Новото поскапување е такво што најголемиот број граѓани на Македонија не можат да се носат со истото. Во оваа категорија се вбројуваат и вработените во образование кои со години наназад се борат за достоинствено вреднување на нивниот труд со цел да си го вратат местото во општеството што им припаѓа, но особено со цел да ѝ го вратат дигнитетот на професијата, затоа што сѐ во општеството почнува од образованието или од недостатокот на образование.
Не толку одамна јавноста беше преплавена со реакции во врска со штрајкот преку кој образовните работници си ги побараа правата, а потоа, откако штрајкот беше загушен, со фалби дека во образование се случило „историско“ покачување на платите. А не дека се случило, туку ќе се случело од октомври, при исплатата на септемвриските плати.
Не смее да се заборави и Голготата на вработените од детските градинки на кои не им е исплатена априлската плата иако веќе е јуни, а ќе им биде исплатена намалена за околу 6000 денара.
Далеку пред датумот определен за наставниците да почувствуваат било каков бенефит од толку префаленото покачување на плати, принудени се да смислат начин како да преживеат, бидејќи од ветувања не се живее, освен ако човек не е корумпиран политичар со образ од ѓон!
Важно – штрајкот беше загушен, а за септември… далеку е да мислат, имаат цело лето да смислат нови закани, уцени и заплашувања за работниците во образование.
Вработените во образование кои што Левица ги поддржа како што ги поддржува сите работници кои се борат за унапредување на работничките права треба да ги сумираат резултатите од штрајкот и да ги согледаат причините поради кои образованието се наоѓа во таква состојба.