Добредојдовте на официјалната веб-страница на Левица

More

    Загубите не смеат да се поопштествуваат, а профитите да се приватизираат – енергетскиот сектор мора да е стабилен и државен!

    Знаејќи за очајната енергетска состојба во Македонија, Левица во својата Политичка програма, во делот за енергетика, даде неколку решенија за ублажување на она денес што ја снајде Републиката.

    Од тогашната, а и сегашна власт, тие решенија беа критикувани во правец дека со тоа се нарушува слободата на пазарот и конкуренцијата, за да денеска истите тие решенија, закаснето и половично, ги спроведува преку т.н. „принудна управа“ на БЕГ и делење милионски суми буџетски пари на приватни енергетски компании, позади кои стојат сомнителни бизнисмени.

    Левица укажува дека е недозволиво за една сериозна држава набавката на природен гас потполно да зависи од приватни компании (како, на пример, „Мак Петрол“) или, пак, од мали оф-шор фирмички, организирани како ДООЕЛ, без никаква општествена одговорност. Недозволиво е овие бизниси да снабдуваат државни институции и компании со струја и гас и да прават енормни екстрапрофити на терет на Буџетот, кој го полнат граѓаните, а во време на првата енергетска криза, сред грајна сезона – истите да креваат раменици и да бараат државата да го реши проблемот кои тие го создале.

    Во делот на снабдувањето со гас, под итно е потребно да се национализира БЕГ и што побрзо Регулаторната комисија за енергетика да издаде лиценца на ново градско јавно претпријатие, кое директно ќе преговара со странските компании кои се сопственици на гасот.

    Во делот со снабдувањето на електрична енергија, под итно е потребно активирање на државната „ЕЛЕМ Трејд“ во снабдување на сите државни, општински и јавни институции (болници, градинки, училишта, факултети) со енергија од ТЕЦ „Неготино“ – која, во моментов, а и во догледно време ќе биде дупло поевтина од онаа струја која сега, на наводниот „слободен пазар“, ја плаќаат овие институции.

    Повикуваме и на стопирање на сите штетни процеси за продажба на енергетски потенцијали на странски компании! Истите треба и мора да бидат во државна сопственост, како дел од капиталните и стратешки инвестиции на Република Македонија.

    Укажуваме дека, доколку се распродадат и овие последни македонски национални ресурси, кои се бројат на прсти, државата засекогаш ќе остане енергетски зависна, а со тоа ќе го изгуби основниот параметар за државност.

    Стоп за приватизацијата на енергетиката!

    ЛЕВИЦА – Сектор Енергетика

    Најнови објави