Почитувани,
Денес, четврток, 11 јануари, во 12.00 Левица ќе организира протест пред маркетот Веро 5 – Скопје во близина на Автомото сојузот на Македонија (АМСМ) и поликлиниката Идадија. Повод за протестот ќе биде отпуштањето на работничка од страна на Веро за време на користењето боледување од нејзина страна.
Со месеци наназад, Левица нуди правна помош на работниците чии работнички права се прекршени. Во процесот, бевме сведоци на недостатокот на моќ и волја на надлежните институции да се справат со проблемите кои ние ги пријавуваме, па отсега сме приморани на порадикален начин да бараме овие закони да се почитуваат. Нивната намена не е само да постојат на хартија – за нив работниците макотрпно се избориле, за да уживаат барем малку слобода, дури газдите го цедат и последниот денар профит од нив.
Работничките права мора да се почитуваат. Законот забранува отпуштање работници за време на одобрено отсуство заради болест или повреди, бременост, раѓање и родителство, нега на член на семејството и неплатено родителско отсуство. Законот налага отказот да биде врачен во писмена форма за да може работникот да поднесе приговор и потоа да поведе судски спор против одлуката на работодавачот.
Газдите си дозволуваат да не ги почитуваат правата на своите вработени. А кога работниците не им се послушни до максимална мера, веднаш посегаат по отпуштањето. Пред таквото однесување на газдите не смее да се замижува. Левица цврсто застанува во одбрана на работничките права и нема да дозволи да се прекршуваат во практиката. Така било досега, така ќе биде и отсега.