ИНТЕРВЈУ НА МУСТАФАОГЛУ ЗА ДСП ЛЕНКА: Феминизмот се развива во многу погрешна насока

дарја мустафаоглу

Loading

Тагови:

Донирај онлајн

Го пренесуваме интервјуто објавено од ДСП Ленка на 05.01.2024 година:

„Ја имавме честа и привилегијата младата правничка, стравот и трепетот во советот на општина Ѓорче Петров, Дарја Мустафаоглу да одвои дел од својот многу зафатен распоред за да поразговараме на тема кои се предизвиците за поголема активна вклученост на женскиот род во политиката како и во општественото живеење во Македонија.

Што Ве мотивираше активно да се вклучите во политиката и како започна Вашиот пат како политичарка?

Д.М: Решив активно да се вклучам во политиката сметајќи дека во држава каде владеат стрвни елити насочени кон труење на секој домен – злосторство и мазохизам е негување на индиферентен карактер или претопување во масата на безнадежни.
Апсурдно за мене е тоа што кадарни сограѓани ја согледуваат некадарноста на оние кои управуваат со државата, но сепак без никаков отпор дозволуваат да бидат угнетени и на тој начин ја задоволуваат неправдата во хиерархијата.

Факт е дека во овие услови најлесен начин да се преживее е климање со глава, негување на себичноста, потиснување на карактерот, помирување или играње согласно неправедните правила на игра… Меѓутоа на долг план тоа води до сѐ потемен амбис и сѐ потежок предизвик за идните генерации и општо државата.

Како можат и што треба да направат политичките партии да бидат поинклузивни и поприфатливи кон жените политичарки и лидерки?

Д.М: Феминизмот и стремежот за поставување жени на влијателни позиции забележувам дека денес е култивиран и се развива во многу погрешна насока.

Криминалниот ум на маж не треба да биде само заменет со ист таков на жена; Опресијата, суровоста на лидер маж, не треба да бидат само заменети со женски лик кој негува идентични амбиции; Кариеристичкиот, конзумеристичкиот, опортунистичкиот дух на маж, не треба да биде само заменет со идентичен таков на чело со жена. Ваквите практики доведуваат единствено до почитување на квотата и “поповолна статистика“ за застапеноста на жените на раководни позиции, но никако до посакуваните општествени промени… па допринесуваат дури и до создавање на една генерална слика за неспособност на жените да се справат со проблеми и предизвици.

Повеќето од политичките партии во Македонија поставуваат жени на влијателни функции според “критериуми“ на внатрепартиски непотизам, поволна имотна состојба, жена од статуирана фамилија и сл. Воочувајќи ги ваквите критериуми, жените се обесхрабрени од било каква борба за докажување на своите квалитети. Политичките партии кои имаат искрени цели насочени кон општо добро, треба да создадат и докажат прифатлив амбиент за “обичните“ жени – оние кои ги живеат општествените проблеми, оние кои ја воочиле сржта на проблемот, на оние на кои им се блиски импликациите на проблемите… само тие можат да ја донесат промената и да ги откоренат тешкотиите на народот.

Кои сметате дека се клучните бариери кои ги обесхрабруваат жените да влезат во политиката и како можат тие да се надминат?

Д.М: Овој систем не може да одговори на сѐ уште актуелното “женско прашање“, односно да понуди мерки за ослободување на жената, бидејќи секој обид за одгатнување на ова прашање води до реалноста на суровоста на капитализмот и особено отежнувачката положба на жената во него.

Затоа, се прибегнува кон банализирање на феминизмот, се нудат фиктивни мерки, козметички прописи кои ја затрупуваат реалноста и се пласираат како успех, а кајмакот најчесто го собираат жените кои не се гласот на мнозинството жени во Македонија.

Затоа и наместо впуштање во сржта на проблемот за слабата инволвираност на жените во политиката, фокусот е на површината, па како решение се нудат квоти, борби против говорот на омраза, справување со сексизмот итн.

Дали квотите придонесоа кон учество на политичката сцена на сиромашните жени? Дали буржујките се дестимулирани да се втурнат во политика поради говорот на омраза? Дали некоја од познатите функционерки се повлекла од политика поради сексизам?

Актуелните квоти сами по себе не се решение сѐ додека системот е скроен на начин да политиката е попристапна за слободно впуштање во неа на богаташите кои имаат време и/или личен интерес да се занимаваат на ова поле.

Сексизмот и говорот на омраза кон жените политичарки би бил надминат со поголем квантитет на жените на политичката сцена, но притоа имајќи го предвид нивниот квалитет односно адекватност и допир со реалноста на мнозинството.

Од вака поставените тези, доаѓам до сржта на проблемот за тоа зошто политиката сѐ уште важи за машка работа…
Зарем обичната жена е информирана за постоењето на т.н. квоти, и доколку е, би си рекла „Супер прилика за политички да се ангажирам“ или ќе каже „Немам време за тоа… работни, па домашни обврски…“?

Зарем поголеми шанси да се занимава со политика има текстилна работничка (секојдневно експлоатирана на пазарот на трудот, не само како генерализирано работништво, туку токму како жена работничка) или нејзината газдарица? И дали воопшто текстилната работничка има време да се информира за политичките случувања?

Жена од семејство на непривилегираната класа, со член принуден на операција на приватно поради руинирано јавно здравство; семејство загушено во кредити; жена желна да му приушти квалитетно образование и живот на своето дете – “вишокот време“ ќе го пополни со дополнителен работен ангажман и ставање во погон на “женските способности“ пренесувајќи ги редовните домашни обврски и во туѓи домови.

Тука е и матрицата наметната од мејнстрим партиите за жени со потенцијал за политичарки и одбивање на промовирање, игнорантски однос од нивна страна кон жените со “просечна“ или поконкретно “женска професија“.

Недоволните капацитети во градинките, отсуството на дневен престој – ќе ја примораат жената на отказ од работното место и надополнување на образованието и грижата за детето која државата не успеала да и ја понуди. Па така, во улога на домаќинка – за неа не постојат шанси да се вклопи во калапот на успешни жени со потенцијал за политичарки промовирани од поголемите партии.

Решението го наоѓам пред сѐ во солидарноста, градење на антикапиталистички фронт, што е можно поголемо искоренување на неплатениот домашен труд и инвестирање, јакнење на државното, општото, јавното, како и спротивставување на патријархалниот морал.“

Интервјуто e спроведено од Кристијан Димков и интегрално објавено на веб страната на ДСП Ленка

Loading

ПОСЛЕДНИ ОБЈАВИ