Предвремените избори на 11 декември 2016 завршија, а резултатите нема да ја разрешат политичката криза!
Поминаа уште едни карактеристични избори во Република Македонија, проследени со емотивен набој и апокалиптични описи и наративи. Владејачката гарнитура овие избори ги прогласи за „референдум за опстанокот на Македонија“ и главната кампања беше проследена со постојани закани од наводна федерализација и двојазичност, политички спинови. Покрај тоа, стандардните механизми за притисок и уцени и овојпат играа значајна улога во задржувањето на гласачката машинерија. По се` што се случи и слушна, ВМРО-ДПМНЕ освои околу 450 илјади гласови, што претставува само благ пад во споредба со 2014 година, кога освоиле околу 480 илјади гласови. Ова е доказ дека нивниот систем на контрола и манипулација воопшто не попуштил. Исто така, не попуштил ни нивниот идеолошки наратив, кој успева да се наметне кај оние гладни за национализам и сензација.
Главниот пропуст во политичка битка е секогаш потценување на противникот. Овојпат, анти-режимската еуфорија, создавана месеци наназад, беше доволно силна за да фрли магла врз реалниот животен тек и да ја прецени сопствената агитациска моќ и моќ за нудење на решенија. Па така, многумина изненадени од изборниот резултат на ВМРО-ДПМНЕ, пребегнуваат кон стандардните навреди кон гласачкото тело, веќе видени и слушнати во јавниот простор „човечиња“ „овци“ и слично, без да се направи и најмал напор да се сфати дека за пад на оваа автократска структура, потребно е и дел од тие луѓе(макар и мал дел) да му завртат грб на ВМРО-ДПМНЕ. Главниот заклучок е дека каде што има сиромаштија не може да има демократија. Во ситуација кога некој е материјално несигурен, без стабилна и гарантирана работа, без можност за достоен живот, илузорно е од него да се бара да размислува за големите наративи како „слобода и демократија“. Потребна е социјално-економска и културна еманципација, или да го парафразирам Ајнштајн „празниот стомак е секогаш лош политички советник“. По се` изгледа, оваа е фабричка грешка во идеологијата на либерализмот (макар бил и лев), што сите ја согледуваат, освен самите либерали.
Изборниот резултат на коалицијата на СДСМ не може да се потценува, скокот од 150 илјади гласови е евидентен во споредба со претходните избори, како и бројот на освоени пратенички места. Исто, значителниот број на освоени гласови од албанскиот електорат даваат знак дека постои простор за надминување на етно-политиката во Република Македонија. Сепак, постизборната еуфорија и прогласувањето на голема победа и триумф на некаква „граѓанска волја“ е погрешен од повеќе причини. Прво, реултатите се доволно блиски и оставаат само простор за понатамошно продлабочување на политичката криза, а не за нејзино разрешување. Второ, можните коалициски маневри оставаат простор за сомнеж околу позитивната разврска на целата ситуација. Трето, можноста за немири и вонинституционално делување секогаш постои, ако се земе во предвид бројот на поддржувачи на ВМРО-ДПМНЕ и изјавите на потесното партиско раководство овие денови.
Разврската на оваа тензична ситуација е можна и во формирање на „Влада за национален спас“, под диктат на меѓународната заедница, чиј главен интерес е произведувањето на стабилност на овој простор, а се` друго е или во втор план или тотално небитно. Формирањето на политичка влада ќе биде тешко, пропратено со нестабилност и уличен притисок, произведувајќи ситуација во која за многу брзо време ќе има нови избори, поради тесниот резултат на овие избори.
Левица – огнено крштевање!
Левица настапи со минимални финансиски средства, но со силен дух и оптимизам, нудејќи алтернативна програма за организирање на општеството. Имајќи во предвид дека ова беа први избори на кои настапивме, пропратени со многу ограничувања кои може да ги има мала левичарска партија, според мене резултатот од над 12 илјади гласови не е воопшто лош. Секако, очекувавме подобар резултат и влез во Собрание, но нашите очекувања за да станеме парламентарна партија не се исполнија. Нормално, Левица ќе помине низ процес на внатрешна анализа на изборниот резултат и ќе научи од сопствените грешки, бидејќи нема безгрешни во политиката.
Појавата на Левица на овие избори како самостоен субјект отвори многу прашања и дилеми кај критичката јавност. Имено, стандардните обвинувања за „платеници на режимот“ и овојпат беа лансирани во јавноста, без притоа да се понуди никаков доказ за истите тврдења. Овие спинови од страна на опозициски настроените активисти, новинари, интелектуалци (дури и одредени кандидати за пратеници на СДСМ се впуштија во обвинувања) беа и се` уште се на нивото на тврдењата за „странски служби“ од страна на владеачката гарнитура.
Исто така, треба да се земе во предвид, појавувањето на една група „загрижени“ членови од Централниот комитет кои обзнануваат фракција неколку дена пред изборен молк и нејзиното форсирање во јавност. Овие „загрижени“ членови сосема „случајно“ одбраа три дена пред изборниот молк да ја оспоруваат одлуката за самостоен настап на изборите и притоа ултимативно да пресекуваат дека коалиција со СДСМ била нужна, без да се помират со мнозинската демократска одлука на Централниот комитет за самостоен настап, поддржана од најголем дел од членството на Левица. Имено, емоционалните уцени за тоа дека гласот за Левица е „фрлен глас“ и користењето на Донтовиот модел како изговор, се дел од оваа црна кампања која во одредена мера наштети на изборниот резултат. Секако, тој изборен резултат немаше да биде спектакуларно висок, но ќе беше прилично подобар од ова што е сега.
Просторот за јасно артикулирање на класна политика и борбата за општество на социјална хармонија, се` уште постои. Ова е само почеток. Искрата во мракот допрва ќе станува пламен.
Дејан Лутовски, член на Президиумот на „Левица“