката буржоазија? Капитализмот, другари, се потпира на неговата единствената основна вредност – профитот. Токму оваа вредност ги обезличува нашите колективни напори, ја оцрнува суштината на човештвото и ја пустоши нашата планета. Оние кои се залагаат за капитализам може да тврдат дека тој претставува „слобода“, но ние мора упорно да се распрашуваме: Слобода за кого? Секако не за младите. Секако дека не за младите работници, оптоварени од студентските долгови, минливите изгледи за работа и непредвидливата иднина. Секако дека не за младите студенти од социјално ранливите категории.
Меѓутоа, свесни сме дека живееме во времиња каде што сите овие проблеми кои ги имаат младите, како невработеноста, пристапот до образованието, иселувањето, апатијата не се аномалии, туку просто очекувани исходи на систем кој го приоретизира профитот пред луѓето.
Одговорот за проблемтие на младите секогаш ќе лежи во вродените противречности на капитализмот, каде богатството секогаш се акумулира на врвот додека мнозинството се бори да врзе крај со крај. Онаму каде што корпорациите добиваат пакет кризни мерки, а на младите им доцнат стипендиите по шест месеци. Онаму каде што банките остваруваат рекордни профити во криза, а на младите им се вели, подголтнете уште малку, причекајте, ако не следниот понеделник, другиот петок. Онаму каде што студентските домови изградени за време на „мрачниот социјализам” денес се распаѓаат. Онаму каде што има пари за тренирање на магариња, а нема пари за изградба на нови студентски домови.
Зошто?
Дали ова е природниот пат на нештата? Не, тоа е конструкција на систем дизајниран да им користи на малкумина на сметка на многумина.
НЏО СЕКТОР
Систем кој има многу лаги. Една од големите лаги на капитализмот, која служи за одржување на илузијата за промени и илузијата на слободата, е невладиниот сектор. Невладиниот сектор, кој, не само што го толерираат, туку и го охрабруваат сите влади во повеќето земји од колективниот запад, се верува дека е поле за борба против неправдите, антипод на власта и начин за вклучување на луѓето во политичките промени.
Спротивно на вообичаеното верување, неговата вистинска функција е јасна:
• Да се создаде илузија на борба за промени;
• Да биде алтернатива на вистинскиот политички активизам;
• Да биде медиум меѓу народот и владата, а со тоа да се смират масите; и преку тие организации да го канализираат гневот на масите во легално, мирно, контролирано и сосема безбедно незадоволство за власта;
• Да се создаде добра слика за корпорациите кои го финансираат како грижливи и филантропски компании, со што се промовира консумеризмот и се зголемува нивниот профит;
• Токму затоа НЏО секторот го гледаме како исклучиво прокапиталистички сектор кој ги слави и пропагира нехуманите капиталистички вредности, а со тоа ги отуѓува младите од вистинскиот политички активизам.
Но кој го финансира невладиниот сектор? Двајцата финансиери на невладиниот сектор на глобално ниво се корпорациите и владите. Тоа не е поинаку и кај нас, каде од државниот буџет се издвојуваат големи суми за финансирање разни проекти на невладини организации, но најголем дел зависат од парите на капиталистите кои ги добиваат преку домашните филијали на глобалните фондации на големите капиталисти. (како што е „Институт за отворено општество“ на Фондацијата Сорос) или преку средства од странски фондации (како што се американската УСАИД, германската фондација Фридрих Еберт и Роза Луксембург итн.).
Понатаму, Европската унија е уште еден главен финансиер на невладиниот сектор преку нејзините фондови и програми на ЕУ, кои главно, ако не и исклучиво, се влеваат во организации кои застапуваат про-ЕУ политики. Затоа сега ќе гледаме пред избори како никнуваат медиуми, младински организации кои ќе ни продаваат европски бајки, ќе не убедуваат дека европа е најсексипилната дама, а не разбираат дека на младите повеќе тоа не им е фетиш и дека евроскептицизмот кај младите е најголем од било кога претходно. Ќе не убедуваат влезот на бугарите во уставот е единствениот пат кон иднината. Но, напротив, тоа е единствениот пат кон минатото. Мрачното минато каде што позади флоскулите за „човекои и малцински права” се крие сонот за Сан – Стефанска бугарија. Мрачното минато кое Бугарија не сака да го признае, а тоа е дека децата на Ваташа биле стрелани. Дека Стив Наумов, Страшо Пинџур, Мире Ацев ѕверски биле егзекутирани. И ние младите, сме свесни за тоа! А на фашистите им се тресат коските од младите! Како што им се треселе за време на НОБ.
Да правиме паралели на борбата на младите од некои други времиња со денес, можеби не е соодветно, затоа што секоја генерација минува низ одреден историски период кој има сопствени економски, културни и политички услови кои влијаат врз мислата и погледите на младите. Младите за време на НОБ согледувајќи ги околностите и историските услови едноставно немале друг избор освен да бидат предводници на една таква народно ослободителна борба каква што беше. А денес младите повторно согледувајќи ги околностите и историските услови НЕМААТ ДРУГ ИЗБОР ОСВЕН ДА СЕ ПРИКЛУЧАТ НА ЛЕВИЦА И ДА БИДАТ ПРЕДВОДНИЦИ НА АНТИ–ФАШИСТИЧКОТО ДВИЖЕЊЕ ДО КОНЕЧНАТА ПОБЕДА.
Меѓутоа денес, за разлика од минатото современата класна војна се води со идеи наместо со оружје. Затоа и мисијата која е поставена пред нашата организација
следејќи ја традицијата на работничката култура и нејзините класни интереси, покрај заложбата за регрутирање на младите кон редовите на Левица и Црвена Младина, таа е и должна да предводи во оттргнувањето на младата популација од влијанието на сите бои и нијанси на капитализмот, империјалистичката култура, индивидуализмот и консумеризмот.
За жал денес и работничката младина лесно ги прифаќа неолибералните идеи како свои. Индивидуализамот проповедан од интернет гуруа преку кои се глорификува и фетишизира истиот и се идолизираат „self-made millionaires”. Но да не заборавиме дека истите тие гуруа и милионери најчесто живеат во држави кои имаат колонијалистичко минато, кое своето богатство, ресурси ги стекнале експлоатираќи милиони робови и земји. Земји кој и ден денес преку нео-колонијалните практики не поробуваат. И додека вие се индивидуализирате и оттуѓувате од самите себе, истовремено ќе гледате како се појавуваат општествено – одговорни компании. Како сега макпетрол што прават кампања против булинг додека истовремено прават милионски профити додека има деца што гладуваат.
Булинг е кога некое талентиран ученик кој има потенцијал не може да си дозволи да продолжи со своето образование поради материјалната состојба во која се наоѓа тој и неговото семејство. Значи кога корпорациите финансираат проекти за помош на сиромашните, на децата, на болните и други загрозени категории, или пак за заштита на животната средина, тоа го прават токму за да изградат имиџ на грижливи компании и со тоа да ги поттикнат луѓето да купуваат од нив и да го зголемуваат нивниот профит. Очигледно веруваат дека нам треба да ни е прифатлива логиката дека Apple, на пример, експлоатираат милион и пол работници низ Азија, кои работат по 14 часовни смени, живеат во хангари во самата фабрика и годишно заработуваат едвај колку што вреди еден iPhone; ама тоа е океј, затоа што, ете, еднаш донирале 2000 вакцини против маларија.
Да се биде „филантроп“ стана дел од имиџот на секој ултра-богат капиталист, кој веројатно се надева дека угнетените маси ширум светот помалку ќе сакаат да го обесат ако знаат дека одвоил некој долар за гладните во Африка.
Хипериндивидуализамот, стигматизацијата на емпатијата и солидарноста, ги истенчи нашите колективни врски. Го прошири, како подмолен анти-социјален токсин, она што Маргарет Тачер го проповедаше: „не постои општество“. Во свет со меѓународни институции и организации кои работат во интерес на неколку држави, во систем кој е креиран да го приоретизира профитот пред луѓето, да советувате дека индивидуализмот и индивидуалната борба е решение е исто како во опожарена куќа да мафтате со кујнска крпа. Или како да одите во војна со петарди.
Но тука можеби ќе си речете а зошто јас? Па, има други. Ќе чекам некоја млада идеалистичка будала. Сигурно од некаде ќе се појави некој Јан Палах. Ќе се самозапали или слично, па ќе го сликам за на инстаграм. Некој друг ќе се појави на барикадите и ќе се спротистави, место мене. Има будали денес. Зошто јас да се замарам? Јас ќе си гледам за себе. Кариера, ведра иднина и како и да оди тоа понатаму, според општо-прифатениот профил на успешен млад човек. Ќе живеам како останатите, конформистички. Можеби и се плашите да не го потрошите залудно времето.
Но, немој никогаш да се плашите дали ќе потрошите залудно време, дали ќе преживеете или проживеете.
Затоа што вистинската штета доаѓа од милионите луѓе кои сакаат само да “преживеат”. Од чесните луѓе кои сакаат само да бидат оставени на мира. Оние кои не сакаат нивните мали животи да бидат вознемирени од нешто поголемо. Оние кои не заземаат страни и кои немаат каузи.
Оние кои не сакаат да направат бучава – или непријатели. Оние за кои слободата, честа, вистината и принципите се само празни зборови. Оние кои живеат површно, се дружат површно, умираат површно. Тоа е редукционистички пристап кон животот: колку е помал сопствениот живот, толку е полесен за контролирање. Ако не направите бучава, вампирот нема да ве пронајде.
Но, сето тоа е илузија, бидејќи и тие умираат, оние луѓе кои ги завиткуваат своите души во мали, ситни топчиња за да бидат безбедни. Безбедни?! Од што? Животот е секогаш на работ на смртта; тесните улици секогаш водат до истото место како и широките патишта. И мала свеќа ќе догори исто како и огнен факел. Ние другари, го избравме сами својот начин на кој ќе гориме.”
Да живее Македонија!
Да живее Левица!
Да живее Црвена Младина!